Со проектот одобрен во рамките на „Еразмус плус“ програмата се одобрени пари на средното училиште ,,Ѓорче Петров” во Кавадарци, а не на директорот на училиштето Горан Велковски, инаку брат на пратеникот на СДСМ, Диме Велковски. Раководителот на образовната институција воопшто нема да добие никакви пари, туку тие се доделени за 35 ученици и петмина наставници за двонеделна обука, согласно наведените спецификации во проектот, со идни цели да обезбедат кадар што ќе може да се вработува во наведеното поле
Во пост на Фејсбук пренесен е текст од портал во кој, пак, се тврди дека директорот на средното училиште ,,Ѓорче Петров” во Кавадарци, Горан Велковски, брат на пратеникот на СДСМ, Диме Велковски, „ќе добие над 83.000 евра за тренирање на магаре и коњ и коњско однесување“.
Објавата има наслов: ,,Овој човек ќе добие 83.240 евра за да тренира магаре”. Можно е овој текст да е сатиричен и да има цел да ја насмее јавноста. Но, со оглед на фактот што, се разбира, не станува збор за никакво тренирање магаре или коњ, туку за нешто сосема друго, „Вистиномер“ сметаше за сходно да појасни за што се наменети парите и за каков проект за да не се добие погрешен впечаток во јавноста.
Средното училиште од Кавадарци ,,Ѓорче Петров”, кое е земјоделско шумарско училиште, излезе со објаснување за што ги добило парите од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Од ова објаснување, станува јасно дека парите воопшто не се наменети за еден човек, како што алудира насловот на написот, туку дека тие се доделени на училиштето. Проектот е одобрен во рамките на „Еразмус плус“ програмата.
Во појаснувањето на проектот се вели дека тој вклучува практична обука на 35 ученици и петмина наставници во времетраење од две недели во Иваниќ, град во Република Хрватска.
Средното училиште ,,Ѓорче Петров“ поседува винарска визба, шуми и полиња на кои се одгледуваат различни култури и реализира голем дел од практичната обука на сопствениот имот. Но, училиштето нема фарма за животни каде може да ги реализира практичните часови за сточарство. Затоа, училиштето во рамките на долгорочната Стратегија за интернационализација на образованието, предложило проект кој вклучува обука за копитари, пред се за коњи и магариња.Целтта на овој проект е учениците да се стекнат со вештини (вклучително и претприемачки вештини), со кои ќе бидат подобро подготвени за професионалниот свет и со тоа ќе се подобри нивната вработливост по завршување на средното образование. Проектот, меѓу останатото, е дизајниран и да ги воведе и мотивира учениците да започнат сопствен бизнис.Обуката за копитари ќе се спроведе на фарми за магариња и коњи лоцирани во Иваниќ Град, Хрватска и ќе биде структурирана во 4 модули:Модул 1: Вовед во грижа за магаре и коњ.Модул 2: Вовед во здравствена заштита на магаре и коњ.Модул 3: Запознавање со локалните раси на магариња (приморско – динарско магаре, хрватски посавац) и прочуената раса на коњи – липицанер.Модул 4: Вовед во производство и преработка на млеко од магаре.
· ќе стекнат теоретско и практично знаење за основање на фарма за магариња и коњи;· ќе научат како правилно се хранат магарето и коњот, времето на хранење, начинот на подготвување храна и др.;· ќе знаат да го проверат здравиот статус на магарето и коњот и доколку има потреба да побараат ветеринарна интервенција;· ќе научат кога е соодветно време за молзење, начинот на молзење и собирање магарешко млеко;· ќе научат како се пакува и чува магарешкото млеко.По надминување на состојбата со ковид-19 и создавање на услови за патување училиштето ќе објави повик за учество во обука на кој ќе можат да се пријават сите заинтересирани ученици и наставници, се вели во појаснувањето од СОЗШУ „Ѓорче Петров“ објавено на Фејсбук страницата на училиштето.
(vistinomer.mk)
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.