Непознати фотографии не се никаков доказ за горење на радиоактивен отпад

 

 [Рецензија: За монструозноста на оние кои се нарекуваат политичари!!!]

 

Станува збор за објава од социјалните мрежи во која авторот изнесува низа тешки, а непотврдени обвинувања за сериозен и многу актуелен проблем со отпадот и  загадувањето на воздухот. А, кога ваквата (дез)информација што шири страв и паника интегрално ја пренесенуваат информативните портали, без никаква дополнителна проверка, таа добива поинакво значење и може да предизвика силни реакции во јавноста, но и да направи голема штета.

Линк до оригиналниот напис:За монструозноста на оние кои се нарекуваат политичари!!!

Датум и време на објавување: 1.10.2019

Датум на рецензија:09.10.2019

Рецензент: Жарко Настоски

Написот е, всушност, Фејсбук статус на извесен Лука Александров, пренесен без никаква дополнителна проверка. Првото прашање кое критичкиот читател ќе си го постави е: кој е авторот на постот и зошто би требало да му веруваме? Тоа е така затоа што изворот на секоја вест е едно од мерилата за нејзината веродостојност, па ако ова го пишуваше експерт за индустриско загадување или некој „инсајдер“ или „свиркач“, тоа бездруго ќе му дадеше поголема тежина на напишаното. Но, во Фејсбук-објавата нема информации кои ќе посочат дали и зошто авторот е во позиција да ги изнесува овие тврдења.

Самата објава, пренесена од збор до збор, е елаборирана теорија на заговор која ги содржи повеќето типични назнаки на една (дез)информација. Авторот остава впечаток на загрижен граѓанин кој алармира за опасноста од горење отровен отпад во печките на македонските фабрики. Користи впечатливи изрази: монструозно, токсичен, радиоактивен отпад, и многу извичници. Се оградува од каква било политичка афилијација, прозивајќи ги „овие лопови што се на власт и минатите лопови што беа на власт,“ што е, исто така, интересно од позицијата на некој што сака неговите зборови да стигнат до што поголем број луѓе.

Објавувајќи само три фотографии наводно сликани во кругот на скопската Железарница и во дојранското село Николиќ, авторот на статусот изнесува тешки обвинувања (и клетви) кон неодредените „политичари“ кои организирано печалат, труејќи го сопствениот народ. Сликите, „крунскиот доказ“, не докажуваат ништо од смелите тези на авторот. На нив се гледаат буриња, контејнери и амбалажа од материјал за електроизолација. На пример, производот од брендот Micares P978 hardener (зацврстувач), е едноставно полиуретански материјал од кој се прават калапи и е произведен од компанијата „Елантас“ со седиште во Германија, која произведува електрична изолација. Вакви производи се користат во индустријата ширум светот. „Елантас“ е деловна дивизија на големата германска групација за специјализирани хемиски производи „Алтана“, која постои уште од 1873 година. Во сето ова нема ништо спорно.

Веднаш кога ќе се погледнат овие фотографии се поставуваат серија прашања. За нив се вели дека се снимени на самиот денот на нивното објавување (4 октомври) и она што е веднаш сомнително тоа е зошто се направени токму вакви фотографии кои повеќе кријат отколку што кажуваат. Ако станува збор за буриња и контејнери со отпад кој треба да се гори во индустриски капацитети, зошто не се фотографирани во поширок план за евентуално да можеме да ги видиме и блиските објекти во кои наводно би требало да се случи горењето или било каков друг објект во близина, кој овие буриња би ги лоцирал на местото за кое се вели дека се наоѓаат. Или, пак, зошто не се фотографирани повеќе буриња или повеќе контејнери во поширок план за да добиеме слика за колкави количества станува збор и дали навистина станува збор за оптад или за хемикалии кои се користат во производствениот процес. Понатаму, во постот се вели дека станувало збор и за радиоактивен отпад. Сите производи кои содржат опасни супстанци (радиоактивни, отровни, итн.) мора да бидат обележани како такви со посебни меѓународно договорени знаци. Такво нешто на овие фотографии нема. Вака направените фотографии повеќе кријат и создаваат сомневања, отколку што го разоткриваат проблемот.

Во самата објава на Фејсбук дури се гледа и извесен обид таа да се „спакува“ како новинарски текст, заедно со наслов, што можеби е дел од рецептот таа да им се „продаде“ на мноштвото портали жедни за сензационални приказни.

А, наместо само да се пренесе нечиј статус, секако дека со еден одговорен професионален новинарски пристап  би можело да се искористат наводите пласирани Фејсбук , но единствено како повод за сопствено истражување на приказната.