Еден пост, едно видео, тенденциозен опис на околностите и многу коментари. Ова се елементите што понекогаш им требаат на авторите за да создадат текст што оди во прилог на одредена група, а на штета на друга група. Конечно, честопати гледаме како некој пост на којшто сме наишле на социјалните мрежи, подоцна ни се претставува како информација, дури и со интригантен наслов, сосема различен од она што сме го виделе во постот и тука започнува целата конфузија.
Линк до оригиналниот напис: АА-ААА под наредби на ВМРО-ДПМНЕ!? – ВИДЕО
Датум на објавување: 25.3.20221
Датум на рецензија: 3.4.2021
Рецензент: Ајнур Бафќари
Во текстот што го рецензираме, авторот се повикува на објава на еден пратеник, кој во описот на видеото што го објавил пишува една работа, додека авторот на предметниот текст го искористил напишаното за нешто сосема друго. Двете објави говорат за излегување на пратениците од салата во моменти кога требаше да се гласа во Собранието, но разликата е во тоа што пратеникот зборува за пратениците од македонската опозиција, додека авторот на текстот за тие од албанската опозиција.
Текстот пишува едно, а во видеото се слуша нешто сосема друго
Кога треба да се гласа за петтиот пакет мерки, ВМРО-ДПМНЕ ја напушта салата – вели пратеникот Костадинов (се слуша на видеото)
Но, авторот на текстот што го рецензираме, не се повикува на тоа што го рекол пратеникот, ниту во содржината на видеото ниту во приложениот опис. Тој опишува некои непостојни околности, коментира, претпоставува, потоа доаѓа до заклучок дека соработката меѓу албанската и македонската опозиција ќе излезе на површина на следните локални избори.
Се чини дека тие веќе имаат интеракција меѓу нив, иако демантирана од албанските партии, се очекува соработката да продолжи и на локалните избори кои треба да се одржат за неколку месеци – се вели во текстот.
Видеото е нејасно, авторот „ги препознава“ пратениците во заминување одзади и оддалеку!
Авторот ги игнорира фактите, односно изјавите дадени од албанските партии кои претходно негираа можна соработка за следните избори и преку лични алузии и претпоставки се обидува да претстави друга „вистина“. Тој дури и преку насловот, на чијшто крај ставил прашалник и извичник, нагласува дека коалицијата АА-ААА е наводно под наредба на ВМРО-ДПМНЕ, додека сето тоа го прави само со опишување на кратко видео од 16 секунди, кое не е доволно јасно, ниту јасно може да се идентификуваат пратениците што ја напуштаат салата.
Концептот на манипулација „Лажна аналогија“ и „Селективни докази“
Авторот прави лажна аналогија во моментот кога воспоставува врска помеѓу две работи што не се поврзани и потоа, по иста аналогија, ќе го искористи за да направи претпоставка, која нема никаква основа. Значи, авторот, бидејќи е свесен дека не може да понуди јасни факти, користи едно видео, кое го прикажува како доказ дека се случило тоа што тој тврди. Во меѓувреме, авторот се обидел да даде и неуспешни „докази“ или селективни докази, кои зборуваат во прилог на тврдењето како во конкретниот случај, дека заминале пратениците на албанската опозиција, кога всушност заминале пратениците од македонската опозиција.
Не сте вие што не разбирате, авторот е тој што направил „каша-попара“!
Ако наидете на такви текстови, кои пласираат неповрзани работи помеѓу текстот и презентираниот видеоматеријал, вие не сте виновни, некој пишува на штета на некого и има намера да поентира за одреден политички субјект. Различните манипулации, коментари и описи на околностите според нечиј „вкус“, се најлесниот начин да се создаде конфузија.