Не може да се потврди дека помодрената рака на фотографијата е од вакцина на „Астра Зенека“

Не може да се потврди дека на фотографијата којашто се споделува со овој пост, е прикажан некој што се вакцинирал со вакцина од „Астра Зенека“. Не може да се провери ниту од кога и од каде е фотографијата. Лажно се тврди дека таа била објавена на бугарските вести. Нашето пребарување од датумот кога е објавена фотографијата и ден подоцна покажа дека само на еден блог непрофесионално е пренесен пост од извесна Катја Петрова, во кој се кажува дека ова е пo вакцина со „Астра Зенека“. Меѓутоа, не е јасно која е Катја Петрова, зошто е релевантна и дали можеби не станува збор за лажен профил кој шири лажни вести

Рецензираме исклучително вирален пост на „Фејсбук“, споделен над 80 пати, во којшто е поставена фотографија од целосно помодрена лева надлактица. Иако во описот на фотографијата недоволно се информира за што станува збор, во коментарите се тврди дека фотографијата е од извесна Катја Петрова од Бугарија, дека ваквата фотографија е последица на вакцината против ковид-19 на производителот „Астра Зенека“ и оти информацијата наводно била објавена и на бугарските вести.

Меѓутоа, не само што оваа информација не е објавена на бугарските вести, туку е избришана од страна на авторката којашто првично ја објави. Катја Петрова се повикува на профил со име Mayya Zankova. Но, на овој фејсбук-профил нема ништо. Односно, не само што го нема овој пост, туку нема ниеден пост или сите постови на овој профил се приватни. Сето ова е крајно сомнително. Испаѓа дека трагата води до профил на „Фејсбук“ на кој нема ништо. А, пак, начинот на кој што е напишано името (Mayya) покажува дека станува збор или за нечиј псевдоним или за лажен профил. Сепак, таа фотографија претставува основа да ја пренесе еден блог од Бугарија, а потоа и македонски сајт без импресум, односно без јасно дефинирана уредничка редакциска структура, а на крајот и фејсбук-страницата „Фејсбук грип“.

Кога поблиску ќе ја разгледате фотографијата, за којашто се тврди дека е реакција на вакцината од „Астра Зенека“, ќе забележите дека на неа воопшто нема убод од игла. Да се земе фотографија за којашто е комплетно непознато ниту од кога е, ниту од каде е, ниту чија е, ниту кој на неа се наоѓа и од што е настанато помодрувањето, а притоа да се тврди дека тоа е последица од вакцината „Астра Зенека“ е неиздржано.

Во Македонија здравствените власти решија да не ја даваат вакцината на „Астра Зенека“ на помлади од 60 години. Причината за тоа беше потврдувањето дека има врска меѓу оваа вакцина и појавата на ретки случаи на тромбови кај мал број млади приматели на вакцината. Но, Европската агенција за лекови и понатаму ја препорачува за употреба вакцината на „Астра Зенека“ и цела Европа продолжува да ја користи, но секоја земја самата си одлучува на која возрасна категорија граѓани ќе ја администрира.

Во конкретниот споделен пост, сосема непотврдено е дека воопшто на фотографијата е некој што се вакцинирал со вакцина од „Астра Зенека“. Не може да се провери ниту од кога и од каде е фотографијата. Лажно се тврди дека таа била објавена на бугарските вести. Нашето пребарување од датумот кога е објавена фотографијата и ден подоцна покажа дека само на еден блог непрофесионално е пренесен пост од извесна Катја Петрова, во кој се кажува дека ова е по вакцина на „Астра Зенека“. Меѓутоа, не е јасно која е Катја Петрова, зошто е релевантна и дали можеби не станува збор за лажен профил кој шири лажни вести за коишто без официјална потврда и без да си ја завршат основната новинарска работа, се фаќаат и портали без импресум како и фејсбук-страници со голем број следачи?

Кога се објавува информација дека реакцијата на раката е последица од вакцината, тоа мора да се направи со официјални информации. Такви за конкретниот случај не постојат, односно не може да се провери од каде, од кога е оваа фотографија и од што е предизвикана таа состојба на раката.

Не се кажува ниту во колку случаи од вакцинираните се појавила ваква наводна реакција.

Фотографијата е злоупотребена во антивакцинална кампања, односно наратив што има за цел вон контекст да претстави наводни несакани реакции, за да ја вознемири јавноста.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.