Со лажен маркетинг се нуди чај за наводно екстремно слабеење

[Рецензија: „На еминентна студентка од Скопје ѝ е доделена награда за лажни идентитети од медицинската пракса, всушност, е претставен како импозантно интервју со студентка од Кочани, која не постои, а за која во рекламата е наведено дека ѝ била доделена награда за високи достигнувања во здравството, за откривање на метод за слабеење 14 килограми неделно без хемикалии, гладување или тренинзи. Под скандалозно лажниот наратив, дадени се фотомонтирани коментари на наводни задоволни купувачи.

Линк до оригиналниот напис:На еминентна студентка од Скопје ѝ е доделена награда за високи достигнувања во здравството за откривање на методот за слабеење минус 14 килограми неделно без хемикалии, гладување и тренинзи”

Датум и време на објавување: 18.4.2021

Датум на рецензирање: 21.4.2021

Рецензент: Мирослава Бурнс

Во оваа рецензија нема да се задржиме на делотворноста на препаратот КетоДиет, но дефинитивно констатираме дека маркетингот со којшто овој препарат се претставува пред јавноста е неетички и се базира на лажни факти.

ЛАЖНИ ФАКТИ

Првиот таков посочен факт е дека, наводно, студентка од Кочани, Анета Ефтимова, на Европски конгрес на специјалисти по ендокринологија предложила уникатна формула за слабеење за кратко време без ограничувањето на внесувањето храна.

Понатаму во лажниот маркетинг се додава дека специјалисти од институтот за ендокринологија, Универзитетот за медицина и фармација, одделот за истражување и развој по биологија, Институтот за исхрана и многу други специјалисти почнале да го развиваат овој препарат. Во Северна Македонија не постои Институт за исхрана“ како институција, туку има Институт за јавно здравје.

Во нашата држава нема ниту „Универзитет за медицина и фармација“. Има Медицински факултет и Фармацевтски факултет, кои функционираат засебно. Во лажниот маркетинг намерно не се даваат специфични информации за тоа каде е сместен наводниот „Оддел за истражување и развој по биологија“ за да не се провери дека и тој не постои.

Девојката којашто е претстваена како студентка од Кочани е илустрирана со фотографија од нејзиниот, наводно, воодушевувачки говор на наводниот „Европски конгрес на специјалисти по ендокринологија“. Но, на фотографијата не се наоѓа Анета Ефтимова, туку некоја друга девојка, која во странство во ист таков маркетинг е претставена како Џесика Касарес.

Во истата реклама во САД, таа е претставена како Сара, со малку поневеројатни очекувања за загуба на 5 килограми неделно, наместо македонската верзија на наводни 14 килограми ветена загуба за една недела.

Во Босна и Херцеговина, пак, во истата реклама наменета за потрошувачите, девојката е претставена како Ани Ковачевиќ.

ЛАЖНИ ПОНУДИ

Лагите се продлабочуваат и одат дотаму, што во маркетинг текстот, преку наводно интервју со непостојната соговорничка, таа „открива“ дека Французите за нејзината идеја за драстично брзо губење тежина ѝ понудиле 120 илјади евра! А, корпорација од САД, која, секако, не е именувана, ѝ понудила 35 милиони долари за да им ја даде идејата и тие да го патентираат производот.

Ниту „Французите“ ниту „Американците“ не се поблиску дефинирани во текстот, затоа што никој не понудил толку пари за да направи профит врз револуционерната идеја за слабеење, туку оваа лажна информација е дадена за во продолжение да се пласира дампинг-цената на производот, односно да се влијае психолошки на тој што чита, да поверува дека добива неверојатна понуда што не се пропушта.

ЛАЖНИ АВТОРИТЕТИ

За да му се даде поголем кредибилитет на текстот, се пласира уште еден наводен авторитет во бел мантил, академик Софија Мариновска, македонски ендокринолог.

Во шифрарникот на лекари специјалисти објавен на веб-страницата на Фондот за здравствено осигурување, лекар со име Софија Мариновска нема. Со тоа име и презиме нема ниту таков академик во Македонија.

Без да навлегуваме во карактеристиките и својствата на чајот, а со цитирање на препораките од Мајо клиниката (САД), која констатира дека здравото губење на телесната тежина е од половина до еден килограм неделно, евидентно е дека е невозможно, а уште помалку може да биде здраво, да се изгубат 14 килограми за една недела.

Во секој случај, дури и доколку препаратот е делотворен, тој ѝ е претставен на јавноста којашто треба да го купи на нечесен и манипулативен начин, преку лажни авторитети во бели мантили. Истовремено, производот е прикажан како наводно научно откритие во меѓународни размери, што во никој случај не е точно.