На споделеното видео не е претставена ниту заштитна маска ниту ПЦР- тест, како што се тврди во постот, туку е направен манипулаторски обид да се направи паралела меѓу паразити што излегуваат од скакулец, со наводно постоење на исти такви паразити во заштитната опрема и во тестовите за детекција на корона-вирусот. Во постот преовладува тврдењето дека ПЦР-тестот и маската содржат нано-честици, кои при земањето на брисот се пренесуваат во мозокот и на пациентот му предизвикуваат Моргелонова болест, но овие тврдења се невистинити и невтемелени во фактите. Влакната пронајдени на заштитните маски и стапчињата за земање брис за ковид-19 немаат врска со оваа болест, ниту претставуваат опасност за личноста што носи маска или се тестира за ковид-19. Се работи само за текстилни влакна, кои во никој случај не се живи и немаат можност да се движат. Уште во 2012 година за оваа состојба се пишувани научни студии што сугерира дека дефинитивно таа е присутна уште многу години пред да почне пандемијата со корона-вирусот
Тоа што помина една година по официјалниот старт на пандемијата со корона-вирусот во земјава, не претставува проблем за машината на конспирациски теории да копа во нови и досега неисцрпени заговори за да пронајде материјал со кој кај граѓаните ќе се создаде сомнеж, страв и паника.
На почетокот беа лагите дека со ПЦР-тестот се пробива мозочната мембрана, потоа дека од авиони се прска корона-вирусот, куп дезинформации дека маските предизвикуваат хипооксија. Антивакциналните наративи го следеа и стартот на вакцинацијата ширум светот, но сега, на сцената настапува нова и досега неискористена техника за да се обесхрабрат граѓаните да не носат заштитни маски, кои се едно од главните оружја за спречување на ширењето на корона-вирусот.
Во постот, кој е споделен на „Фејсбук“ и има постигнато виралност од над 170 интеракции, се тврди следното:
МОРГЕЛОНИ!!!!Чудните влакна налик на црви кои излегуваат од заштитните маски и од ПЦР-тестовите за ковид-19 наречени МОРГЕЛОНИ, пред десетина години беа детектирани откако во светот се појави чудната моргелонова болест. Научниците од Русија открија дека моргелоните се од нежива природа и се нешто налик на нано биотички честички, со еден збор нанороботи. Истиве моргелони ги има во кем трејловите кои се распрскуваат од авиони низ целата планета. Да заклучиме, целава приказна околу ковидот е дел од проектот Трансхуманизам или претворање на човекот во полу човек полу робот, налик на Боргите од научно фантастичната серија Ѕвездени патеки креирана од Џин Роденбери познатиот Розен Кројцер и борец против темните светски елити. Погледнете го видеото направено во Русија и сами донесете заклучок и истражувајте понатаму.
СКАКУЛЦИ И ПАРАЗИТИ
Во прилог на ова тврдење, е прикажан видеоматеријал, на кој се гледа како од жив скакулец излегуваат паразити. На споделеното видео не е претставена ниту заштитна маска ниту ПЦР тест, туку е направен манипулаторски обид да се направи паралела меѓу паразити кои излегуваат од скакулец со наводно постоење на исти такви паразити во заштитната опрема и тестовите за детекција на корона-вирусот.
Едно стапче за земање брис и камера се доволни за пандемијата да се поврзе со еден куп неиздржани тврдења што создаваат сомнеж кај граѓаните и дефокус, што негативно влијае и на самото сузбивање на пандемијата и на нејзиното признавање како реалност, за што на нејзиниот почеток не ни постоеше сомневање дека ќе се случува.
Во секој од овие наративи, па и во постот што го рецензираме, превладува тврдењето дека ПЦР-тестот и маската содржат нано-честици кои при земањето на брисот се пренесуваат во мозокот и на пациентот му предизвикуваат Моргелонова болест.
Иако видеото потекнува од германското говорно подрачје, вирално е во целиот свет, а стигна и во Македонија. Сите овие тврдења се невистинити и невтемелени во фактите.
ШТО Е МОРГЕЛОНОВА БОЛЕСТ?
Неофицијално наречената Моргелонова болест предизвикува контроверзии во медицинските кругови. За некои е болест, за други психичко нарушување. Тоа е лаички дијагностицирана и недокажана состојба на кожата, која се карактеризира со чешање и раст на влакнест материјал од рана. Досегашниот консензус на медицинската наука е дека таа состојба предизвикува низа психолошки халуцинации. За Моргелонова болест само во мали дерматолошки кругови постои сомнеж дека се работи за неидентификуван причинител на инфекција во вид на микроби.
Доминантниот став е во прилог на манифестацијата на менталното нарушување. Раните на кожата за кои се тврди дека се резултат на Моргелоновата болест, настануваат од компулсивно гребење, а утврдено е дека влакната потекнуваат од облека или друг текстилен материјал кој се лепи за раните. Иако голем број луѓе во светот самостојно се дијагностицираат со Моргелонова болест, ниеден случај досега не е докажан. Не е реткост пациентите да пријавуваат дека чувствуваат како под кожата им се движат инсекти или паразити, кои се споменуваат во спорните видеоклипови.
ВЛАКНА ОД ТКАЕНИНА
На интернет се појавија и видеа со слични тврдења, во кои под микроскоп се набљудува памучниот врв на стапчето за ПЦР-тест и кога ќе се види влакно на него, тоа се изедначува со ваков паразит. Но, ситното влакно што се набљудува под микроскопот е само дел од синтетичкиот врв и овие влакна не се „живи”. Причината за благото нивно мрдање односно движење е можниот статички електрицитет или топлотните бранови или струењето на воздухот, како, на пример, здивот на тој што експериментира, пишува српскиот сервис за проверка на факти „Истиномер“.
Уште еден сајт за проверка на факти, „Раскринкавање“, за овие влакна објаснува дека е неспорно оти влакна на врвот од ПЦР-тестот постојат, но не се живи суштества, туку влакната се од ткаенина.
Ваквите влакна не претставуваат никаква опасност за човекот. Такви влакна постојано вдишуваме. Влакната пронајдени на заштитните маски и стапчињата за земање брис за ковид-19 немаат врска со болеста Моргелонс, ниту претставуваат опасност за личноста која носи маска или се тестира за ковид. Се работи само за текстилни влакна, кои во никој случај не се живи и немаат можност да се движат. Вдишувањето на овие влакна кое го правиме постојано, не може да доведе до никаква инфрекција, па ни до контроверзната болест Моргелонс. Дополнително, во студиите за болеста Моргелонс се појавуваат влакна кои излегуваат на кожата како еден од симптомите, а не како предизвикувач на инфекцијата или начин на трансмисија на оваа потенцијална состојба. Не е можно да се каже со сигурност од каде би потекнувало темно влакно, но на пример, би можело да биде влакно кое летало во фабриката во која се произведуваат брисеви и се одвоило од облеката на вработените, пишува „Раскринкавање“.
Постот што го рецензираме, во секој случај, е извонредна форма на манипулација, зашто овие влакна кои се пронајдени под микроскоп на маските и ПЦР-стапчињата, во постот се изедначуваат со нешто што излегува од жив скакулец. Ова е манипулација!
Она што престижната Мајо-клиника го објавува за Моргелоновата болест е дека е недоволно сфатена, ретка состојба, која се карактеризира со мали влакна или други честички кои излегуваат од рани на кожата.
Луѓето со оваа состојба често пријавуваат дека се чувствуваат како нешто да им шета или ги боцка под кожата. Некои доктори го препознаваат ова како илузија и го третираа со когнитивно- бихејвиорална терапија, антидепресиви, антипсихотични медикаменти и советување. Други мислат дека симптомите се поврзани со процеси на инфекција во клетките на кожата. Дополнителни студии мора да се направат. Симптомите се рани на кожата кои може да се интензивираат со чешање, сензации дека нешто лази под или на кожата, како инсекти кои мрдаат или касаат, влакна или црни боцки во и на кожата, замор, потешкотии во концентрацијата, краткорочно губење на меморијата, депресивно расположение. Интензивното чешање и отворените рани од оваа состојба може сериозно да го нарушат квалитетот на животот на личноста, пишува на страницата на Мајо-клиниката.
Исто така, „Вистиномер“ со проверка на фактите, откри дека уште во 2012 година, за оваа состојба се пишувани научни студии што сугерира дека дефинитивно таа е присутна уште многу години пред да почне пандемијата со корона-вирусот. Значи, таа медицинска состојба постоела уште пред маските, пред ПЦР-тестовите користени за детекција на ковид и пред конспирациските наративи што ја доведуваат во лажна причинско-последична врска со тестовите и маските!
Оттука, согласно сите горенаведени факти, постот го оценуваме како дезинформација. Влакната не се чипови и не предизвикуват болест. Безопасни се и не се расфрлаат од авиони.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.