Според македонско-грчкиот договор за конечно надминување на спорот за името, македонскиот јазик е признат не само до Грците, туку и од ООН, односно документи на ООН, што значи, реалноста е, од целиот свет. Но, ова во постот се прикажува невистинито, а тоа влече подолу бројни коментари со чист говор на омраза за темата на постот – македонскиот јазик и Никола Димитров
Пост на Фејсбук со невистината содржина околу македонскиот јазик во договорот со Грција за нормализација на односите со РСМ, комуницира со јавноста дека тоа е само дел од изживување со макеоднскиот народ и предизвика синџир од коментари со говор на омраза.
Во содржината на постот, насочена кон тогашниот потписник на Договорот од македонска страна, Никола Димитров, се наведува:
Прво нека го прочита преспанскиот договор што го потпиша и нека му стане јасно дали постои македонски јазик или јазик на северџанистан . Далеку е од тоа дека се испашил за раката да не му се исуши , дека ќе се повлечат од проектот за геноцид и уништување на Македонија , страв да не одговара за велепредавство или купување на ситни политички поени . Се работи само за брутално изживување врз Македонците и терање мајтап на цела мака. А една реченица од неговата изјава , јасно тоа го потврдува .
” ….. Никој друг на светот, ниту една друга држава, соседнака или подалечна, нема право да се меша во нашето право на самоопредлување “.
Под ваквиот текст е постиран скриншот од вест објавена на некој од порталите на македонски јазик од чествувањето на празникот 11 Октомври во Прилеп, каде што владината делегација ја предводеше министерот за евро-интеграции, Никола Димитров и каде што тој, по церемонијата, одговараше на новинарски прашања. Фотографијата, т.е. скриншотот од веста е во ред, вест со таков наслов, Димитров: Ако ЕУ дозволи македонскиот јазик да биде пречка тогаш нема да ја заслужи придавката „европска“, тоа попладне на 11 октомври 2020 ја пренесоа десетина македонски портали.
Но, содржината на текстот на авторот на постот е невистина. „Прво нека го прочита преспанскиот договор што го потпиша и нека му стане јасно дали постои македонски јазик или јазик на северџанистан“, се наведува во постот. Ако ја пренебрегнеме злоупотребата на слободата на говор што му овозможува на авторот, државата Република Северна Македонија да ја нарекува „северџанистан“, фактите за јазикот од Договорот зборуваат токму обратно од она што се наведува во неговото тврдење.
Според „Конечниот договор на македонско-грчкиот спор за името и за стратешко партнерство“, македонскиот јазик се признава од Грција како официјален не само на територијата на РСМ, туку упатува дека е признат во целиот свет. Во член 1 од Догoворот, во точка 3, параграф означен со „в“, се наведува:
Oфицијалниот јазик на Втората страна ќе биде „македонски јазик“, како што е признаено на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 г. и како што е опишано во член 7, став (3) и став (4) од оваа спогодба.
И ако се погледне член 7, став 3 и 4, (види тука), ќе се види дека нема ништо спорно околу јазикот.
Ова значи дека македонскиот јазик е признат официјален јазик во РСМ не само од Грција, туку и од светот, согласно од заклучоците на Конфернецијата на ООН одржана во Атина уште во далечната 1977 година.
Покрај оваа основна невистина во постот, дека јазикот бил само за употреба на територијата на РСМ (на пример ЕУ својот последен извештај за напредокот на РСМ 2020 година го објави за прв пат и на македонски јазик, но пред тоа и Преговарачката рамка), изјавата на Димитров дека никој „нема право да се меша во нашето право на самоопределување“, е оценета како „брутално изживување врз македонците и терање мајтап“, што е, исто така, невистина.
Ваквиот пост со невистина, предизвика бројни коментари под постот, кои се чист говор на омраза, во кои, покрај вулгарните навреди, се посакува и смрт на Димитров.
(vistinomer.mk)
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.