Рецензираме текст со фејсбук-пост, со наслов „ФОТО Тамара го нападна сопствениот народ, го нарече „македонче“, ако не ни се допаѓала Северна, да не сме земале плата“.
Во текстот се тврди дека пејачката Тамара Тодевска објавила дека не се во право тие што го критикуваат Васил Гарванлиев затоа што тој не се пласира во финалето на Евросонг годинава. Во текстот се тврди дека Тамара на „Инстаграм“ напишала:
Цела ноќ и наутро читам коментари, статуси на Фејсбук и Твитер. Едни пресреќни, други пцујат што не сме победиле (а богами бевме подобри од онаа лошата копија на Колдплеј или што би рекла Ивана – Колдплеј за сиромашни). Трети „хејтаат“ до зла бога и назад.
Но, за што всушност се работи? Објавата на Тамара Тодевска на „Инстаграм“ е коментар кој ѝ е упатен од нејзин обожавател со поддршка за нејзиниот настап на Евровизија во 2019 година, кога ја претставуваше земјава на фестивалот. Значи, постот што Тамара само го реобјавила, а кој е стар, не го напишала таа, туку нејзин обожавател, кој ѝ го упатил тоа писмо непосредно по нејзиниот настап на Евровизија во 2019 година.
Во реобјавата може да се насети дека станува збор за стара објава, затоа што има два хаштага Proud и Oldy but goldy, со кои Тамара Тодевска се обидела да асоцира дека споделеното е стар материјал. Исто така, на крајот од споделеното стори, може да се види обраќање од обожавателот во кое пишува „Тамара, те сакаме сите, да знаеш”. Целата објава не е пишувана во прво лице, како самата пејачка да ја напишала, туку е во трето лице, како некој друг да зборува за Тамара. Исто така, во објавата на „Инстаграм“, може да се види дека не станува збор за годинешното издание на Евровизија, затоа што е наведено кои земји на Македонија ѝ дале поени, а тие земји годинава воопшто не дадоа поени за Македонија, туку тоа го сторија во 2019 година, кога претставничка беше Тодевска:
„Ало бре! Стручно жири на Велика Британија ни даде 12 поени. Знаете ли која е Велика Британија. Не е Тереза Меј, не е Брегзит. Не е Меган Маркл. Британија е земја на „Depeche Mode“, „Joy Division“, „Queen“, „Stone Roses“, „The Beatles“, „Cure“, „Oasis“, „Smiths“, „Rolling Stones“, „Pink floyd“, „Radiohead“, „Led Zeppelin“…
Меѓутоа, во текстот што го рецензираме погрешно е сфатен контекстот и оттаму е погрешно информирана јавноста дека споделеното старо писмо со поддршка од обожавател, всушност го напишала Тамара и дека тоа е некако поврзано со Васил Гарванлиев и со името Северна Македонија.
На „Фејсбук“ пејачката мораше да објасни дека ова не е точно. Таа напиша:
Драги мои следбеници и почитувани медиуми, во изминатите 20 часа во поедини медиуми се пренесува изјава која е дадена по повод моето учество на Евровизија во 2019 година, а воедно не е моја изјава. Чувствувам одговорност да објаснам дека изјавата никако не се однесува на настапот на овогодинешниот претставник на Евровизија, кој длабоко го почитувам и се радувам на неговиот успех.
На 20 мај 2021 година за „Женски магазин“ пејачката изјави дека не е логично самата да се фали и да зборува за себе во трето лице еднина.
Како што објави „Женски магазин“, поп-ѕвездата споделила фејсбук-статус од 2019 година, за кој вели дека не знае кој го напишал и вели дека ѝ е чудно како можел некој да помисли дека го напишала таа, а коментарот за неа зборува во трето лице.
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека станува збор за испуштање на контекстот, односно објавата што е споделена во стори на „Инстаграм“ на профилот на Тамара, не е сфатена во контекстот во кој што е објавена, односно дека неа и е атрибуирана изјава што таа самата не ја дала. Исто така, наведената изјава погрешно е контекстуализирана за годинашниот настап на Васил Гарванлиев, иако вистинскиот контекст на изјавата е во 2019 година, за настапот на самата Тамара.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.