[Рецензија: Меркел ја фатија клетвите од Македонија – таа е тешко болна!]
Порталот „Магазин“ реагираше со напис на веста дека на канцеларката Меркел ѝ се слошило на пречекот на новиот украински претседател Владимир Зеленски. Таа вест е секако точна и имаше свое објаснување дадено од самата канцеларка – била дехидрирана и силата ѝ се вратила по испиените неколку чаши вода.
Но, „Магазин“, повикувајќи се на неименувани извори во медиумите изнесува „дијагноза“ дека канцеларката е тешко болна, дури се тврди дека се работи за Паркинсонова болест, а симптомот е во фактот што таквите лица – неконтролирано се тресат.
Линк до оригиналниот напис: Меркел ја фатија клетвите од Македонија – таа е тешко болна!
Датум и време на објавување: 19.6.2019
Датум на рецензија: 25.6.2019
Рецензент. Љубомир Костовски
До крајот на оваа не многу долга вест се забележува дека простата репродукција на еден настан се претвора во условно кажано медицинска белешка зад која не стои никаков лекарски авторитет, ниту релевантен извор. Факт е, нели, дека новинарите се „универзални незнајковци“, според бардот Марк Твен, а тоа значи дека се по малку стручњаци за сè, па во тој дух и текстот си дозволува малку да дијагностицира.
Но, скандалозноста на текстот извира од насловот во кој стои дека Меркел ја фатиле клетвите од Македонија (!) и затоа се разболела. Јасно, се работи најпрвин за користење суевереие (празноверие, верба во празно, т.е. во ништо, верување во нешта кои не постојат, верување во невозможни работи… ) во објаснување на некои настани.
За кусо време тој недозволив манир се јавува и со канцеларката Меркел – неодамна „КриТинк“ напипиша за објаснувањето дека сите што се ракувале со нашиот премиер Заев ги изгубиле изборите што ги имале во последно време! Секако ги фаќа и некоја подмолна болест!?
Ова е знак дека во нашите домашни политички битки сите оружја се дозволени, па дури и користење размисли што не можеле да се замислат до скоро и оти во нашето новинарство ѓаволот ја однел шегата.
Факт е, секако, дека од самиот текст и не произлегува ваквото „поентирање“ на насловот, бидејќи, во не содржи никаква клетва или контекст за празноверие. Уште помалку заради наднасловот, кој гласи: „Секако медиумите веднаш почнаа да шпекулираат дека Меркел е тешко болна, иако таа изјави дека само била дехидрирана“, кој ниту граматички, па ни смисловно, не може да се вклопи на тоа место.
Имаме комплетна слика на едно грубо, насилно и приземно новинарство. Веројатно, наскоро новинарите ќе стануваат и бајачи?!