Не Заев, туку Судскиот совет го разреши Вангеловски

 

[Рецензија: Заев побара, Заев доби разрешување на Вангеловски: Кој ги пренесе денес неговите пораки до „независното“ судство?]

Насловот на текстот што го рецензираме дезинформира и манипулира во врска со разрешувањето на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Вангеловски беше разрешен од Судскиот совет со осум гласа „за“, поради несовесно вршење на функцијата. Пред две години тој и уште двајца судии на Врховниот суд постапиле незаконски, поради тоа што во тоа време му овозможиле на бизнисменот Сеад Кочан (кој сега е во затвор за случајот „Труст“), да излезе од притвор и да се брани од слобода, по што тој избега.

Линк до оригиналниот напис: Заев побара, Заев доби разрешување на Вангеловски: Кој ги пренесе денес неговите пораки до „независното“ судство?

 Датум и време на објавување: 10.9.2019

Датум на рецензија: 12.9.2019

Рецензент: Силвана Жежова

Се остварува наредбата на Зоран Заев за paзрешување на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Денешната седница на судскиот совет е само уште една потврда за целосната контрола на правосудството од страна на власта на чело со Зоран Заев.

Постапката за разрешување на Јово Вангеловски трае две години, поради неуспешни обиди да се најде мнозинство во Судскиот совет за негово разрешување. Што значи, не претставува одлука донесена набрзина, по нечија наредба. На седницата на Судскиот совет на 10 септември, со мнозинство од осум гласа „за“, тој беше разрешен како од позицијата претседател на Врховниот суд, така и од местото судија. Во текстот, иако премиерот Зоран Заев се посочува дека „дал наредба за негово разрешување“ и дека има „целосна контрола на правосудството“, сепак не е даден ниту еден доказ дека тој влијаел.

Во прилог на одлуката на Судскиот совет е и тоа што Јово Вангеловски е посочен и во извештајот на Стејт департментот на САД за човековите права за 2018 година, каде што, меѓу другото, е наведен специјалниот извештај на СЈО за четворица судии што дозволиле политиката директно да се вмеша во судството:

На 14 септември канцеларијата на специјалниот обвинител поднесе посебен извештај за судиите од незаконските прислушувања во 2008-2015 година…

Помеѓу 2011 и 2015 година четворица судии биле инволвирани во „флагрантно кршење на интегритетот, независноста, стручноста и злоупотреби. Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, споделувал клучни информации за активни случаи со политичарите и функционери за судењето.

Во однос на изјавата на градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, дека „Заев му вршел притисок во насока на разрешување на Вангеловски од позицијата претседател на Врховниот суд“, тој постапката требало да ја води пред надлежните органи и да го пријави евентуалниот притисок од страна на премиерот. Сепак, освен споменатата изјава за медиуми, не е познато дека Беџети има покренато таква постапка.

Текстот што го рецензираме има интенција да фрли дамка врз смената на Вангеловски, претставувајќи дека се работи за политичка одлука. Иако, одлуката за разрешување на Вангеловски ја донесе Судскиот совет, кој меѓу другото ги има следните функции: да ги избира и разрешува судиите; да ги избира и разрешува претседателите на судовите; да утврдува престанок на судиската функција и др.

Инаку Кочан, кој од Вангеловски и двајцата судии беше ослободен од притвор, е осуден на четири години и осум месеци затвор за случајот на СЈО, „Труст“, поради манипулации за добивање тендер од ЕЛЕМ од 17 милиони евра со прикажување лажна документација.