Не, корона-вирусот не се лечи со алкохол!

[Рецензија: ЕВЕ ГО ЛЕКОТ ЗА КОРОНА-ВИРУСОТ: Проф. д-р Кантарџиев тврди дека алкохолот го убива вирусот за неколку секунди]

Да се тврди со големи букви во самиот наслов дека има лек за корона-вирусот во најмала рака е неодговорно и неетички. А, да се тврди дека лекот е пиење алкохол, тоа е тотална глупост и дезинформација.

Линк до оригиналниот напис: ЕВЕ ГО ЛЕКОТ ЗА КОРОНА-ВИРУСОТ: Проф. д-р Кантарџиев тврди дека алкохолот го убива вирусот за неколку секунди

Датум и време на објавување: 6.2.2020

Датум на рецензија: 10.2.2020

Рецензент: Симона Атанасова

Како единствен извор на ова тврдење е пренесувањето изјава на одреден бугарски доктор, кој тврди дека алкохолот го убива вирусот за неколку секунди. Но, нема податок што може да потврди дека доктор Тодор Кантарџиев навистина дал ваква изјава. Не е наведено ниту каде ја дал оваа изјава, ниту има потврда дека навистина го кажал тоа што сензационалистички го тврди насловот. Во написот нема ни линк до бугарски медиум каде што може оригинално да се прочита или види неговата наводна изјава.

Но, дури и докторот навистина да го изјавил ова, тоа не значи дека тврдењето е вистинито и базирано на докази. А уште помалку значи дека треба да биде пренесено во медиуми и на тој начин неодговорно да се шират невистини во ситуација кога луѓето се исплашени од појавата на овој нов вирус и би пробале разни методи да го спречат заразувањето или да се излечат.

Проблематично е и што самиот текст е контрадикторен. Прво се вели дека треба да се следат инструкциите на Светската здравствена организација, а потоа се вели дека редовните консументи на алкохол се позаштитени.

Единствено нешто што го тврди СЗО во врска со алкохолот и корона-вирусот е дека се препорачува дезинфекциско средство за рацете на база на алкохол, но, пред сè, се препорачува често миење на рацете. Тоа е единствениот начин како алкохолот може да помогне против корона-вирусот. И тоа не како лек, туку само како превенција од заразување.

Ама насловот не зборува за превенција туку дека алкохолот е токму лекот и тоа доколку се консумира редовно. Па, оттука се поставува прашањето дали медиумот преку овој текст ги поттикнува своите читатели да пијат алкохол во големи количини за да се спасат од корона? И тоа се тврди без ниту една медицински базирана поткрепа, истражување или каков било доказ дека е вистина.

А не треба да сте доктор или медицинско лице за да знаете дека лек за вирус нема. Постојат лекови што помагаат во третирањето на симптомите на вирусот додека чекате имунолошкиот систем да се избори со вирусот, а најдобра превенција се вакцините.

Така што ваквото тврдење е уште едно во низата дезинформации поврзани со корона-вирусот. Јавноста треба со голема резерва да ги чита овие информации и точноста да ја провери и од други извори. Единствени меродавни за давање какви било препораки и совети во врска со вирусот се од Светската здравствена организација, а со доза недоверба треба да се пристапи кон сè што не е доаѓа од нив.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на Метаморфозис за дезинформациите поврзани со епидемијата на болеста Ковид-19  предизвикана од новиот корона-вирус. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.