Нема докази дека со сок од моркови се лекува рак

Во полето на медицината не постојат докази дека каква било храна, а особено не сок од моркови, лекува канцер. Оттука, тврдењето  во оваа овјава што се споделува на Фејсбук, дека „тајната“ за победување на опасна болест лежи во сокот од моркови, го сметаме како неосновано, односно научно непоткрепено 

 

Рецензираме пост на Фејсбук, којшто води до вест, во која, пак, се тврди дека жена го победила ракот, само затоа што пиела сок од моркови.

Го победила ракот бидејќи секој ден пиела сок од еден зеленчук: Болеста исчезнала – еве во што е тајната!, се вели во насловот на постот.

И претходно во медиумите беше објавувано дека ракот може да се победи со други состојки, како на пример мешавина од ореви, мед и лимони. Во конкретниот случај директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија доктор, Нино Васев,  вели дека нема никаква научна потврда дека каква било исхрана лекува рак.

Ми е жал кога ќе прочитам вакво нешто. Првпат слушам, би сакал следниот пат некој таканаречен научник да каже дека гледање во снег ќе нè направи бели во лицето. Нема никаква научна потврда дека исхрана лекува рак,  ни изјави доктор Васев.

Aмериканскиот институт за борба против канцер, на својата официјална веб-страница наведува дека:

Не постои ниту една храна, која што самата по себе, без комбинација со ништо друго – може да ве излекува од канцер.

Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека исхрана со мноштво овошје, житарки, грав и друг зеленчук, може да го намали ризикот за создавање на голем број канцери. Во лабораториските испитувања, многу индивидуални минерали и витамини демонстрираат анти-канцер ефекти.

Во светот има луѓе кои лажно тврдеа дека се излекувале од канцер само со исхрана. Најеклатантниот пример за ваквата лажна приказна е онаа на австралијанката Бел Гибсон, која се збогати на начин што отвори блог за да им кажува на луѓето како туморот на мозокот го излекувала само со органска храна. Да биде трагедијата поголема, Бел Гибсон се наполни со пари, креирајќи апликација за здрава исхрана со која таа го победила неоперабилниот тумор на мозокот. Потоа се дозна дека никогаш немала тумор, дека никогаш не се излекувала од истиот со здрава храна, а австралиската влада ја осуди на парична казна од 240 илјади долари, затоа што лажно ги терала граѓаните да уплаќаат хуманитарни средства, кои потоа завршувале во нејзиниот џеб.

На следното видео, каде што има интервју со Бел Гибсон, може да видите дека новинарката успева да ја разобличи нејзината лажна приказна, којашто, освен профит, донесе и тага за голем број пациенти кои навистина имаат канцер – затоа што ја оставаа конвенционалната медицина и хемотерапијата, за да се посветат на „алтернативните методи на Бел Гибсон“ со кои се лекува туморот, а кои се состојат од јадење здрава храна. Катастрофалната и морбидна „маркетинг стратегија“ ја чинеше Бел Гибсон јавен линч и огромна осуда од страна на светската јавност, а пациентите кои навистина имаат канцер завршија разочарани, изиграни од нејзината нечовечна постапка за профит.

Научните докази кои се достапни, покажуваат дека пациентите со канцер кои одбираат само алтернативни терапии, умираат побрзо отколку тие што користат тестирани третмани. Според онкологот Давид Горски, поверојатно е дека стандардните третмани се одговорни за подобрувањето, заедно во комбинација со среќната околност дека туморите не биле агресивни.

Ен Камерон, пациентката во постот што го рецензираме, која имала тумор и тврди дека го излекувала со сок од моркови, претходно имала операција за ракот на дебелото црево и можеби нејзините тумори, кои метастазирале во лимфните жлезди, биле погрешно дијагностицирани или неагресивни.

Опасната зона на „домашни лекови за лекување канцер во 4 фаза“ на Јутјуб и во медиумите, во некои земји е забранета пракса уште од 1939 година.

Во Австралија, контроверзната „воинка за велнес“ Џесика Аинскоу, која се обиде да го излекува канцерот со сок од моркови, кафе, почина на 30 годиншна возраст. 

Во полето на медицината, не постојат докази дека каква било храна, а особено не сок од моркови, лекува канцер. Оттука, тврдењето  дека „тајната“ за победување на опасна болест лежи во сокот од моркови, го сметаме како неосновано, односно научно непоткрепено, а со тоа и невистинито.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.