Вирусот ковид-19 е изолиран на 7 јануари 2020 година

 

Рецензираме пост на „Фејсбук“ кој е мешавина на конспирациска теорија со невистинити факти за ковид-тестовите и ковид-вирусот во целост. Меѓутоа, она што е интересно за овој пост, е тоа што за да добие кредибилитет, се повикува и на поранешниот заменик-директор на „Фајзер“, Мајкл Јидон, човек, кој, според „Ројтерс“, од еминентен научник и поддржувач на вакцините, преку ноќ се претвори во ѕвезда на небото на антивакциналните приказни. Неговата прогноза и тврдењето дека пандемијата во Велика Британија е завршена излегоа неточни.

Во октомври минатата година тој напиша дека смртните случаи од ковид-19, кои дотогаш во Британија изнесуваа 45 илјади, наскоро ќе опаднат и дека веднаш треба да им се овозможи на луѓето враќање во нормалниот живот. Оттогаш, болеста ковид-19 во Британија уби уште 80 илјади луѓе.

Во ноември, тој лажно изјави дека пандемијата е завршена, повика на крај за масовното тестирање и тврдеше дека 30 проценти од популацијата е имуна на вирусот. Тој додаде дека има мали шанси вирусот (британската мутација) да се рашири надвор од Британија, зашто повеќето луѓе веќе биле или инфицирали или имуни на него.

Дека тврдењето е неточно, барем за Македонија, а и за околните земји, покажува фактот што земјава е во третиот досега најжесток бран со најголем број починати лица, затоа што британскиот сој на корона-вирусот освен што е за 70 проценти поконтагенозен, предизвикува и блокади на болничките капацитети, затоа што на тие на кои ќе им треба хоспитализација, остануваат во болница подолго отколку во ноември или кој било друг период од почетокот на пандемијата, кога не се работеше за британскиот сој.

За Мајкл Јидон, неговите колеги јавно зборуваат дека не можат да го препознаат и за нив останува мистерија како еден таков интелектуален капацитет и научник, преку ноќ се претвори во ѕвезда на антивакциналните приказни.

Во постот се тврди:

На почетокот од интервјуто Jидон, кој пред Ковид настанот важеше за доктор кој ги поддржува вакцините генерално, истакна дека не може да разбере зошто вирусот не е изолиран и дали надлежните кои требале да ја извршат задолжителната процедура биле презафатени и фокусирани на тестот кој не служи за дијагностика (тие добро го знаат тоа)?

Не е вистина дека вирусот не е изолиран.

Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што неговиот генетски материјал РНК, беше изолиран. Самата Светска здравствена организација потврдува дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година и во следното известување.

Ова изолирање содржи инструкции за создавање вирусните протеини, кои се основа за вакцините на „Фајзер“ и на „Модерна“.

Понатаму во постот се наведува дека се „активираат и деактивираат гени и генски функции“ со вакцината и дека „се работи за трансформација на природата на човекот, односно трансформирање на неговата биолошка форма во синтетичка“. И ова е неточно.

МРНА вакцината не ја менува ДНК на примателите на кој било начин! Вакцините за месенџер РНК, ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази.

На специјалната веб-страницата на Министерството за здравство – kovid19vakcinacija.mk во врска со митовите и фактите за вакцините, меѓу другото, се вели:

мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцините.

Вакцините ковид-19 беа развиени брзо во споредба со претходните вакцини затоа што научници, лекари и владини агенции низ целиот свет вложија огромни ресурси за да ја намалат бирократијата и да ги објават резултатите штом беа достапни.

Ништо во човекот кој ќе прими вакцина не се менува во синтетичко, како што невистинито се тврди во постот што го рецензираме. Дополнително на ова, нафрлено е едно контрадикторно тврдење. Прво се вели дека според Јидон, елитата не ја прима оваа вакцина, а потоа се тврди дека вакцината ја препорачуваат Елтон Џон и Мајкл Кејн. Освен тоа, америаканскиот претседател Џо Бајден е еден од стотиците познати и дел од елитата, кои се вакцинираа јавно.

Со тоа паѓа во вода дезинформацијата дека елитата не сака да ја прими вакцината против ковид. Секојдневно се вакцинираат јавно политичари, проминентни личности во општеството за да дадат пример.

Во постот неточно се тврди и дека маските никогаш не биле превенција и оти целта е да се дисконектира вистинското јас на човекот од големата свесност и со тоа да остане изолирано во петте сетила, па, така, најлесно да ја програмираат таа реалност.

Овие дезинформации се нафрлени без да се знае медицинската оправданост на користењето маски.

Веб-страницата на СЗО, која последен пат е ажурирана на 1 декември лани, нуди упатства за тоа кога, каде и зошто луѓето треба да носат маски и тие се опишани како „клучна мерка за сузбивање на преносот и спасување животи“.

Како што претходно пишувавме, СЗО препорачува медицински маски за здравствени работници во клинички услови, за секој што не се чувствува добро, за луѓе што чекаат резултати од тестот за ковид-19, за лица кои се грижат за некој со потврден или сомнителен случај на ковид-19, за лица што имаат над 60 години и постари лица со хронични болести. За сите други во пошироката јавност, немедицинските облоги за лице од ткаенина се во ред, заклучува СЗО.

СЗО, исто така, има веб-страница исполнета со сеопфатно упатство во текст и видео за тоа како да се зајакне ефективноста на маските за лице.

Дел од земјите од Европа, како Германија и Австрија, плашејќи се од ширењето на британскиот сој на корона-вирусот, неодамна воведоа задолжително носење маски FFP2, бидејќи тие се ефикасни повеќе од 90 проценти.

Од друга страна, медицински е потврдено дека во време на пандемија предизвикана од корона-вирусот и кога сѐ уште нема вакцина за заштита од него, носењето маска, заедно со држењето дистанца и честото миење на раце, се главното оружје за спречување на ширењето на вирусот.

Особено е важно во затворени простории, каде што не може да се одржи доволна дистанца, сите да носат маски.

Институтот за јавно здравје на Македонија пишува дека кога некој кива или кашла, малите капки кои го содржат вирусот може преку струењето на воздухот да доведат до заразување на лицето кое е во непосредна близина со заболеното лице, затоа треба да се одржува одредено растојание.

И на крајот, спротивно на она што се тврди во постот, вакцината не влијае на ничиј спиритуален живот.

Во иднина децата ќе бидат вакцинирани со супстанција која ќе ја отстрани можноста за спиритуален, духовен живот. Ќе бидат екстремно интелигентни, но нема да развијат свесност. Вакцината ќе го одвои физичкото од етеричното, суптилно тело. Штом такво одвојување се случи , ќе се прекине комуникацијата меѓу универзумот и суптилното тело, а тогаш човекот ќе биде претворен во автомат. Проект за настанување зомби , не луѓе, се вели во постот
Духовниот живот и вакцинацијата не се поврзани. Има и религиозни и нерелигиозни луѓе кои се вакцинираат и што не се вакцинираат.
Асипмтоматска трансмисија“ – без никаков доказ. Зошто? Затоа што треба да го затворат светот, да ја уништат економијата и да ги направат сите луѓе целосно зависни од државата. Како да ги затвориме и здравите? Така!! Ќе им кажеме дека иако се здрави можат да пренесат болест, и онака ќе поверуваат што и да им кажеме!! Бинго!! Имаме тест кој дава позитивен резултат на многу едноставен начин!! Сакаат милион луѓе да се вакцинираат секој ден. Знаат дека ќе добијат многу позитивни случаи преку тој злоупотребен тест. 

Наспроти оваа лага, трансмисијата на ковид-19, иако кај некои пациенти е асимптоматска, околу 20 проценти од заразените што доаѓаат на клиниките во Македонија бараат и добиваат ХОСПИТАЛИЗАЦИЈА. Другите можат да се третираат дома. Болеста напаѓа и 6 месеци по прележувањето.

Оттука, постот го оценуваме како какофонија од дезинформации, полуинформации, но и апсурдни лаги, како, на пример, онаа дека вакцината ќе оневозможи некој да води духовен живот во иднина. На ваков начин се игра и со верските и религиозните чувства на граѓаните за да се создаде страв кај нив, односно да се мотивираат да ја одбијат вакцината и да не веруваат во реалната пандемија.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.