Новинарите треба да бараат одговори од надлежните, но не да одговараат наместо нив

 

[Рецензија: Спасовски на маалски средби ја бара Јанева?!]

 

Високопрофилниот криминален случај „Рекет“, во кој се имплицирани многу познати имиња од медиумите, политичкиот и јавен живот во државата, меѓу кои и обвинителката Катица Јанева, првиот човек на Специјалното јавно обвинителство, сега веќе во оставка, ја вознемири домашната јавност. Текстот што го рецензираме се занимава со овој случај, но не информира, туку инсинуира и шпекулира и врз база на тие инсинуации и шпекулации гради заклучоци, кои ги пласира како факти.

Линк до оригиналниот напис: Спасовски на маалски средби ја бара Јанева?!

Датум и време на објавување: 18.7.2019

Датум на рецензирање: 19.7.2018

Рецензент: Југослава Дуковска 

Појдовна точка на написот е тврдењето дека медиумот се обидел да добие официјален одговор од Министерството за внатрешни работи и од ресорниот министер Оливер Спасовски на прашања поврзани со случајот за кој станува збор, но дека од МВР веќе три дена не добиле одговор.

Спасовски, односно Министерството за внатрешни работи, веќе трет ден не возврати со никаков одговор на прашањата на НетПрес во врска со споменатиот раширен случај на рекетирање на македонските бизнисмени.

Во написот се наведени и прашањата што му биле поставени на МВР:

„…каков е лично ставот на министерот Оливер Спасовски за инволвираноста на шефицата на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, како и за тоа каков бил ангажманот на неговиот ресор во овој случај, кои мерки биле спроведувани и дали тие и натаму се спроведуваат против други осомничени“.

Дотука, текстот е во ред – сосема е легитимно еден медиум да побара одговори на актуелни прашања од доменот на работењето на државен орган, чија, пак, обврска е транспарентно и отчетно работење во интерес на граѓаните и да инсистира тие да бидат одговорени. Во ред е и да се прави притисок преку обелоденување случаи кога државниот орган или институција не одговараат на новинарските прашања.

Доколку поставените прашања биле овие што се наведени, тие се вообичаени новинарски прашања упатени на вистинската адреса, без оглед што, од професионален аспект, прашањето што лично мисли министерот за внатрешни работи за можната инволвираност на главната обвинителка на СЈО во рекетарско-коруптивен скандал не е есенцијално во правилното информирање на јавноста за случајот. Се работи за проценка на релевантност од самиот новинар и медиум и нивно право е да го постават.

Прашањето на пристап до информации е регулирано со првите два члена од Кодексот на новинарите на Македонија:

(1)  Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

(2)  Ако новинарот е спречен да дојде до бараната информација, има право за тоа да ја информира јавноста.

Но, написот тука прави грешка и коментира и донесува заклучоци:

Секако, доколку случајно во ваквиот скандал клучни играчи беа лица од или блиски на опозицијата, ќе бевме сведоци на триумфалистичка детална конференција за медиумите со Спасовски во главната улога. Но, кога станува за криминално дејание во кое се осомничени неговите сопартијци од владејачката СДСМ, министерот ќе замине во Кочани, на тамошните земјоделци да им објасни што за нави направила власта.

Веднаш се наметнуваат следниве прашања: Врз основа на што е заклучено дека МВР и министерот Спасовски ќе постапеше поинаку да се работеше за лица од или блиски до опозицијата? Во кои случаи првиот човек на МВР зборувал на прес-конференција за случај на Јавно обвинителство, бидејќи таков е случајот за истрагата против Бојан Јовановски, попознат како Боки 13, и Зоран Милески Кичеец во аферата „Рекет“? Таквата постапка би била невообичаена, бидејќи за случаи кои се во истрага, според Законот за кривичната постапка, надлежен е Јавниот обвинител:

Основно право и должност на јавниот обвинител е да ги гони сторителите на кривични дела за кои гонењето се презема по службена должност.

Законот предвидува цела низа обврски на Јавниот обвинител, меѓу кои и:

(2) Во предметите за кривични дела за кои гонењето се презема по службена должност јавниот обвинител има право и должност да:

– ги насочува дејствијата на органите надлежни за откривање и пријавување на кривичните дела и на нивните сторители,

– предлага или да издава наредба за преземање посебни истражни мерки, под услови и на начин определени со овој закон…

Според тоа, евентуалните јавни настапи на министер за внатрешни работи во оваа фаза на постапката би значело мешање во работата на ЈО. Ова значи дека констатацијата во написот што го наведува читателот да заклучи дека МВР и министерот Спасовски не си ја вршат работата во овој случај е неточна:

…станува (збор) за криминално дејание во кое се осомничени неговите сопартијци од владејачката СДСМ, министерот ќе замине во Кочани, на тамошните земјоделци да им објасни што за нави направила власта“.

Смешно е и сосема невистинито тврдењето дека Спасовски се затскрива зад своите партиски активности и не си ја работи работата поради тоа што во аферата „Рекет“ се осомничени негови сопартијци, бидејќи Јавното обвинителство нема објавено дека на листата со осомничени се личности од Социјалдемократскиот сојуз. Кој е сè осомничен може да каже само надлежен правосуден орган, во случајов Јавно oбвинителство, освен ако во овој напис не се мисли на шпекулациите во медиумите или по социјалните мрежи.

Но, тоа не е сè. Ако се прашува авторот на овој текст, Спасовски е виновен дури и кога одговара на прашања на други медиуми, поврзани со аферата „Рекет“:

И само преку селектираните медиум Спасовски (за) случајот „Рекет“ ќе рече дека полицијата постапува според насоките добиени од Јавното обвинителство за гонење организиран и сериозен криминал. Ќе ги повика граѓаните да ги пријавуваат сите случаи на корупција за да можеле истражните органи да преземаат соодветни мерки.

Значи, не е добро ниту кога министерот за внатрешни работи молчи за аферата „Рекет“, ниту кога зборува за неа.

Во текстот понатаму повторно со критики за нетранспарентноста на Спасовски:

Спасовски ја одбегнува јавноста, бидејќи ќе му биде поставено прашањето дали полицијата има сознанија каде се наоѓа Јанева во моментов, којашто во најмала рака како сведок треба даде изјава за случајот во кој во притвор се наоѓаат веќе две лица за кои се знае дека одржувале контакт со неа.

Прашањето дали полицијата има сознанија каде е Јанева може да му биде поставено на министерот Спасовски. И повторно важи правилото дека новинарите се повикани да упатуваат прашања на адреса на државни органи и нивни претставници. Но, не и да шпекулираат и шпекулациите да ги претставуваат како факти, како што тоа се прави во текстов што беше предмет на оваа рецензија.