Преку објава на Фејсбук се шири фотографија на две бебиња за која се тврди дека е направена кај нас. Но, од историјатот на интернет пребарувачите се гледа дека оваа фотографија е стара барем една година, првично објавена во странство и нема никаков македонски контекст
Фотографија од интернет, објавена на 7 мај годинава, која не е поврзана ниту со Република Северна Македонија, масовно се споделува на социјалната мрежа Фејсбук токму деновиве и покрај тоа што се поминати над 5 месеци од нејзиното објавување. Од текстот во постот се добива впечаток како да е направена во земјава и како настанот да се случил непосредно пред нејзиното мајско објавување. Објавата има над илјада и сто допаѓања и споделувања, кои досегаат до широк број корисници.
,,Ова го чекав неколку години и Господ ми подари две преубави ангелчиња. Кој сака може да ми честита! Ви благодарам од срце!”, пишува во постот.
Сепак, оваа фотографија во пребарувачот Гугл се појавува уште во 2019 година, во декември.
Ја има и на срспка Фејсбук страница, од пред 10 месеци. Од некоја непозната причина се чини дека секоја земја сака да ја присвои, па така оваа слика е споделена и во Босна и Херцеговина, со комплетно истите зборови.
Еден полски веб-сајт, пак, тврди дека станува збор за девојка од оваа земја која што добила близначиња по долго чекање и тоа во време на пандемија, што ако се земе предвид фактот дека фотографијата е стара барем од декември 2019 година, не е можно да е вистинито.
На Фејсбук има и постови од март 2020 година, во кои се тврди дека и во време на пандемија: ,,Во Италија се случуваат убави нешта”, со што се алудира дека оваа слика е од почетокот на пандемијата и тоа во Италија, што, исто така, е невистинито зашто е објавена и неколку месеци претходно.
Од историјатот на интернет пребарувачите и од контекстот во кој што е објавена, јасно е дека оваа фотографија е стара барем една година, првично објавена во странство и нема никаков македонски контекст.
(vistinomer.mk)
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.