Тенденциозен текст за директен медиумски напад врз македонскиот премиер Зоран Заев и поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај. Без никакви докази, двајцата политичари се обвинуваат дека создале црни фондови за поткуп на политичари во Брисел и Атина. Сериозно обвинување за тешко кривично дело за кое мора да постои потврда дека навистина се случило пред вака несериозно да се објави во медиумите во две земји.
Линк до оригиналниот напис: „Блиц“: Заев и Харадинај основале црни фондови за плаќање политичари
Датум и време на објавување: 6.8.2019
Датум на рецензија: 8.8.2019
Рецензент: Симона Атанасова
Текстот е објавен во српски „Блиц“, пренесен од „Информер“, од каде што го презеле македонски медиуми и го објавиле без притоа да направат дополнителнипроверки за вистинитоста на напишаното.
Ништо не е понудено како доказ што може да ги поткрепи обвинувањата и да ја убеди јавноста дека напишаното е вистина, а не празна шпекулација како што во суштина е.
Целиот текст се темели на анонимни дипломатски извори. Во новинарството не е невообичаено некој извор од оправдани причини да сака да остане анонимен, но тој треба да му е добро познат на новинарот и да е сигурен дека тоа што го говори изворот е вистина.
Но, многу често, наместо анонимните извори да се користат во исклучителни ситуации, кога сите други опции се искористени, се злоупотребуваат и се користат за манипулација на публиката.
Тенка е границата помеѓу вистински анонимни извори и фиктивни анонимни извори, кои не постојат и се користат како параван за да може да се објават невистини и тенденциозна пропаганда за да се постигнат одредени цели.
Текстот е целосно едностран. Нема став од страните што текстот „ги седнува на обвинителна клупа“. Не се прашани ниту Заев ниту Харадинај да го кажат својот став и да дадат објаснување за изнесените шпекулации.
Тоа што требаше да го направат македонските медиуми наместо само да го преведат и објават текстот, го направи новинската агенција „Мета“, од каде се обратија за став во македонската влада.
Од Владата демантираат дека Заев и Харадинај имаат „тајни врски и црни фондови“ и велат дека изнесените обвинувања во текстот се „апсолутни невистини, кои не се корисни за добрососедските односи во регионот“. Оттаму додаваат дека ниту една медиумска дезинформација и манипулација нема да ја спречи државата да продолжи да развива блиски и пријателски односи со земјите од регионот.
Целта на написот е овие двајца политичари да се престават во лошо светло, оркестрирано да им се наруши угледот, а јавноста да формира негативно мислење за нив. И сето тоа преку климави шпекулации искажани од сомнителни извори.