Не, Лагард не изјавила дека „старите живеат премногу долго“

Наводниот цитат на Кристин Лагард дека животниот век на старите лица ја загрозува економијата се шири од 2012 година, а во овој период почнува повторно да се споделува на социјалните мрежи, со таа разлика што сега се поврзува со корона-вирусот. Нема никакви ни писмени ни аудиовизуелни докази дека Лагард го изјавила тоа што ѝ се припишува. И од Европската централна банка за шпански сајт за проверка на факти потврдиле дека тоа не е нејзин цитат, кој е вирален веќе неколку години. Целта на оваа објава, која преставува теорија на заговор и сервира лажни информации, е да се шири антиваксерска пропаганда

 

Фејсбук-објава, која шири лажни информации, тврди дека претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) и поранешна директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард, ја дала оваа изјава:

Старите лица живеат предолго и тоа е ризик за глобалната економија. Мораме да преземеме нешто итно.

Во објавата има две фотографии од Лагард. На втората е напишана изјавата што ѝ се препишува на Лагард, а над неа пишува: „Пензионери чувајте се од вакцините, короната е измислена поради вас“.

Ова тврдење е неточно и има цел да крева паника и да шири страв, а со тоа и да се споделува пропаганда против вакцините, во период кога почнува процесот на вакцинација за да се заштити светското население од корона-вирусот.

Наводниот цитат на Лагард дека животниот век на старите лица ја загрозува економијата се шири веќе неколку години, а во овој период почнува повторно да се споделува на социјалните мрежи, со таа разлика што сега се поврзува со корона-вирусот.

Иако сега се споделува во контекст на пандемијата со ковид-19, оваа изјава на интернет циркулира многу пред оваа здравствена криза. Податоци дека Лагард изјавила вакво нешто може да се најдат и во 2012 година, како објава на шпански блог. Ова е цели осум години пред појавата на корона-вирусот и пандемијата што тој ја предизвика. Па така, нема никаква логика да се тврди дека пандемијата почнала по оваа изјава.

Нема никакви ни писмени ни аудиовизуелни докази дека Лагард го изјавила тоа што ѝ се препишува. И од Европската централна банка за шпански сајт за проверка на факти потврдиле дека тоа не е нејзин цитат, кој е вирален веќе неколку години.

Од каде потекнува фразата што ѝ се препишува на Лагард?

Во 2012 година Меѓународниот монетарен фонд објавил Извештај за глобалната финансиска стабилност, а на прес-конференцијата на која се презентирал извештајот Лагард не била присутна. Во тој документ, во поглавје 4, ММФ предупредува за финансиското влијание и ризикот од долговечност.

Објавата на овој документ се совпаѓа со годината (2012) кога првпат може да се забележи наводната изјава на Лагард. Од оваа причина, зборовите што ѝ се припишуваат на Лагард, најверојатно се базираат на овој извештај, иако овој цитат не се појавува буквално во извештајот, ниту, пак, Лагард ги изговорила овие зборови.

Целта на оваа објава, која претставува теорија на заговор и сервира лажни информации, е да се шири антиваксерска пропаганда. Одвраќањето на пензионерите да се вакцинираат поради измислена изјава е во најмала рака опасно и неодговорно. Доколку и макар еден пензионер поверува во оваа дезинформација, може да биде ризично за здравјето и животот на оваа старосна група на граѓани.

Затоа, без разлика на која возраст сте, следете ги информациите што ги пласираат официјални институции и не верувајте на каква било објава на социјалните мрежи, особено ако за тврдењата што се изнесуваат не се приложени цврсти и непобитни докази.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.