Панчо од ДНК не доживеал сообраќајка, станува збор за нов спот

[Рецензија: Денеска во „Ексклузив“ дознавате: Панчо од ДНК тешко повреден во сообраќајка! (ВИДЕО)]

Веста пред нас е невистинита, таа ја дезинформира јавноста уште со насловот. Овој напис има цел преку креирање лажна слика да привлече што е можно повеќе кликови.

Линк до оригиналниот напис: Панчо од ДНК тешко повреден во сообраќајка!

Датум и време на објавување: 21.6.2019

Датум на рецензирање: 26.6.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

Текстот што го рецензираме е по предлог на наш читател, кој ни го испрати со коментар: „Дно дна“. Зошто е тоа така?

На прв поглед кога ќе го прочитате насловот, тој е бомбастичен. Соопштува дека популарниот пејач Панчо ДНК, наводно, доживеал сообраќајна несреќа! Во прилог на ваквата (дез)информација е и страшна фотографија од несреќата на која се гледа како Панчо е поврзан на апарати за дишење.

Кога ќе видите ваков наслов и ваква фотографија, нормално е да помислите дека на пејачот тоа му се случило и веднаш ќе кликнете на веста.

Панчо од ДНК тешко повреден во сообраќајка! Докторите му спасуваат глава! Дознајте ги деталите во денешното издание!

Ова е најавата на емисијата. Но, кога ќе кликнете на видеото од најавата и ќе го видите неговиот колега Андреј во улога на лекар, веднаш ќе ви стане јасно дека со веста нешто не е во ред.

Таа е лажна. Имено, во случајов станува збор за нов спот и песна на групата ДНК. Во спотот, кој испраќа порака „Никогаш не возете под дејство на алкохол“, ќе видите дека Панчо доживеал сообраќајна несреќа. Но, во спот, не во реалноста.

Сфаќате дека сте измамени за да кликнете на веста. Со ова се нарушени новинарските стандарди, кои пропишуваат дека новинарот треба да пренесува точни и проврени информации, а не како во случајов, да манипулира и лаже за да привлече поголема читаност.

Насловот треба да информира, а не да манипулира. Тој треба да биде формулиран поинаку и да им долови на читателите дека станува збор за нов спот и сингл на групата ДНК.