Карантинот на антиваксерите нема да го стопира ширењето на вирусот

Карантинот на антиваксерите што се предлага во овој пост на „Фејсбук“ нема да го реши проблемот, ниту, пак, со применување ваков тип мерка целосно ќе се спречи трансмисијата на вирусот. Вирусот ни доаѓа однадвор. Па, дури и да се направи тринеделен карантин за невакцинираните од 1 до 21 септември, како што се бара во објавата, на 22 септември може во државата да влезе некој од странство и да зарази невакцинирани лица. Освен невакцнинираните, може да се заразат и оние што се целосно имунизирани, иако во многу мал процент. Сите вакцини, одобрени од СЗО, штитат од тешки форми на болеста, хоспитализација и смртни последици, но ниту една од вакцините не нуди 100 проценти заштита од разболување

 

 

Преку фејсбук-објава се дава предлог луѓето што одбиваат да се вакцинираат (антиваксери) да бидат ставени во карантин и на тој начин, како што се тврди во објавата, ќе запре пандемијата.

Бидејќи не може да ги вакцинираме со сила, и бидејќи парични казни ќе немаат ефект, можеби најдобро решение е казната да биде во форма на карантин во домот (еден вид домашен притвор) во траење од 3 недели. Меѓутоа, таа мерка ќе треба да стапи во сила истовремено за сите инаку пак не би имало ефект.

Ова, иако е објавено само како предлог за решение за спас од понатамошното ширење на вирусот, сепак, му недостига контекст, затоа што карантинот на невакцинираните нема да го реши проблемот, ниту со применување ваков тип мерка целосно ќе се спречи трансмисијата на вирусот.

Да, вакцинацијата е единственото достапно решение за сузбивање на оваа пандемија, која го стави светот на колена една и пол година и која предизвика над 4 милиони човечки жртви. Но, вакцинацијата против корона-вирусот е на доброволна основа, не е задолжителна никаде во светот, ниту кај нас, па така оваа предложена мерка не може ефективно да се реализира.

Дури и да може да се реализира, не би го постигнала ефектот да го спречи ширењето на вирусот. Иако вирусот најлесно се шири кај невакцинираната популација и ги прави поризични за заболување, нивниот карантин нема да го реши проблемот, ниту ќе спречи нивно заболување и по карантинот. Вирусот ни доаѓа однадвор. Исто како првичната варијанта на вирусот, новите мутации ни доаѓаат од странство – не се создаваат во државата.

Дури и да се направи тринеделен карантин за невакцинираните од 1 до 21 септември, како што се бара во објавата, на 22 септември може во државата да влезе некој од странство и да зарази некој што не е вакциниран. Границите се отворени, а во нашата држава не се воведени никакви мерки за оние што влегуваат во земјата од странство, било тоа да се наши граѓани или странци. Секој влез во државата на некој што присуствувал и имал контакти во странство е потенцијален ризик, а карантинот на невакцинираните никако нема да го реши тоа.

Освен невакцнинираните, може да се заразат и оние што се целосно имунизирани (иако во многу мал процент), да развијат некој или повеќе симптоми на вирусот и да заразат други лица. Сите одобрени вакцини од Светската здравствена организација штитат од тешки форми на болеста, хоспитализација и смртни последици, но ниту една од вакцините не нуди 100% ефикасност.

Следен проблем во однос на ваквиот прилично масовен карантин е неговата практична неспроведливост. Едноставно, нема кој да спроведе една таква масовна акција на затворање стотици илјади луѓе во нивните домови во период од три недели. За разлика од полицискиот час, кога улиците се празни, во овој случај тие што треба да се во карантин многу лесно можат да се кријат меѓу своите сограѓани што ја немаат таквата обврска. Да не говориме за тоа дека би требало и брзо да се креира и систем на легитимирање за органите на редот да можат да ги разликуваат оние што треба да се во карантин од оние што ја немаат таквата обврска. Организацијата на таквиот систем на легитимирање, покрај очигледните орвеловски елементи во него, има и редица практични тешкотии, кои стојат на патот на неговата остварливост. Има многу аргументи зошто ваквиот потег е неостварлив, проблематичен по повеќе основи, како и неефикасен, на крајот од краиштата (никогаш не можете да ги изолирате сите што се во период на инкубација, на пример, колку и да се обидувате).

Карантинот за невакцинирани лица нема многу да помогне. Она што ќе помогне е сеопфатна и информативна кампања и упорна и сеопфатна работа на терен за да се промовираат придобивките од вакцинирањето и можните последици за оние што одбиваат да се вакцинираат и ризикот што го претставуваат, како за себе така и за пошироката јавност.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.