Руски хакер на Дарк нет, пронајде база на податоци што прикажуваат информации за вакцинираните лица (како што се нивните витални знаци, нивните точни GPS координати, без разлика дали спијат или се будни), а кои се претставуваат во реално време. Сите кои примиле вакцина сега се следат во реално време од овој систем на вештачка интелигенција 5G. Тие станаа предаватели, пренесувајќи ги сите информации за себе назад до мајчинството или примачот на АИ. Исто така се прикажани точните информации за фирмверот, информациите за процесорот што се наоѓа во лицето. Оп.
Од 18 секунда на следното видео повеќе лекари одговараат на прашањето дали вакцината против ковид-19 содржи микрочип и сите се изјаснуваат негативно по ова прашање.
Јавно се достапни сите компоненти на вакцините како дел од постапката за одобрението што треба да го добијат од Агенцијата за храна и лекови на САД, така што компаниите не може да изненадуваат со тоа што содржат нивните вакцини, вели доктор Џош Леско во видеото (18 секунда од видеото).
Конспирацијата за микрочипови во вакцината почна кога Компанијата АпиЏект од САД, објави дека размислува за „опционален микрочип“, ама тој ќе биде на етикетата од шприцот и нема да се инјектира при имунизацијата. Важно е да се каже дека овој микрочип е засега наменет само за САД, а не за Македонија, а неговата намена, како што за Ројтерс потврдил портпаролот на фирмата, Стив Хофман, е следната:
- Да му овозможи на здравствениот работник да верификува дека вакцината и шприцот не се со истечен рок и не се фалсификат.
- Да потврди дека вакцината во шприцот е искористена.
Здравствениот работник би користел апликација на мобилниот телефон за да ја види оваа информација или да ја внесе во системот. Сето тоа ќе се прави без никакво навлегување во личните податоци за пациентот. Информациите во оваа апликација ќе се однесуваат само на дозите и на шприцевите односно на вакцината, а не на човекот.
Како што може да се види од следниот линк, оваа технологија е сосема опционална и американската влада уште нема ни одлучено дали сака да ја користи или не! Фирмата АпиЏект не ги произведува вакцините, туку само ги полни во своите шприцови, за да бидат достапни за користење. Чипот нема да собира лични податоци ниту податоци за тоа кој ја примил дозата, туку ќе му овозможи на здравствениот работник да знае кога дозата е со истечен рок и дали е фалсификат.
На здравствените системи воопшто не им треба чип за да водат евиденција кој, кога и каде се вакцинирал со која вакцина. Тоа е нивна обврска и се прави со цел евиденција. Но, личните податоци се заштитени, а хакерски упад во нив, каков што е претставен на видеото кое е во склоп на рецензираниот пост, е кривично дело. Барем во Македонија.
Бидејќи во видеото што го рецензираме се кажува дека чиповите се во Спутник вакцината, решивме да ги провериме состојките на оваа вакцина објавени официјално на страницата на Министерството за задравство за вакцинација.
Според наведеното во упатството за користење првата доза содржи рекомбинантни аденовирусни честички серотип 26 кои содржат ген протеин С на вирусот SARS-CoV-2, во количина од (1,0 ±0,5) x 1,011 честички по доза.
Помошни состојки се трис(хидроксиметил)аминометан – 1,21 mg; натриум хлорид; сахароза – 25,0 mg; полисорбат 80 – 250 μg; магнезиум хлорид хексахидрат; динатриум сол дихидрат на етилендиаминтетраоцетна киселина – 19,0 μg; етанол 95% – 2,5 μl; вода за инјекции околу 0,5 ml или помалку.
Втората доза односно втората компонента содржи активна супстанција од рекомбинантни аденовирусни честички серотип 5, кои содржат ген протеин С на вирусот SARS-CoV-2, во количина од (1,0 ±0,5) x 1,011 честички по доза.
Помошни состојки на втората доза се трис(хидроксиметил) аминометан – 1,21 mg; натриум хлорид; сахароза – 25,0 mg; полисорбат 80 – 250 μg; магнезиум хлорид хексахидрат; динатриум сол дихидрат на етилендиаминтетраоцетна киселина – 19,0 μg; етанол 95% – 2,5 μl; вода за инјекции околу 0,5 ml или помалку.
Не може да се утврди во каква точно дата база влегува хакерот од видеото што го рецензираме. Меѓутоа, секоја држава има своја дата база за медицински информации за тоа кој примил каква вакцина, кога, колку дози, од кој производител. Тоа е и логично и нема ништо спорно во тоа да се води евиденција која е со заштита на приватните информации на примачот на вакцината. Така, на пример, секој граѓанин во Македонија при вакцинацијата добива вакцинален картон, на кој е наведено името презимето, вакцината ревакцината и производителот на вакцината. Базирано на ова ќе се издаваат и вакцинални карти за патување, односно потврди со кои што може да се напушти земјава и да се патува во земјите од ЕУ. Токму такви информации се од неопходно значење за секој државен систем и не може да се замисли здравствен систем кој не би имал податоци за тоа кој граѓанин примил каква вакцина. Постоењето на такви податоци никако не покажува дека тие се следени, туку дека во нивната медицинска историја е заведено кој, кога и каде се вакцинирал со која вакцина. Во тоа нема ништо нелогично или скандалозно.
Но, дефинитивно е лага дека било која вакцина содржи микрочип во нејзиниот состав, без разлика на тоа какви бази на податоци постојат во здравствените системи на секоја земја. Вакцината содржи само компоненти кои што имаат за цел да создадат имунитет против коронавирусот кај вакцинираното лице, немаат никакви компоненти што ќе му ја променат ДНК на реципиентот, ниту пак некако ќе го следат во секојдневниот живот.
Дезинформациите и конспирациските теории за чипување, доживуваат виралност и се темелат на неинформираност за процесот на имунизација и имаат за цел да го обесхрабрат населението да се вакцинира, под плаштот на празните муабети дека со вакцината се прима знакот на ѓаволот.
Базирано на се претходно наведено, информацијата дека со вакцината Спутник В или со било која друга вакцина, во вас се имплементира микрочип со кој што владата потоа ве следи во реално време, ја оценуваме како невистина. Точно е дека секој здравствен систем има база на податоци за медицинска историја на секој пациент поединечно, вклучително и кој кога и каде се вакцинирал. Впрочем, дури и кога се искажува интерес за вакцинација, граѓаните ги оставаат своите лични податоци и потоа преку системот „Мој термин“ се повикуваат на пункт. Меѓутоа, тоа што државата знае кој и со што се вакцинирал, е за потребите на статистиките, да се избегнат злоупотреби со двојна вакцинација итн, а не за да се следи некој со микрочип.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.