Неодговорно објавување на фејсбук-статус со најава за крвна одмазда

 

[Рецензија: Вујкото на убиениот тинејџер: Твој убиец вујче ќе ти го прати во пеколот, да му гори душата ]

Медиумот во потрага по зголемување на читаноста и во трката за што поголем број кликови, во сензитивен момент пренесува статус во кој се најавува крвна одмазда.

Станува збор за фејсбук-статус на вујко на момчето што беше прободено со нож и убиено во Ново Лисиче, во кој меѓу другото најавува дека ќе се одмазди за смртта на својот внук.

Линк до оригиналниот напис: Вујкото на убиениот тинејџер: Твој убиец вујче ќе ти го прати во пеколот, да му гори душата

Датум и време на објавување: 15.8.2019

Датум на рецензија: 22.8.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Во таква трагична ситуација за семејството може да се случи некој од блиските во моменти на длабока тага, но и бес поради настанот, бурно да изреагира, да каже или напише нешто непромислено.

Но, да се преземе ваков статус со потпалувачка содржина и да се објави во медиум, пред сè, е неодговорно и целосно непрофесионално. Со објавувањето на статусот во кој се најавува кривна одмазда, единственото нешто што може да се постигне е да се предизвика гнев кај тие што го читаат текстот и говор на омраза кај тие што го споделуваат и коментираат на социјалните мрежи.

Кага се случува таква трагедија, новинарите треба да ги почитуваат личната болка и жалост на семејството како и нивната приватност, а не да објавуваат сензационалистички текстови со ударни наслови кои ќе се споделуваат на социјалните мрежи со надеж за што поголема читаност.

Во написот, всушност, нема вест. Нема никаква нова информација, која би била релевантна за пошироката јавност, туку тенденциозно се објавува емотивна содржина на која местото не ѝ е во медиум.

Во Кодексот на новинарите јасно и прецизно е напишано како треба да се известува во вакви чувствителни ситуации. Во таа смисла членот 8 укажува дека:

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. 

Исто така, во членот 10 од Кодексот е наведено дека:

Новинарот нема свесно да создава, ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).