Двајца од осомничените во новата истрага на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, Фросина Ташевска Ременски и таткото на Боки 13, Миле Јовановски, добија мерки за претпазливот, кои според проценката на Судот се доволни да го обезбедат нивното присуство за време на истрагата, а потоа и на судењето доколку се покрене обвинение.
Линк до оригиналниот напис: Куќен притвор за Фросина Ременски и Миле Јовановски
Датум и време на објавување: 10.10.2019
Датум на рецензија: 13.10.2019
Рецензент: Симона Атанасова
Но, целосна дезинформација е дека на Јовановски и Ременски, која воедно е потпретседателка на Собранието и висок функционер во владејачката партија СДСМ, им бил одреден куќен притвор.
Во соопштението, кое Кривичниот суд го испрати до медиумите, се вели дека Ременски и Јовановски добиле одредени мерки за претпазливост, но никаде не пишува дека станува збор за куќен притвор.
Ценејќи ги фактите и доказите во предлогот, како и исказите на осомничените лица, судија на претходна постапка донесе решенија со кои го прифати предлогот и на осомничените Ф.Т.Р. и М.Ј. им определи мерки согласно член 146 ст.1 т.1,2 и 3 од ЗКП, односно забрана зА напуштање на живеалиште односно престојувалиште, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице во судот и привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница.
Порталот што ја има објавено дезинформацијата, најверојатно, погрешно го протолкувал соопштението од Судот во кое се вели дека една од мерките за претпазливост е забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето. Тоа не се однесува на домот на осомничениот, туку на местото (градот) во кое тој живее, што е многу поразлично од куќен притвор. Па, така, Ременски и Јовановски, според одлуката на судот, меѓу другото, не смеат да го напуштат Скопје, а смеат да го напуштат својот дом.
Куќен притвор се определува според член 163 од Законот за кривичната постапка, што е различен од членот што е наведен во соопштението од Судот – 146.
Во член 163 од ЗКП јасно стои што е куќен притвор.
(1) Ако постои основано сомневање дека определено лице сторило кривично дело и има услови за определување притвор од членот 165 став (1) на овој закон, судот може да определи мерка куќен притвор и да му нареди на тоа лице да не го напушта домот за определено време.
За вистинско и точно информирање на јавноста, новинарите не треба да претпоставуваат што сакал Судот да каже и притоа да направат грешка и погрешно да ја информираат јавноста, туку треба што е можно повеќе да ја проверат вистинитоста на информацијата пред да ја објават. Во овој случај тоа можело лесно да се направи и со два клика на интернет да се провери што пишува во Законот за кривичната постапка, а не да се заклучи дека станува збор за куќен притвор кога тоа не е вистина.