Нема да има никаков отстрел на невакцинираните со вакцинална муниција

Невистинито е тврдењето изнесено во постот што го рецензираме, дека е можен вакцинален отстрел на граѓаните што не сакаат да се вакцинираат преку „безопасни куршуми“ на чиј врв ќе има ампула за имунизација. Техника за имунизација како гореспоменатата не постои никаде во светот

 

Рецензираме пост на „Фејсбук“ што инсинуира присилна вакцинација на населението со непостојна метода, во која, наводно, би биле вклучени и војската и полицијата! Во постот се вели:
Друга мерка е далечинска имунизација со помош на војската, полицијата и шинтерските служби. Односно лов на невакцинирани и нивен отстрел со вакцинална муниција. Стрелбата ќе се врши со специјални безопасни куршуми на чиј врв има монтирано ампула со вакцина, со стрелка што го боде пленот и при контакт му ја инјектира содржината. Пожелни места за нишанење би биле врат, рамо, бутови итн. Стомак, грб и нозе се исто така прифатливи иако не и идеални. Со оваа мерка, за 3 дена максимум би требало да се комплетира имунизацијата до 100 проценти.

Техника за имунизација како гореспоменатата не постои никаде во светот. Не може да се имунизира некој со „безопасна муниција“ и постот, доколку не е сатиричен, (а кога ќе се земе предвид претходната содржина од истиот автор, се доаѓа до заклучокот дека постовите имаат сериозен призвук), станува збор за груба дезинформација и за фантазирачка стратегија за присилно вакцинирање на сè уште невакцинираните граѓани.

Во земјава вакцинацијата е бесплатна и на доброволна основа. Секој граѓанин што сака да се вакцинира, најнапред изразува интерес за вакцинација, по што доаѓа на одреден пункт за вакцинација каде што дава писмена изјава за согласност за вакцинација. По примени две дози вакцина во одреден временски интервал (зависно од производителот), тој се смета за целосно имунизиран и добива вакцинален сертификат. Од месец јули, Министерството за здравство ја промени вакциналната стратегија, поради постоење доволни количества вакцини во земјава, па вакцинацијата се одвива и без закажан термин, во поликлиниките и здравствените домови. Има и теренска имунизација на населението од руралните средини, исто така, со претходна согласност. Се врши и имунизација на децата над 12 години (околу 1.800 досега се пријавиле и добиле термин за вакцинација), со согласност и одобрение на родителите.

Ова е стандардната протоколарна процедура според која се одвива имунизацијата во земјава и никаков отстрел на невакцинирани ниту се случува ниту ќе се случува, уште помалку со некакви „безопасни куршуми“. Настрана фактот што таква технологија која би користела куршуми што би вакцинирале луѓе на далечина едноставно не постои. Конечно, тоа и не е битно. Како што е многу добро познато и како што сите што се веќе вакцинирани знаат, пред примањето на вакцината заинтересираните лица имаат консултација со лекар. Таа консултација е многу важна, зашто од неа може да произлезе дека лицето не е погоден кандидат за вакцинација – или затоа што неодамна прележало ковид-19 или затоа што можеби има некоја медицинска состојба поврзана со имунитетот, па вакцината може да биде или штетна или бескорисна. Во таквите случаи, ваквата вакцинација на далечина, дури и кога би била изводлива од технолошка гледна точка, би била штетна за насилно вакцинираното лице. Да не говориме за тоа што вакцините против ковид-19 се примаат во две дози и тоа во точно утврден интервал, па при ваквата вакцинација со непостојните „безопасни куршуми“ лицата би требало да бидат ловени и по вторпат и тоа во точно определен ден. Сето ова е бесмислено.

Во меѓувреме, во тек е масовна кампања за подигнување на свеста кај населението за вакцинација, поради тоа што 85 проценти од граѓаните треба да постигнат имунитет, било преку прележување или преку вакцинација, за да се стави крај на епидемијата во земјава. Таа кампања ги потенцира придобивките на вакцинацијата, споредено со ризиците и компликациите што настануваат како последица од ковид-19. Официјално е потврдено дека сите вакцини штитат против тешка форма на болеста и смрт.

Вакцината е промовирана како најсилно оружје против болеста ковид-19 и за ставање крај на епидемијата на корона-вирусот, но таа и понатаму е на доброволна основа и покрај тоа што во други земји во Европа, нејзината администрација може да претставува услов за посетување настани во затворен простор. Во Македонија се размислува за воведување таква мерка од септември.

Дури и кога оваа мерка би се спровела, тоа не би значело задолжителна имунизација на населението, туку спречување на тие што не сакаат да се вакцинираат да го доведуваат во опасност јавното здравје.

Поради горенаведеното, оценуваме дека е неостварливо, а со тоа и невистинито тврдењето изнесено во постот што го рецензираме, дека е воопшто можно граѓаните да бидат доведени на масовен вакцинален отстрел преку „безопасни куршуми“ на чиј врв ќе има ампула за имунизација.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.