Не, Обама не бил уапсен за шпионажа

Пост на Фејсбук шири невистини дека претходниот претседател на САД, Барак Обама, е уапсен поради шпионажа. Ваквото тврдење е неточно. Доколку Обама навистина бил уапсен, за тоа на големо ќе се известуваше не само во САД, туку насекде во светот. Постот се повикува на канадскиот сајт conservativebeaver.com, каде е фабрикувано соопштението на Министерството за правда на САД од 17 август за апсењето на поранешен офицер на ЦИА, Alexander Yuk Ching Ma. Ваквата објава е оценета како лажна од повеќе сервиси за проверка на факти како АФП, Ројтерс, snopes.com и leadstories.com

Фејсбук објава ја дезинформира јавноста дека, наводно, поради шпионажа бил уапсен поранешниот американски претседател, Барак Обама. Постот којшто е објавен на 01.12 2020 г. се повикува на канадски сајт – conservativebeaver.com и притоа тврди:

Официјална изјава од денес

01.12.2020 од Shane Smedely на twiter – B.Obama бил уапсен на 28.10.2020 со друг висок CIA офицер за шпионажа со странски служби

Во прилог на објавата е прикачен и скриншот од насловот и првиот пасус на текстот објавен на сајтот conservativebeaver.com, но на германски јазик, при што не е посочен линк за да може да се види што точно пишува во веста и на кои извори се повикува.

НЕВИСТИНИТО ТВРДЕЊЕ

Тврдење искажано во постот е неточно. Доколку Обама навистина бил уапсен, за тоа на големо ќе се известуваше не само во САД туку насекаде во светот. Несомнено дека ќе беше главна вест во медиумите. Меѓутоа, со темелно пребарување на Интернет не може да се најде ниту една кредибилна вест за неговото наводно апсење на 28 октомври, како што пишува во објавата на Фејсбук, ниту пак, на 28 ноември, како што е наведено во текстот на conservativebeaver.com, на кој се повикува постот.

Ама, затоа има многу информации за минатонеделното гостување на Обама во популарната емисија на „Си-би-ес“, „Лејт најт шоу“ на Стефан Колберт, каде, меѓу другото, говори за неговите мемоари, книгата „Ветена земја“, која урива рекорди во продажба – само во првата недела се продадени повеѓе од 1,7 милиони промероци. Во шоуто Обама зборува и за предизвиците со кои ќе се соочи новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, убеден дека неговото претседателство ќе помогне во смирување на политичката бура во Америка.

Така што, многу е чудно како веста за „апсењето“ на бившиот американски престедател не го преклопила интервјуто на Обама  и написите поврзани со него!

Канадскиот сајт conservativebeaver.com што ја објави (дез)информацијата за Обама, во описот се претставува како медиум на „конзервативни вести, канадски стил“. Според сервисот за проверка на факти leadstories.com, пак,  conservativebeaver.com има историја на објавување на лажни вести и измислици, за што „Вистиномер“ пишуваше во една друга рецензија

ФАБРИКУВАНА ПРИКАЗНА

Според текстот што на 28 ноември го објави conservativebeaver.com, Обама бил уапсен „под обвинение дека со својот деловен партнер, кој исто така бил поранешен офицер на ЦИА, издавал (проследувал) доверливи класифицирани информации до највисоко ниво на разузнавачките служби на Народна Република Кина (НР Кина)“. Во написот е наведен линк кој треба да води кривичната пријава, но тоа не е така. Кога ќе се притисне на посоченото место се отвора линк на Твитер профил кој води до твит на извесен Shane Smedley,  што го има и во самиот напис. Е сега, Твитер профилот преку кој се стасува до Shane Smedley, е на новинарката на „Гардијан“, Наталиа Антонова, која фактички се потсмева со  неговиот твит. Антонова тоа го појаснува и во коментарот под нејзиниот пост, каде уште додава дека овој веб-сајт шири невистини, собира кликови и на тој начин заработува повеќе пари.

Во прилог на написот се прикажани и други постови на социјалните мрежи, а вметнато е и видео од извесен јутјубер, кој тврди дека Обама бил уапсен, цитирајќи ја притоа како доказ приказната на conservativebeaver.com.

Текстот, исто така, содржи изјави на официјални лица кои, наводно, дале известување за апсењето на Обама. Во тој контекст се споменуваат: помошник јавен обвинител за национална безбедност, John C. Demers, американски правобранител за областа Хаваи, Kenji M. Price, помошник директорот на Одделот за контраразузнавање на ФБИ, Alan E. Kohler Jr  и специјалниот агент задолжен за теренската канцеларија на ФБИ, Хонолулу, Eli S. Miranda.

Но, пребарувањето со Гугл открива дека нивните цитати се извлечени од соопштението на Министерството за правда на САД од 17 август оваа година (2020) за апсењето на поранешен офицер на ЦИА, Alexander Yuk Ching Ma, кој бил уапсен на 14 август заради доставување доверливи информации на кинеската влада. Случај во кој воопшто не се споменува името на Барак Обама. Информација за апсењето на Alexander Yuk Ching Ma може да се најде во повеќе американски медиуми, а тука ќе посочиме само неколку линкови (nbcnews.com, washingtonpost.comreuters.com, nytimes.com).

Кога ќе се споредат соопштението на Министерството за правда на САД и текстот на conservativebeaver.com веднаш станува јасно дека фрагменти од изјавите на официјалните лица се злоупотребени за да се фабрикува приказната за наводното апсење на Обама. Исто така, се забележува дека во првиот пасус од соопштението е заменето името на уапсениот шпионAlexander Yuk Ching Ma со Барак Обама, а во описот за неговиот соучесник наместо „роднина“ е наведено „деловен партнер“.

 

Впрочем, ваквата објава е оценета како лажна од повеќе сервиси за проверка на факти како АФП, Ројтерс, snopes.com и leadstories.com.

Сепак, иако станува збор за чиста измислица, постот е прилично вирален – во моментот кога е пишувана оваа рецензија има 280 допаѓања, 61 коментар и 54 споделувања. Меѓу коментарите има и такви кои се сомневаат во вистинитоста на објавата, но предничат оние кои веруваат во напишаното. Некои, пак, одат дотаму што се убедени дека се работи за „клон“ на Обама! А, еден од корисниците на Фејсбук на српски јазик, под постот зачудено коментира дека него му ја избришале објавата како неточна, на што следи интересна реакција: „па затоа и ја избришале, бидејќи е точна“!

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.