Не загадувањето, туку „имунитетскиот долг“ е причина за респираторните инфекции кај децата

Увидот во болницата во Гевгелија, кој го изврши стручен тим од Детската клиника, покажа дека причината за респираторните инфекции кај децата – кои не се карактеристични за летниот, туку за зимскиот период, воопшто не е загадувањето на воздухот туку „имунитетскиот долг“. Состојба, која и домашни и светски експерти ја објаснуваат како нагло изложување на вируси и бактерии по долг временски период на живот за децата во карантини, со ограничени социјални контакти, без да одат во градинка

 

Рецензираме пост на „Фејсбук“ во којшто децидно се тврди дека причината зошто педесетина деца  во изминатите три недели побарале помош за респираторна инфекција во болницата во Гевгелија, е загадувањето на воздухот.

Многу е јасна ситуацијата. Загадувањето е причина за респираторните проблеми на децата. Уште планирате топилница за отпад да правите, монструми хоштаплерски, се вели во постот.

Во прилог на објавта е линкувана и статија во која се објаснува дека тим од педијатрија ќе испитува зошто педесетина бебиња и дечиња покажуваат симптоми на респираторна инфекција среде лето.

Меѓутоа, како што покажаа крајните резултати на увидот во болницата во Гевгелија, кој го изврши стручен тим од Детската клиника, причината за овие респираторни инфекции, кои не се карактеристични за летниот, туку за зимскиот период, воопшто не е загадувањето на воздухот, туку „имунитетскиот долг“. Состојба, која и домашни и светските експерти ја објаснуваат како нагло изложување на вируси и бактерии по долг временски период на престој на децата во карантини, со ограничени социјални контакти, без да одат во градинка.

Реномираниот „Гардијан“ објави дека во Нов Зеланд децата зачестено се разболуваат поради „имунолошки долг“ од ковид. Весникот пишува дека децата подолго време, поради карантините, не биле изложени на бактерии и вируси, па сега нивните имунолошки системи страдаат по олабавувањето на рестриктивните мерки. Болниците во Нов Зеланд го плаќаат данокот на имунитетот што го создадоа рестрикциите, со одделенија преплавени од бебиња што имаат респираторни вируси.

Во болницата во Велингтон има 46 хоспитализирани деца за респираторни болести, вклучително и синсицијалниот вирус. На дел од нив им треба кислородна поддршка. Некои педијатри за „Гардијан“ објаснуваат дека овој зголемен број е резултат на тоа што луѓето не развиле имунитет за другите вируси, поради карантините и затворањата од ковид-пандемијата, што сега предизвикува експлозија на случаи.

Епидемиологот Мајкл Бејкер го објаснува феноменот, користејќи ја метафората за шумски пожари.

Ако година или две помине без пожар, има повеќе материјал на земјата, за кога ќе дојдат пламените јазици. Кога огнот конечно ќе дојде, тој гори пожестоко. Тоа што го гледаме сега, е, всушност, голем број на деца кои пропуштиле да бидат изложени, па ова е нивната реакција во првичен контакт со вируси кои претходно не ги виделе, изјави Бејкер.

„Гардијан“ објаснува дека мерките за заштита против ковид не штитат само од ковид, туку го потиснуваат ширењето и на други болести кои се пренесуваат на сличен начин, вклучително на грипот, настинката. Во Нов Зеланд минатите зимски локдауни предизвикаа случаите на грип да се намалат за 99.9 проценти.

Токму оваа состојба ја потврдија и здравствените власти во земјава по извршениот увид во медицинските досиеја на децата, поточно, тие утврдија со сигурност дека децата немаат ковид, односно дека се негативни на ПЦР-тестот и понатаму дека немаат антитела на ковид, што значи дека не го прележале вирусот. По елиминацијата на овие две работи, министерот за здравство, Венко Филипче, за медиумите изјави:

Очигледно е дека сега имунолошкиот систем на некој начин проработува поради тоа што подолго време биле изолирани. И сега како се раздвижуваат децата доаѓаат во контакт со предизвикувачи и на тој начин реагира имунолошкиот систем.

Претходно, како што објави „Мета“, зголемен број случаи на респираторен синцицијален вирус е забележан и во други држави, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави. И во болницата во Козле било пријавено зголемување на бројот на децата со респираторна инфекција.

И професорот на Медицинскиот факултет, доктор Драган Даниловски, го објаснува овој феномен на имунитетски долг за за веб-сајтот „Доктори“:

РСВ е честа респираторна болест. Кај возрасните, генерално, произведува само многу благи симптоми, слични на настинка – но кај малите деца може да предизвика и тешки симптоми – со бронхопневмонија – па дури и смртни исходи.

Појавата на поголем број случаи кај нас и во некои земји во светот – Нов Зеланд, Австралија – се должи на еден феномен наречен „имунитетен долг“, кога луѓето не развиваат имунитет на други вируси потиснати од „локдауните“ за време на пандемијата на Ковид, предизвикувајќи експлозија на случаи, по релаксирање на мерките.

И увидот на стручната комисија од Детската клиника и она што официјално го соопштија здравствените власти беше резултат на вирусна инфекција неповрзана со ковид, а не на загадувањето на воздухот, како што се тврди во постот што го рецензираме. Оттука, таквото тврдење го оценуваме како невистинито.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.