Пред да се објават информациите за јавноста, мора да поминат низ новинарскиот филтер: да се проверат. Постојат моменти кога новинарот треба да ги провери законските одредби и статутите на локалните и меѓународните институции за да ги види нивните овластувања, работа и обврски. На пример, вицепремиерот не може да изврши целосен увид, туку само надзор, додека датумот за почеток на преговорите со Европската Унија (ЕУ), Северна Македонија и Албанија не го очекуваат од Советот на Европа, туку од Советот на Европската Унија
Пишува: Фатбарда Цури
„Османи и Села вршат увид на терен за имплементацијата на Законот за јазиците”, се вели во насловот на „Актуале“ (Aktuale-s.)
„Османи и Села вршат увид на терен за имплементацијата на Законот за јазиците”, се вели во насловот на „Флака“ (Flakës.)
Токму овој наслов со денови ги поплавуваше медиумите во Северна Македонија, поттикнати од видео објавено на социјалните мрежи од еден од апострофираните во насловот, Османи (вицепремиер за европски прашања, Бујар Османи).
Османи и Села не се инспектори!
Според Законот за употребата на јазиците, нивото и степенот на спроведувањето на Законот за употребата на јазиците – албанскиот јазик мора да го реализира Инспекторатот основан со истиот закон. Во случај на непочитување на законот, инспекторатот изрекува казни – санкции. Од друга страна, Агенцијата за спроведување на законот за употреба на јазиците има советодавна улога, што значи дека дава насоки за тоа како да се примени Законот за јазиците, во случајов – албанскиот јазик.
Во наведениот наслов можеме да видиме дека медиумите не ја пренеле информацијата како што треба, бидејќи Села (Илбер Села, директор на Агенцијата за спроведување на Законот за јазици), не извршил никаков увид, туку надзор. Ова може да се види од делот од текстот кога Османи му се јавува на директорот на Агенцијата да го праша: „Зошто не е поставена табла на албански јазик?“. Во моментот кога тој добива одговор, го советува: „Подобро да биде напишано како што треба отколку со грешки“. Да имаше увид, Агенцијата ќе мораше да биде казнета, но тоа не е надлежност на Османи и на Села, затоа и не се случило така.
Од друга страна, само порталот „360 степени“ ја објави информацијата, ставајќи го под наводници зборот „инспектор“, што сигнализира дека двајцата апострофирани во насловот ја презеле улогата на инспектор – што засега недостасува.
Датумот за преговорите го дава Советот на ЕУ, а не Советот на Европа
Доналд Туск е претседател на Советот на Европската Унија, а не на Советот на Европа, па затоа зборува за датумот за почнување преговори со ЕУ, што Северна Македонија и Албанија се очекува да го добијат помеѓу 15 и 18 октомври оваа година. Ќе прашате, зошто е ова објаснување?
Бидејќи при посетата на Туск во Северна Македонија многу медиуми го претставиле како претседател на Советот на Европа, не земајќи го предвид тоа дека тие се две сосема различни меѓународни институции.
„Вашата земја направи сѐ. Ова е причината зошто дојдов во Северна Македонија. Од Скопје би сакал да им упатам покана на лидерите на Европската Унија да ја завршат својата работа, бидејќи Северна Македонија го стори своето. Овој повик го направи претседателот на Советот на Европа, Доналд Туск при денешната посета на Скопје и по средбата со премиерот Зоран Заев“, се вели на веста на „Ина онлајн“. (Ina Online)
„Претседателот на Советот на Европа, Доналд Туск, денес престојува во официјална посета на Скопје, каде што на неговата агенда се вклучени состаноци со државниот врв“, пренесува „Тетова Сот“. (Tetova Sot)
Што е Советот на ЕУ или Европскиот совет?
Советот на Европа ги одредува општите приоритети на Европската Унија (ЕУ). Со стапувањето во сила на Лисабонскиот договор на 1 декември 2009 година, Советот на ЕУ стана една од седумте официјални институции на ЕУ. Советот на ЕУ се состанува двапати на шест месеци, обично во Брисел.
Сегашниот претседател на Советот е Доналд Туск. Мандатот на Претседателот е две и пол години, со право да биде реизбран.
Во согласност со член 15 од Договорот за ЕУ (Прв дел од Лисабонскиот договор), Советот на ЕУ го дава потребниот поттик за развој на ЕУ и ги утврдува општите насоки и приоритети на политиката. Советот на ЕУ нема законодавна функција, тој се состои од шефови на држави и влади на земјите членки на ЕУ, додека во работата учествуваат и претседателот на Советот на ЕУ, претседателот на Европската комисија, како и високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика.
Освен ако не е поинаку предвидено со договорите на ЕУ, Советот на ЕУ ги донесува своите одлуки со консензус. Во одредени случаи, Советот дел од одлуките ги усвојува едногласно или со квалификувано мнозинство. Советот на ЕУ го избира својот претседател со квалификувано мнозинство.
Официјална веб-страница: Council of the European Union
Што е Советот на Европа?
Советот на Европа е основан по Втората светска војна, на 5 мај 1949 година преку Договорот од Лондон, со цел за помирување, соработка и еднаквост меѓу европските држави, со фокус на партнерството меѓу Франција и Германија. Седиштето на СЕ се наоѓа во Стразбур, Франција. Договорот од Лондон го потпишаа Белгија, Франција, Велика Британија, Италија, Луксембург, Норвешка и Шведска, а по Студената војна, Русија и поранешните комунистички земји станаа дел од Советот на Европа.
Советот сега вклучува 47 држави и неколку други држави со статус набљудувачи.
Ако во своите почетоци, геополитички гледано, Советот на Европа имаше цел зближување на Германија и Франција, денес има цел да ги приближи Европа и Русија, а доминантен интерес на оваа организација се владеењето на правото, развојот на демократијата и почитувањето на човековите права. Советот на Европа ги спроведува своите цели преку конвенции, кои ги одобрува организацијата и ги ратификуваат земјите членки.
Официјална веб-страница: Council of Europe
Внимание: Советот на Европа е посебна организација од Европската Унија. Земјите на ЕУ се членки на Советот на Европа.
Земјите членки на Советот на Европа не мора да бидат членки на Европската Унија.
Северна Македонија и Албанија се очекува да добијат датум од Европскиот совет или Советот на ЕУ во октомври, но не и од Советот на Европа, затоа што таму се полноправни членки.