Тврдењето дека вакцините предизвикуваат варијации на ковид, односно дека поради нив вирусот мутира, е неточно. Варијации, односно мутации на вирусот се појавија и пред вакцината да биде достапна во националните планови за имунизација на земјите, а вирусите природно кога живеат долго време во една иста средина, се обидуваат да преживеат, односно да се променат. Исто така, постои дискрепанца меѓу видеоматеријалот што е презентиран и описот над видеото поставен во овој пост, односно тие не кореспондираат
Рецензираме пост на „Фејсбук“ во којшто е изнесена дезинформација, а тоа е направено на начин што e прикачен и видеоматеријал што нема никаква врска со она за што авторот на објавата тврди дека се кажува во клипот.
Станува збор за видео од телевизиски прилог во вестите на Nine News во којшто се известува за изолоран случај во Палм Спринг, каде што сопственичка на фризерски салон не сака во нејзиниот приватен бизнис да доаѓаат клиенти кои се веќе вакцинирани, затоа што таа не ја споделува со нив мислата дека вакцините штитат, туку смета дека „тие им прават штетни нешта, особено на жените“. Целиот телевизиски прилог е фокусиран на овој изолиран случај каде што сопственичката на бизнисот не сака да врши фризерски услуги за клиенти кои се вакцинирани. Ова е спротивно на логиката на вакциналните кампањи кои што овозможуваат поголемо отворање на бизнисите, патувања, манифестации и слично и зависат од внатрешните политики на секоја земја.
Нејсе. Но, авторот на постот, кога го споделува ова видео од вестите на Nine News, вели дека:
Nine news tv. Вакцинираните всушност ги произведуваат сите „нови варијанти“ на ковид и едноставно се разболуваат. Затоа, во Палм Бич забрануваат вакцинирани лица.
Варијациите, односно мутацијата на вирусот, е резултат на тоа што меѓу населението вирусот постоеше пролонгирано време.
Нема докази дека вакцините создаваат нови мутации или варијации зашто вакцинацијата ги спречува инфекциите со вирусот, на таков начин превенирајќи тие да го пренесат на други, вели доктор Стјуарт Реј, професор на Универзитетот ЗА МЕДИЦИНА „Џон Хопкинс“, за „Асошиејтед прес“.
Во врска со ова доктор Сара Форчн од Харвард за „Политифакт“ објаснува дека:
Вирусот секогаш ќе се труди да еволуира и да преживее. Не значи дека луѓето не треба да се вакцинираат. Вирусот ќе се обидува да му избега на природниот имунитет, дури и ако решите да не се вакцинирате. Одбивањето вакцинација нема да го ограничи еволуирањето на вирусот.
Што се однесува, пак, до тврдењето во видеоматеријалот, изнесено од фризерката во Палм Спрингс, а која не сака да прима вакцинирани клиенти, авторот на овој пост, исто така, погрешно пренесува дека нејзиниот мотив е тоа што вакцините ги предизвикувале варијациите на ковид. Не, во видеото таа кажува дека нејзиниот мотив е во тоа што, според неа, вакцините им прават „нешто лошо на жените“. „Вистиномер“ веќе ја разобличи оваа дезинформација.
Поради сите горенаведени аргументи, како дезинформација го оценуваме тврдењето дека вакцините предизвикуваат варијации на ковид, односно дека поради нив вирусот мутира. Варијации, односно мутации на вирусот се појавија и пред вакцината да биде достапна во националните планови за имунизација на земјите, а вирусите природно кога живеат долго време во една иста средина, се обидуваат да преживеат односно да се променат. Исто така, постои дискрепанца меѓу видеоматеријалот што е презентиран и описот над видеото поставен во овој пост, односно тие не кореспондираат.