Стар текст за немо (слепо) момче излечено на Света Гора – мамец за собирање кликови

 

Сензационалистички текст, стар три години, без релевантни извори, реобјавен како мамец за собирање кликови и кревање читаност преку обид за поттикнување емпатија кај луѓето што го читаат. Написот е проблематичен од повеќе аспекти и уште од сам старт преку погрешен наслов, погрешно ја информира јавноста.

Линк до оригиналниот напис: (Видео) ЧУДO НА СВЕTA ГОРА: Слeпo момче од Македонија пpoгледа пред икoната на Богородица!

Датум и време на објавување: 5.10.2019

Датум на рецензија: 10.10.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Насловот на текстот вели дека слепо момче прогледало на Света Гора, а целиот напис раскажува приказна за немо момче што прозборело по посетата на Света Гора. Дали се работи за немо или слепо момче останува читателите сами да си заклучат.

За ова наводно „чудо“ и за тврдењето за исцелителската моќ на иконата на Богородица во манастирот „Дохиари“ на Света Гора во текстот не се нудат никакви релевантни извори што би ги убедиле читателите дека тврдењето навистина се случило.

Македонски портал пренесува прилог од македонска телевизија, која, пак, пренесува што напишал одреден грчки верски портал, кој цитира анонимен монарх, кој ја прераскажува приказната. Каша-попара, а доказ ни за лек.

Се вели дека станува збор за младо момче од Струмица. Доколку целата приказна навистина се случила, ќе беше објавена од релевантни македонски медиуми со потврда од момчето кое навистина прогледало (или прозборело) откако било на Света Гора. Нема никаква изјава или обид за изјава од наводно излеченото момче, на кого ниту името не му се знае.

Згора на сè, објавата на телевизијата е стара три години, а порталот ја пренесува како да е ново случување.

Прилогот во кој се вели дека немо момче прозборело откако ја посетило иконата на Богородица, телевизијата Канал 5 го објавила пред три години на 14 декември.

Безмалку три години подоцна „Инфомакс“ го реобјавува текстот како случката да е нова и актуелна и притоа го затскрива фактот дека веста не е новост, затоа што е стара три години. Реобјавата на текстот е сензационалистичка, со наслов кој до половина е со големи букви и завршува со извичник, што упатува на сомнеж дека текстот е објавен само како мамец за собирање кликови од љубопитната јавност.