Врската што постои меѓу верувачот и неговите теории на заговори изгледа јака и нераскинлива. Па сепак, како и секоја врска, така и таа не е имуна на мешање од трета страна. Успешното посредување, пак, подразбира добронамерност и извесна доза лична засегнатост, како и неограничени количества емпатичност, тактичност и дипломатичност. Тоа се вештини на комуникација, кои во време на пандемија важат за сите профили и професии што доаѓаат во контакт со верувачи во теории на заговори (и роднини и пријатели, и лекари и новинари)
Пишува:Д-р Билјана Ѓонеска, научна соработничка, МАНУ
Врска што се темели на конспирации и сомнеж е однапред осудена на неуспех.
Овој исказ ги отсликува еднакво и реалистичните случувања помеѓу злоставувачите и нивните жртви, но и симболичните врски меѓу верувачите и нивните теории на заговори. Со таа разлика што верувачот што создава амбиент на заговори и сплетки, не би можел да биде претставен како „злоставувач“, туку како „жртва“ на сопствените теории. И навистина, тој воспоставува интимна и блиска врска со своето верување, која може да опстане и под најсилниот налет од добронамерни обиди за разубедување. Потоа верувачот „страда“ од класични симптоми на „злоставување“. Така, тој има постојано чувство на демнечка „закана“ придружена со недоверба и отуѓување од блиските, како и несигурност за вистинската слика за светот. Се чини дека теориите на заговори не се толку опасни за замислените „противници“ или општеството, колку што се ризични за своите поддржувачи. Затоа, стратегиите за справување со теориите на заговори (т.е. нивно спречување, разобличување или ограничување) треба првенствено да бидат насочени кон главните поддржувачи и расејувачи (т.е. самите верувачи).
Тахниките за нивно спречување можат да бидат особено делотворни, бидејќи им погодуваат на главните особини на верувачите во теории на заговори, односно осетливоста кон заканa и склоноста кон недоверба. Поточно, со предупредувањето за можна манипулација (анг. foreworning) и предвременото разобличување на потенцијалната дезинформација (анг. prebunking), се канализираат склоностите на верувачот (кон недоверливост и осетливост за закани) и се насочуваат кон правата цел: самите теории на заговори.
Од друга страна, техниките за нивно разобличување (анг. debunking) имаат ограничено дејство, па бараат постојан напор на секој одговорен поединец. Вообичаената пракса за разобличување на теориите на заговори опфаќа три чекори: 1) да се почне со наведување факти кои соодветствуваат на објективната вистина; 2) да се направи осврт кон теориите на заговор, со посебен акцент на логичките грешки, предрасуди и недоследности што ги содржат; 3) да се заврши со нагласување на фактите, аргументите и објективната вистина.
Овој таканаречен „сендвич на вистината“ содржи три слоја информации со јасен и прецизен редослед: „лагата“ е секогаш притисната од двете страни со „вистина“ ем притеснета помеѓу два слоја факти. „Рецептот“ за ваков „сендвич“ им се препорачува на новинарските работници, при обезбедување „здрава медиумска диета“ за целото население. За новинарите е упатно да се придржуваат до наведениот редослед во известување, бидејќи од нив обично се бара да ги покријат сите страни на некоја приказна. Значи, добро е да се почне со факти (бидејќи почетокот е впечатлив, па останува во сеќавањето), но добро е со нив и да се заврши (за да се истиснат лагите и да остане вистината).
Во услови на здрвствена криза, вообичаено е граѓаните да бараат совет од своите лекари, па особено внимание треба да се посвети и на комуникациските стратегии од медицинските работници, бидејќи тие стануваат гласноговорници на вистината и разобличувачи на теории на заговори поврзани со ковид -19. Во таа смисла, традиционалниот однос меѓу лекарот и пациентот, кој е заснован на готови препораки од авторитети, треба да се замени со пристап што се темели на активно слушање и разговор. Ова подразбира поставување отворени прашања (наместо сервирање готови одговори) и уважување на туѓите грижи и размислувања (наместо надредено потценување). На тој начин би биле идентификувани и правилно адресирани изворите на заблуди, низ една пријателска атмосфера на соработка меѓу лекарот и пациентот.
И конечно, во доба на социјални мрежи, граѓаните стануваат медиуми и извори на (дез)информации за својот круг пријатели и следбеници. Значи секој од нас поединечено може да помогне во справувње со теории на заговори, доколку се придржуваме до некои едноставни препораки. На почетокот е важно да се процени дали искажаниот став или споделениот наратив е теорија на заговор и дали таа е опасна за здравјето на луѓето. Оние теории на заговори што немаат далекусежни последици по многу луѓе (на пример, верувањето дека Земјата е рамна) или не се доволно проширени меѓу народот, е подобро да не бидат коментирани или споделени, за да не бидат потсилени. Потоа, треба да се процени дали потенцијалниот соговореник е отворен за разговор и дали има простор за размена на мислења. Разговор со ригидни поддржувачи на теории на заговори не ветува позитивен исход и најчесто оди на штета на другата страна. Доколку има простор за разговор, упатно е да се прави насамо, за да се овозможи искреност без притисок од околината (т.е. желба за напад или одбрана пред другите). На почетокот од разговорот треба да се бара нишката што ги спојува заедничките ставови на двата соговорника и да се настапи од заедничка позиција. Теориите на заговор се убедливи бидејќи содржат и некои основани сомневања или, пак, фикцијата ја мешаат со факти, па фрагментите вистина треба да послужат како појдовна точка за разговор. Во текот на разговорот треба да се нагласи сопствената непристрасност и објективноста (отсуство на трети интереси). Во идеални околности, разговорот би течел постапно (со разгледување на секоја одделна теза) и без меѓусебно разубедување, ами во функција на меѓусебно разбирање. Фактите би биле пласирани без морализирање (врз соговорникот) и без обременување (на дискусијата). А, вистинската (раз)врска со теориите на заговори, би била конечната награда од овие разговори.
Авторката е национална претставничка во европскиот проект за „Компаративна анализа на теории на заговори“ (conspiracytheories.eu).
Овој едукативен текст е подготвен во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“, кој го спроведуваат Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“ со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржините од „Критинк“ се слободни за целосно преземање согласно условите на лиценцата „Криејтив комонс“, под услов да се наведе изворот и да се постави линк кон онлајн ресурсниот центар crithink.mk. Содржините не секогаш ги изразуваат ставовите на Европската Унија.