Неточна објава за запленувањето на бугарски книги шири омраза на „Фејсбук“

Царината не ги запленила книгите од патриотски причини, како што тврди фејсбук-објавата, туку поради тоа што увозот не бил согласно законот. За ова имаше и реакција и од Царината, во која се вели дека проблемот е што книгите, иако биле декларирани како подарок за Културно-информациониот центар на Бугарија во земјава, таквата изјава била потпишана само од испраќачот, но не и од примачот – Културно-информативниот центар на Република Бугарија, ниту, пак, од Амбасадата на Република Бугарија во Скопје

 

Запленувањето на речиси 1.000 книги, кои нашата Царина пред неколку дена спречи да се внесат на граничниот премин Деве Баир, ги разгори и така веќе затегнатите односи помеѓу нашата земја и Бугарија.

Секоја провокација од политичарите се пренесува и на граѓаните на двете држави, кои го искажуваат својот револт на социјалните мрежи, особено во овие неколку месеци по бугарското вето за почнување преговори на Северна Македонија со Европската Унија.

Не ретко, страстите што народот ги искажува на социјалните мрежи на оваа тема, се дополнуваат со говор на омраза, омалажувања и навреди како кон политичарите, така и кон народот на соседната земја.

Еден од тие примери е и оваа „фејсбук-објава“ во која Бугарите се нарекуваат „татари“ – збор кој има цел да навреди и да го омаловажи бугарскиот народ. Освен навреди, во објавата има и неточни информации. Во неа се вели:

НА ДЕВЕ БАИР КОНФИСКУВАНИ 920 КНИГИ ТАТАРСКИ ПРОПАГАНДЕН МАТЕРИЈАЛ ВО КОИ МИЛАДИНОВИ СЕ ПРОГЛАСЕНИ ЗА ТАТАРИ. КНИГИТЕ БИЛЕ НАМЕНЕТИ ЗА ШИРЕЊЕ ТАТАРСКА ПРОПАГАНДА ВО МАКЕДОНИЈА. ТАТАРСКАТА ШЕКЕРКА ПРАТИЛА ПРОТЕСТНА НОТА И РОНЕЛА КРОКОДИЛСКИ СОЛЗИ ПОРАДИ ЦАРИНИЦИТЕ КОИ НЕ ДОЗВОЛИЛЕ КНИГИТЕ ДА СЕ ВНЕСАТ ВО МАКЕДОНИЈА!

Да не заборавам МА БРАВОО ЗА ЦАРИНИЦИТЕ ПАТРИОТИ!

Македонската царина спречила книгитеда влезат во Македонија не поради нивната содржина, туку затоа што пакетот не ги исполнувал условите пропишани според Царинскиот закон.

За ова имаше и реакција и од Царината, во која се вели дека проблемот е што книгите, иако биле декларирани како подарок за Културно-информативниот центар на Бугарија во земјава, таквата изјава била потпишана само од испраќачот, но не и од примачот – Културно-информативниот центар на Република Бугарија, ниту пак, од Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.

Согласно Царинскиот закон предметите што се увезуваат, а имаат образовен, научен и културен карактер, согласно со прописот од членот 199 на овој закон, како и научни инструменти и апарати, како и нивни резервни делови, кои се увезуваат во некомерцијални цели и кои не се произведуваат во Република Северна Македонија се ослободени од плаќање увозни давачки. За да може да се оствари ова право, пропишани се поблиски услови кои треба да бидат исполнети, а меѓу другото, како што и самиот закон наведува, да се од некомерцијална природа (во случајот повеќе од 1 000 книги), односно стоката да е наменета како подарок. Во конкретниот случај кон барањето за ослободување беше приложен договор за подарок, кој е потпишан само од едната страна, т.Е. од испраќачот на книгите, а не и од примачот, што го прави договорот правно неважечки, објаснуваат од Царинската управа.

Според ова, Царината не ги запленила книгите од патриотски причини, како што тврди фејсбук-објавата, туку поради тоа што увозот не бил согласно законот.

Ваквите објави на социјалните мрежи, полни со навреди и говор на омраза, кои се сè почести, не само што не помагаат во приближување на ставовите на двете земји, туку одмагаат при градењето на добрососедските односи и решавањето на отворените прашања.

Иако некогаш изјавите на политичарите ги допираат емоциите на јавноста и навлегуваат во достоинството на обичниот народ, сепак, ништо позитивно не може да се постигне со навреди, ширење говор на омраза на социјалните мрежи и пласирање неточни информации. Напротив, само може да се предизвика дополнителни негативни емоции и чекор наназад при решавањето на отворените прашања што ги имаат двете држави.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.