Ѓоковиќ ја прифати понудата на Заев да ја посети Македонија

[Рецензија: Ѓоковиќ го отфрли барањето од Заев, за него е само Македонија (ВИДЕО)]

Преку насловот, Ѓоковиќ го отфрли барањето од Заев, за него е само Македонија, се пренесува порака дека тенисерот ја одбил понудата на Заев да ја посети Македонија, бидејќи понудата од премиерот беше само таа.

Линк до оригиналниот напис: Ѓоковиќ го отфрли барањето од Заев, за него е само Македонија (ВИДЕО)

Датум и време на објавување: 15.7.2019

Датум на рецензирање: 18.7.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

Написот што е предмет на оваа рецензија е класичен пример за тоа како преку лаги се спинуваат информациите и сето тоа се пренесува преку насловот.

Насловот на еден текст е една од најважните работи, бидејќи тој ја доловува сликата за сето она што е напишано и е суштината на самиот текст. Постојат читатели, особено тие што се информираат преку онлајн-изданија, кои практикуваат да читаат само наслови, но не и цели текстови. На тој начин набрзина гледаат што се случувало во текот на денот. Токму затоа е многу важно насловите на текстовите да се информативни, а не манипулативни, бидејќи можат да создадат погрешна слика во јавноста.

Токму таков е примерот со насловот на овој текст, кој е тежок спин. Имено, насловот вели дека тенисерот Ѓоковиќ го отфрлил барањето на Заев, а потоа додава, за него е само Македонија.

Прво е важно да се објасни која е приказната за Ѓоковиќ и понудата на Заев. Имено, Ѓоковиќ на 6 јули ја поздрави Македонија во видеообраќање на својот профил на „Инстаграм“. Во еден дел од видеото Ѓоковиќ ја запеа „Македонско девојче“ и побара од фановите да му испратат фотографии од Охрид.

https://www.youtube.com/watch?v=m5CrXgN8Cks

По ваквиот негов перформанс, се огласи премиерот Зоран Заев, кој на својот фејсбук-профил му упати покана на Ѓоковиќ да дојде и да ја посети Македонија, односно Охрид.

Драг Novak Djokovic, твојата изведба на преубавата „Македонско девојче“ нѐ воодушеви сите во нашата земја.

Прекрасно е чувството кога Ас како тебе му се обраќа со почит и љубов на нашиот македонски народ и на сите граѓани во Северна Македонија.

Те чекаме во Охрид и Скопје и на сите други уави места, тука во нашиот мозаик од култури и вредности. Ти упатувам отворена покана во име на Владата и во име на нашите граѓани.

Воедно, те следиме на Вимблдон и ти посакуваме успх.

По победата на Вимблдон, Ѓоковиќ, одговарајќи на прашање на новинар од Макфакс дали ќе ја прифати понудата на Заев, одговори:

Ја видов поканата и го прифаќам повикот, но не знам кога тоа ќе се случи, но сигурно ќе дојдам во Македонија, бидејќи Охрид морам да го видам.

Видеото од прес-конференцијата може да се види на следниов линк, а одговорите на прашањата на „Макфакс” се на 16,15 минути.

Занчи, Ѓоковиќ ја прифати понудата на премиерот Заев да ја посети Македонија.

Како ваквата информација, написот кој го рецензираме, понатаму ја спинува?

Преку насловот, Ѓоковиќ го отфрли барањето од Заев, за него е само Македонија, се пренесува порака дека тенисерот ја одбил понудата на Заев да ја посети Македонија, бидејќи понудата од премиерот беше само таа. Но, преку додавката, за него е само Македонија, се спинува дека Заев му сугерирал на Ѓоковиќ да не ја вика земјава Македонија, туку Северна Македонија, бидејќи во своето обраќање на „Фејсбук“, Заев го користи уставното име на земјава, согласно Преспанскиот договор. Но тој, во ниту еден момент не го повика Ѓоковиќ да ја вика нашата земја Северна Македонија.

Според тоа, нема никакво одбивање на понуда од Заев од страна на Ѓоковиќ. Но, манипулацијата не запира тука. Таа продолжува и подолу во текстот.

Новиот неформален светски шампион со победата во финалето на Вимблдон ја отфрли сугестијата на премиерот Заев кој по запеаната Македонско девојче со поканата за посета на тенискиот ас му достави индиректно барање за земјава да зборува како за С. Македонија а не само за Македонија.

Понатаму написот самиот се демантира и вели:

На прес-конференцијата по победата на Вимблдон, Ѓоковиќ рече дека ја прифаќа поканата за посета и дека ја видел изјавата на Заев но повторно ја спомена само Македонија без да ја употребува наметнатата придавка.

Значи, Ѓоковиќ ја прифатил понудата на Заев да ја посети Македонија. Тоа е веста и така треба да биде формулиран насловот, а не да шири дезинформации како што е во случајот со овој напис.