Неосновани обвинувања за предавство се шират по „Фејсбук“ преку лажни вести стари цела година

Социјалните мрежи, особено „Твитер“ и „Фејсбук“, се платформи што граѓаните сè почесто ги користат за брзо и инстантно да ги добијат најновите вести, да ги прочитаат најважните информации и да бидат во чекор со актуелните трендови.

Но, не докрај регулираниот медиумски онлајн-простор остава можност овие платформи освен за брзо и масовно ширење на вистината, да се користат и за брзо и масовно ширење на невистината. А, тогаш штетата е многу голема. Читателите се изманипулирани, лагата се вдомила, а вистината е некаде заборавена.

Пишува: Симона Атанасова

„Фејсбук“ нуди опција за креирање групи. Содржините што се постираат во таа група зависат од целта за која била формирана групата. Оваа опција нуди можност во групите да членуваат неограничен број членови, за разлика од личните профили кои не можат да надминат над 5.000 пријателства.

Проблемот настанува кога овие групи се користат за таму да се протнат лаги, манипулации, сензационалистички текстови и спинови, но и бајати вести и притоа со тоа да се добијат лајкови, кликови, споделувања. А, со тоа да се изврши и влијание на јавното мислење, во негативен контекст.

ВЕСТ БАЈАТА ЕДНА ГОДИНА

Последен таков пример е споделувањето на текстот со наслов:

Словенечка „Демокрација“: Заев ги продаде Македонците за 30 милијарди евра.

Написот е проблематичен од неколку причини. Не само што е лага и манипулација туку затоа што информацијата е бајата, стара една година. Текстот е објавен на порталот Јавно на 9 јули, но 2018 година.

Се поставува прашањето зошто некој би буричкал по архива на некој портал и потоа стар текст, кој му фаќа око, да го споделува како да е нов, а со тоа да ја доведува во заблуда јавноста.

Текстот беше споделуван во неколку групи на „Фејсбук“ без притоа да се наведе дека станува збор за стара вест. Постовите на тие групи, кои бројат по неколку илјади членови, имаат неколку десетици лајкови, коментари и уште повеќе споделувања. А, под објавите може да се најдат различни негативни коментари полни со навреди и говор на омраза.

На групите Здраво Македонијо, Makedonski nacionalni interesi, ГОРДОСТ Е ДА СИ МАКЕДОНЕЦ, може да се забележат објави против актуелната власт, објави со поддршка на ставовите на ВМРО-ДПМНЕ како и објави полни со национализам, невистини и сензационализам.

Интересно е што на оваа бајата вест, поради големата споделуваност, наседнал друг портал. Без да биде проверен датумот на објавувањето на првичната вест, текстот е реобјавен на Медиа24 со тазе датум (14 јули 2019 година).

ПРОБЛЕМАТИЧНА СОДРЖИНА

Самата содржина на написот е исто така проблематична. Македонски медиум објавил дека словенечки медиум објавил нешто што наводно го објавил грчки медиум. Притоа, на веб-страницата на грчкиот медиум не може да се најде напис со таква содржина.

Каша попара, а никаде доказ. Се изнесуваат обвинувања за поткуп на македонскиот премиер Зоран Заев и сега веќе поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас за решавање на спорот за името. Тешки обвинувања и напади за кои не е понуден ниту еден доказ, потврда, а веста нема автор, ниту некаков извор или изјава.

И самиот медиум, словенечка „Демокрација“ има сомнителна заднина. Овој медиум, како што пред некое време објавија македонски истражувачки новинари, е во сопственост на истите Унгарци кои што купија медиуми и во Македонија, кои, според уредувачката политика, се блиски до ВМРО-ДПМНЕ.  Словенечка „Демокрација“, пак, е блиска до партијата на Јанез Јанша. А Унгарците сопственици на медиуми во земјите од Западен Балкан се блиски до актуелниот премиер на Унгарија, Виктор Орбан, и до унгарската владејачка партија ФИДЕС. Исто така, веќе добро ни е познато пријателството помеѓу Орбан и поранешниот македонски премиер, бегалецот од правдата и двегодишната затворска казна, Никола Груевски.