Објава на Фејсбук тврди дека УВ светлината го уништува коронавирусот, без притоа да се наведе дека оваа светлина е „УВ Ц светлината“, која воопшто ја нема во солариумите. На овој начин граѓаните се наведуваат на погрешна информација дека одењето во солариум може да помогне во борбата против коронавирусот
Не е точно дека солариумот произведува УВ зраци на кои вирусите не можат да опстанат и не е точно дека ако одите во солариум можете да ги поттиснете вирусите, како што се тврди во постот што е предмет на нашата рецензија, а особено е опасно тоа да се прави во контекст на глобалната пандемија со коронавирусот.
Впрочем, да се тврди дека ,,ултравиолетовото зрачење може ефикасно да го елиминира вирусот” не само што е медицински неиздржано и непоткрепено, туку е и штетно за јавното здравје. Ваквата дезинформација особено може да го зголеми бројот на луѓе кои ќе отидат на солариум, можеби и како замена на лекување на симптомите или како ,,превенција”.
Во постот се поставува прашањето ,,дали одењето во солариум може да помогне во борбата против коронавирусот“, но изјавата од професорот и поранешен директор на Институтот за имунологија во Берн, која се дава како ,,поткрепа” во охрабрувањето на одењето во солариум воопшто не се однесува на солариуми! Таа е дадена во контекст на летниот и зимскиот период и надворешните природни УВ зраци од сонцето!
Солариумот воопшто нема да ве заштити од коронавирусот! Ниту пред, ниту по инфекцијата!
Не, солариумот нема да го убие вирусот. Солариумот има многу пониско ниво на интензитет на светлина отколку онаа што е потребна да се уништи коронавирусот и не може да ги афектира микробите, изјави за американската телевизија Еј Би Си Иван Гоув, специјалист за превенција на инфекции.
Во постот што го рецензираме, лажно се тврди дека имало ,,најнови упатства за дијагноза и лечење на новиот коронавирус кои ги објавила националната здравствена комисија”. Не се наведува која национална здравствена комисија изработила ваков протокол и вакви упатства, ако воопшто некоја и го сторила тоа. Но, дефинитивно е дека македонските здравствени власти вакво нешто не објавиле!
Британскиот национален сервис Би Би Си оди чекор понатаму и детално и многу концизно, во консултација со експерти, опишува дека има три вида на УВ зраци, УВ А, УВ Б и УВ Ц зраци.
Најголемиот дел од УВ Ц лампи на пазарот не користат УВ Ц зраци. Освен тоа, нивното влијание уште не е испитано врз луѓето туку само врз животните. Така што, ваквиот вид на зрачење веројатно нема да ви помогне во текот на пандемијата.
Доколку ја изложите вашата кожа на каков било вид УВ зрачење, тоа ќе води до оштетување и ќе го зголеми вашиот ризик од рак на кожата. А, кога вирусот е веќе влезен во вашето тело, не постои количество на УВ зраци кои што ќе направат разлика, сумираат оттаму.
Во Ирска инспекторите затвориле салон за солариум откако сопствениците лажно тврделе дека ,,солариумот го лекува коронавирусот”.
Да се тврди дека УВ светлината го уништува коронавирусот, без притоа да се наведе дека оваа светлина е „УВ Ц светлината“, која воопшто ја нема во солариумите, е опасно наведување на граѓаните на погрешна информација која е штетна за нивното здравје.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.