Насловот на текстот што го рецензираме е лажен, бидејќи за отстранувањето на оградата на Владата не се потрошени седум милиони евра, како што е посочено, туку, како што информираа од Владата, се користат внатрешни ресурси, односно тековни договори на службите.
Линк до оригиналниот напис: Владата крие: Отстранувањето на оградата чини 7 милиони евра?
Датум и време на објавување: 7.2.2019
Датум на рецензирање: 11.2.2019
Рецензент: Силвана Жежова
Фирмите „Серта“ и „Бапал“ се двата сервиса за хигиена што ги одржуваат објектите на државната управа, а тие денеска ја отстрануваат железната ограда пред Владата. Ниту една од фирмите не врши градежни услуги, покажуваат информациите до кои дојде „Макфакс“.
Текстот се повикува на друг медиум, но е презентиран неточен наслов. Компаниите што се посочени во написот, со кои Владата има склучено договори во вредност од седум милиони евра, се за одржување на хигиената на објектите на државната управа. Оттука, тие пари не се однесуваат на отстранување на оградата, туку на комплетните обврски што овие компании ги имаат кон објектите на државната управа, согласно договорите, а тоа се чистење канцеларии, лифтови, санитарни јазли, покриви, фасади, патеки, гаражи, подруми.
Иако во текстот се тврди дека на прашањето, „Колку чини отстранувањето на оградата?“ не било добиено одговор од Владата, истиот ден (7 февруари) тоа прашање беше одговорено на редовната прес-конференција во Владата, на која портпаролот Миле Бошњаковски одговори дека „нема да се трошат пари од граѓаните, туку ќе се искористат внатрешните ресурси, односно постојните капацитет на службите во рамките на Владата“.
Бошњаковски и на твитер-профилот го демантира насловот.
Овој наслов е лажен (фото).
—
За отстранувањето на железната ограда не се трошат пари на граѓаните, туку се користат внатрешни ресурси, односно тековни договори на службите во рамки на владата. pic.twitter.com/doivtR4OLe— Портпарол на Влада на РСМ (@portparolVRSM) February 7, 2019
Насловот на текстот што го рецензираме има интенција да ја манипулира јавноста, давајќи лажна информација, бидејќи парите не се конкретно дадени за отстранување на оградата пред Владата, ставка што не е ниту во договорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата со двете посочени компании.