Не се забранети обдукции, снимање бели дробови и тестови на крвта за ковид позитивни

 

Во исклучително вирален пост на Фејсбук, споделен дури 242 пати, се изнесуваат класични фабрикации и лаги за коронавирусот, поткрепени со факти кои се лажни и лесно може да се проверат

 

Меѓу овие лаги се следните: дека тестовите за крв на токсикологија се забранети зашто на таков начин граѓаните би сфатиле дека крвта им е затруена, а не дека имаат коронавирус. Се тврди дека ковид не е ковид, туку дека неговите манифестации се поради разни воени отрови како сарин, рицин, иперит и други разредени хемикалии, со кои, наводно, секој ден ги прскаат.

Втората невистина е тоа дека од истите наводни причини, забранети биле скеновите на белите дробови. И третата невистина што нашата проверка на факти покажа дека е изнесена, е тоа дека обдукциите на починатите од корона се забранети, бидејќи со токсиколошката анализа на крв и на ткива, наводно би било откриено ,,од што починало лицето”.

Прво, не е точно дека се забранети обдукциите за лицата кои починале од ковид. Директорот на Институот за судска медицина, доктор Александар Станков за „Вистиномер“ изјави дека обдукциите на пациенти починати со ковид не се забранети, но не се препорачливи таму каде што нема услови за нив. Сепак, како што тврди тој, во Македонија се извршени обдукции врз пациенти починати со ковид, и тоа зашто за тоа имало индикација за судско медицинска обдукција.

До јануари имало 13 обдукции на лица кои имале ковид, а кај шестмина од нив, причината за смртта бил директно самиот вирус. Меѓу другите случаи, имало лица кои починале во сообраќајни незгоди или пак извршиле самоубиство.

Значи, не е точно дека обдукциите на пациенти со ковид се забранети.

Уште помалку точно е дека се забранети снимања на белите дробови зашто на тој начин лекарите би утврдиле дека промените на белите дробови се предизвикани од некои мистериозни средства. На интернет се наоѓаат јасни реклами од приватни здравствени установи кои нудат услуги за ковид позитивни пациенти. На пример тука, се гледа дека „Неуромедика“ нуди цел пакет на такви услуги меѓу кои и рентген на бели дробови и срце.

Лекарите од клиниката за пулмологија со кои контактиравме, ни рекоа дека секојдневно се вршат прегледи на белите дробови и снимања, а според сликите се одредува и текот на понатамошното лекување, се гледа каква е клиничката слика и состојбата на белите дробови.

На следниот линк може да се најдат и снимки на ковид пациенти, од нивните бели дробови. Исти такви снимања се прават и во Македонија и во државното и во јавното здравство!

Во Жан Митрев Клиник, дури и се користи напредна софтверска алатка за интерпретација на рентген снимките, која користи вештачка интелигенција, за детектирање на промени на белите дробови предизвикани од ковид-19, која досега се изведуваше од страна на радиолозите со помош на направена рентген снимка.

Оттука, комплетно е неточно дека снимањето на белите дробови за ковид пациенти е забрането, напротив тоа е неопходно и се прави секој ден.

Во врска со дезинформацијата дека ,,ковид не е ковид”, туку дека неговите манифестации се поради разни воени отрови како сарин, рицин, иперит и други разредени хемикалии, со кои наводно секој ден ги прскаат, најнапред ги разгледавме симптомите на луѓето кои се изложени на сарин. Сарин се користел во два терористички напади врз Јапонија во 1994 и 1995 година.

Според Центарот за контрола и превенција на болести од САД, тој што бил изложен на сарин, има течење на носот, болка во очите, замаглен вид, кашлица, брзо дишење, дијареа, повраќање болки во стомакот, низок или висок крвен притисок, конфузија, слабост.

Иако дел од симптомите кои што се последица на сарин се преклопуваат со оние на ковид, не постојат никакви медицински докази дека ковид не е ковид туку дека е воен отров. Тестови на крвта се достапни за секој пациент со ковид, па оттука е неточно дека се забранети тестови на крвта зашто би се открило дека во крвта има воени отрови. Напротив, со ПЦР дијагностика, односно со тест кој претставува златен стандард во детекцијата на ковид, се покажува дали во организмот постои или не постои вирусот. Освен тоа, СЗО јасно кажува дека коронавирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година.

Оттука, во постот кој го рецензираме во кој се изнесува дека ковид е измама, сомнеж и фашизам, се изнесени еден куп лаги кои имаат за цел да го изманипулираат неинформираниот корисник на Фејсбук и да го насочат да верува дека она што е медицински докажано во целиот свет и за што веќе постојат голем број вакцини од различни производители (коронавирусот), всушност, не постои и е последица на воен отров. Ваквите сериозни дезинформации доаѓаат во период кога во земјава започнува со масовна вакцинација на граѓаните, исто како и во целиот свет и во период кога како последица од ковид Македонија го живее третиот најригорозен, најжесток бран на пандемијата. Секојдневно има и по 30 до 40 починати од ковид, а болничките капацитети се полнат, реорганизираат исто како што се организира и систем на ротации на медицинскиот кадар. Крајно неодговорно е поставувањето на граѓаните во позиција да се занимаваат со комплетни невистини и да се пласираат невистини, кои не се втемелени во реалноста на медицинската пракса, ниту во Македонија, ниту во светот. Здравствените услуги, кои се нудат во јавното здравство за ковид пациентите, вклучуваат и снимање на белите дробови, и правење крвни анализи и испитување на сите параметри како ДДимери, на пример.

 

 

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.