[Рецензија:КОНЕЧНО УБАВА ВЕСТ: Наскоро намалување на цената на зелениот картон]
Насловот на текстот што го рецензираме дезинформира, бидејќи намалувањето на цената на зелениот картон е претставено како конечна одлука, а не предлог што се разгледува. Подолу во текстот, пак, има објаснување дека се разгледуваат варијанти за поевтинување на зелениот картон, што се коси со тврдењето во насловот дека одлуката е конечна.
Линк до оригиналниот напис: КОНЕЧНО УБАВА ВЕСТ: Наскоро намалување на цената на зелениот картон
Датум и време на објава: 12.10.2019
Датум на рецензија: 14.10.2019
Рецензира: Силвана Жежова
Веќе разгледуваме варијанти за да го поевтиниме зелениот картон, затоа што, нормално, ако е скап, не го купуваат. Ако го намалиме на ниво на регионот колку што го има, ќе си вадат сите зелен картон. Тоа е во преговори со осигурителните компании и со сето она што претставува како трошок во зелениот картон како користење патишта и друго, рече премиерот Зоран Заев на денешната трибина „На прав пат” во Куманово.
Доколку се прочита само насловот на овој текст, се добива погрешен впечаток дека намалувањето на цената на зелениот картон е конечна одлука и оти тоа наскоро ќе следува. Имајќи предвид дека голем дел од луѓето се информираат само од наслови без да ги отвораат текстовите, со ваквиот избор на наслов тие ќе бидат дезинформирани.
Во содржинскиот дел на текстот пишува дека за овој предлог за намалување на цената на зелениот картон, информирал премиерот Зоран Заев на трибината „На прав пат“ во Куманово, но оваа информација може да се прочита само доколку текстот се отвори. Од насловот на текстот не може да се заклучи истото што го пишува и во написот.
Во однос на цените што се плаќаат за зелен картон, тие во текстот се извадени од официјалната страница на Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ), но тоа не е потенцирано и не е линкувано за поголема веродостојност.
Во овој напис не е внимавано на едно од основните новинарски правила дека насловот на текстот треба да произлегува од неговата содржина и накратко да информира. Во насловот како и во текстот треба да се почитуваат правилата на точно информирање. За жал, тоа не е случај со овој пример, тука насловот „виси“ и пренесува погрешна информација.