Наводите изнесени во видеото што се споделува на „Фејсбук“ се само надоврзување на низата конспирации поткрепени или со лаги или со манипулирање, за да се зајакне антивакциналниот наратив во пресрет на вакциналната кампања против ковид-19. Зад овие видеа не стои автор, односно немаат извор. Главната нивна карактеристика е што во нив консекутивно се набројуваат многу голем број информации, кои за обичниот гледач даваат лажна слика на веродостојност. Меѓутоа, кога една по една ќе се проверат информациите, јасно станува дека тие се или веќе побиени од странски сервиси за проверка на факти или се непотполни, односно, извадени се од контекст – како информацијата дека 7 деца починале од вакцина, на пример, а нивната смрт дефинитивно не била поврзана со вакцината
Рецензираме видеоматеријал, во којшто главната ѕвезда е адвокатот Роберт Кенеди Џуниор, инаку внук на експретседателот на САД и познат антиваксер. Инстаграм неодамна му го затвори профилот поради ширење дезинформации за ковид-19 пандемијата, но во видеото што го рецензираме, токму Кенеди Џуниор е главниот извор на кој му се атрибуираат мноштво наводни вистини. Со оглед на тоа што во 22 минути се изнесени огромен број таканаречени факти, ќе се задржиме на најважните кои се лажни.
ДЕТСКАТА ПАРАЛИЗА ИСКОРЕНЕТА ВО ИНДИЈА ВО 2014
Во 5 минута и 56 секунда од видеото се тврди дека Роберт Кенеди кажал:
Ветувајќи дека ќе ја искорени детската парализа со 1.2 милијарди долари Бил Гејтс ја презема контролата врз медицинскиот национален советодавен одбор на Индија и дава дозвола за користење на 50 вакцини финансирани од него против детска парализа. Претходно беа само 5. За секое дете помало од 5 години. Индиските доктори го обвинуваат Гејтс за кампањата која резултирала со епидемија на детска парализа предизвикана од овие вакцини. Парализирани биле над 496 илјади деца од 2000 до 2017 година. Во 2017 индиската влада го укина вакцинирањето на Гејтс и го избрка од одборот. Стапката на детска парализа стрмоглаво падна.
Ова не е точно. Според извештај на СЗО, Индија ја искорени детската парализа во 2014 година. Нема докази коишто покажуваат дека половина милион деца во Индија биле имунизирани против детска парализа или развиле детска парализа од вакцината.
Минатите 10 години, повеќе од 10 милијарди дози од оваа вакцина се администрирани на 2.5 милијарди деца во светот, превенирајќи 10 милиони случаи на детска парализа во овој период, се тврди во извештајот на СЗО. СЗО додава дека е можно да се добие детска парализа од вакцини, но тоа е исклучително ретко. Според нив, 1 од 2.7 милиони дози резултира со детска парализа.
Податоците на СЗО покажуваат дека имало 17 случаи на детска парализа во Индија меѓу 2000 и 2017 година и тие биле регистрирани само во 2009 и 2010 година.
КОНТРОВЕРЗИИ ОКОЛУ ХПВ-ВАКЦИНАТА ВО ИНДИЈА
Понатаму, од 10 минута и 40 секунда до 11 минута и 43 секунда во видеото, нараторот тврди дека во 2014 година Фондацијата на Бил Гејтс го финансира тестирањето на експериментална ХПВ-вакцина на 23 илјади девојчиња од далечни индиски провинции.
1.200 од нив имаат сериозни несакани ефекти, автоимуни болести и проблеми со плодноста. Седум умираат. Истрагата на индиската влада покажа дека луѓето на терен финансирани од Гејтс извршиле траорни прекршувања, принудувајќи ги сиромашните девојчиња од селата да учествуваат во експертиментот, заканувајќи им се на родителите, фалсификувајќи го нивното одобрување и одбивајќи медицинска нега за тие со последици. Овој случај е во рацете на врховниот суд на Индија, се наведува во видеото.
Но, од фондацијата Бил Гејтс демантираат дека Индија го тужи мултимилијардерот.
Тестирањето на вакцините, за кое станува збор, не беше илегално, иако беше извор на контроверзии во Индија. Наводите се однесуваат на тестирање на ХПВ вакцина спроведено од непрофитната организација за соодветна технологија во здравството. Програмата беше прекината во 2010 година откако медиумите известија дека седум девојчиња што ја зеле вакцината починале, пишува Ројтерс.
Магазинот „Сајнс“, извести дека истрагата од индиската влада покажала дека смртните случаи не биле поврзани со вакцината.
Пет од нив не беа поврзани со вакцината. Едно девојче се удавило во поток, друго починало откако ја каснало змија, две си го одзеле животот со голтање на пестициди и петтото починало поради компликации од маларија. За другите две причините за смртта не беа доволно јасни, кај едното можеби висока температура, а кај другото згрутчување на крвта, објави магазинот.
На 29 август 2013 година совет на индискиот парламент утврдил нерегуларности за направеното вакцинирање, меѓу кои злоупотреба на согласноста. Откако овој извештај беше објавен, непрофитната организација изрази остро несогласување со наводите.
Иако во видеото се создава слика за глобалистите кои експериментираат на млади и сиромашни девојчиња, вакцините против ХПВ имаат поминато години и години тестирање и се даваат и во богати земји. На пример, Австралија ја дава вакцината против ХПВ на возраст меѓу 12 и 13 години во јавните училишта. СЗО ја препорачува за секоја земја што може да си ја дозволи.
МАЛАРИЈА И ДЕТСКА ПАРАЛИЗА
Од 12 минута и 35 секунда во видеото, до 13 минута и 32 секунда се тврди:
Во 2010 фондацијата на Гејтс финансира испитување на експериментална вакцина за маларија, убивајќи 151 африканско новороденче и предизвикувајќи парализа, грчење и тресење кај 1.048 од само 5.049 деца. Во 2002 присилно вакцинира деца против менингитис во Африка. Од 50 до 500 развиваат парализа.
СЗО тврди дека иако вакцината против маларија е поврзана со зголемен ризик од фебрилни конвулзии седум дена по администрацијата, децата што ги имаат овие конвулзии, закрепнуваат целосно без долгорочни последици.
Точно е дека резултатите од третата фаза на клиничкото испитување на вакцината кажуваат дека 151 дете починало за време на тестирањето. Но, причините за смртта биле слични со невакцинираната контролна група која не примила вакцина. На 53 страница овде може да ги видите причините и деталите за смртта.
Што се однесува на тврдењето дека 50 деца развиле парализа и тоа е неточно.
Евалуацијата нашла дека сите деца биле испитани од лекари кои не нашле парализирани деца.
ИНДИЈА НЕ ЈА ПРЕКИНАЛА СОРАБОТКАТА СО БИЛ ГЕЈТС
Во 6 минута и 20 секунда се тврди дека индиската влада го укинала режимот на вакцинирање на Гејтс во 2017 година и ги избркала од националниот советодавен одбор и него и неговите колеги.
И ова не е точно.
Во 2017 година индиската влада информира:
Некои медиумски написи сугерираат дека соработката со фондацијата на Гејтс и националната здравствена мисија е прекината. Ова е неточно и манипулаторско. Продолжуваме да соработуваме.
Во 14 минута и 57 секунда од видеото што го рецензираме, изваден од контекст е говор на Гејтс за ТЕД. Говорејќи за редуцирањето на емисиите со јаглерод диоксид на нула, тој рече:
Денеска во светот има 6.8 милијарди луѓе. И се движиме накај 9 милијарди. Ако направиме добра работа со новите вакцини, здравствениот систем, репродуктивните здравствени услуги, може да го намалиме за 10 до 15 проценти.
Како што и претходно објасни „Ројтерс“, во неговиот говор тој не предлага дека глобалната популација треба да се убие со користењето вакцини. Неговото гледиште е баш спротивно на ова.
Гејтс долго време се залага за забавување на неодржливиот раст на популацијата преку таргетирање на клучните причини за сиромаштија и во 2011 година за Форбс рече дека кога првпат влегол во полето на јавното здравје, било за да се фокусира на контрацепцијата. Кога подоцна ги видел податоците, сфатил дека кога опаѓа стапката на смртност, исто така опаѓа и стапката на раѓање. Гејтс после ова го менува фокусот од контрацепција кон спасување на луѓето кои што се живи. За Форбс изјави „кога го сфативме ова се префрливме на вакцините многу ригорозно“.
Наводите изнесени во ова видео се само надоврзување на низата конспирации поткрепени или со лаги или со манипулирање, за да се зајакне антивакциналниот наратив во пресрет на вакциналната кампања против ковид-19. Зад овие видеа не стои автор, односно немаат извор. Главната нивна карактеристика е што во нив консекутивно се набројуваат многу голем број информации, кои за обичниот гледач кој ги следи даваат лажна слика на веродостојност. Меѓутоа, кога една по една ќе се проверат, информациите, станува јасно дека тие се или веќе побиени од странски сервиси за проверка на факти или се непотполни, односно дека се извадени од контекст – како информацијата дека 7 деца починале од вакцина, на пример, а нивната смрт дефинитивно не била поврзана со вакцината.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.