„Новиот светски поредок“ на австралиската министерка за здравство ги разбуди теоретичарите на заговор

Фразата нов светски поредок, употребена од здравствен функционер во Австралија, искористена на „Фејсбук“ за пласирање дезинформација дека тоа е основата на целата пандемија со ковид 19

 

Објава на „Фејсбук“, пренесувајќи ја изјавата на шефицата на јавното здравство во Австралија, ја шири добро познатата теорија на заговор за нов светски поредок, која се актуализираше со појавата на пандемијата на корона-вирусот.

Во објавата се наведува, меѓу другото, следново:

Новиот светски поредок беше само теорија на заговор и во главите на забеганите, а сега е реалност што почнуваме сите да ја живееме. Прашање за сите оние што се смееја изминативе години на тие „теории на заговор”, сега кога повеќе не се кријат и јавно кажуваат што реализираат, знаете која е крајната цел на тие „теории на заговор” и што се треба да се реализира? Или повторно е само во нашите глави? Веќе јавно ви кажуваат што прават, а вие упорно тврдите дека се „теории на заговор”. Дефинитивно заслужен ви е ужасот што ви следи.

Што кажа докторката?

Д-р Кери Чант, главен здравствен директор на Нов Јужен Велс, ги „запали“ социјалните мрежи, откако се осврна на „новиот светски поредок“ за време на прес-конференцијата по повод новото заклучување на земјата поради ковид-19.

Двете страни на повторно отворените бизниси ќе мора целосно да се вакцинираат против ковид-19, објави д-р Чант, а на работните места „ќе има некаков систем за проверка на тоа“. Но, нејзиниот следен коментар предизвика бура.

Ќе разгледаме како изгледа следењето контакти во новиот светски поредок – да, тоа ќе бидат пабови и клубови и други работи, ако имаме позитивен случај таму [но] нашиот одговор може да биде различен ако знаеме дека луѓето се целосно вакцинирани, рече таа.

Фразата „нов светски поредок“ е термин што редовно се користи за да се опише времето на промени. Иако терминот „нов светски поредок“ децении наназад го користеле политичарите, меѓу кои и поранешниот американски претседател Џорџ Х. Буш, поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер и поранешниот британски премиер Тони Блер, тој, исто така, беше предмет на голема теорија на заговор, според која зад сцената се врши формирање угнетувачка светска влада, која ќе ја ограничи слободата на граѓаните управувана од сили како илуминатите или масоните. Теоријата често носи антисемитски поттонови.

По изјавата на д-р Чант, терминот „нов светски поредок“ масовно почна да се објавува на „Твитер“ во Австралија, а потоа и низ целиот свет. Една верзија на видеото, објавено од корисник на „Твитер“, има повеќе од 2,5 милиони прегледи. Пребарувањата на „новиот светски поредок“ на „Гугл“ рапидно се зголемија, објави порталот „Крики“ од Австралија.

Се разбира, употребата на фразата не беше најава од главниот здравствен службеник на државата дека се поставува како глобален монарх. (Ако тоа беше целта, би било лошо да се објави на прес-конференција додека власта веќе не е преземена.) Идејата е смешна за секој што не е веќе подготвен да верува, пишува Крики.

Широко употребуван термин

„Нов светски поредок“ е прилично широк поим и има длабоки корени во историјата, но, во 20 век почнува употребата на такви термини од страна на антинацистичките и антифашистичките политичари од типот на Винстон Черчил, па има друга конотација и употреба за време на блоковската поделба на светот, па трета во посткомунизмот, четврта денес итн.

Иако за новиот светски поредок се врзуваат десетина теории на заговор, основното е дека, до денес, ниту една не е докажана, ни потврдена, а на следниот линк на Метабанк може да се видат повеќето разобличувања на теориите на заговор за „новиот светски поредок“, објавувани редоследно и хронолошки.

„Би-би си“, во една опширна анализа за теориите на заговор за новиот светски поредок, појаснува дека тие се секогаш силни кога властите од која било причина не даваат повеќе информации, што резултира со масовна недоверба, што значи поврзани се и со транспарентноста при владеењето. А, колку се опасни овие теории на заговор, зборува и фактот што Европската Унија има посебна страна посветена на теориите на заговор, каде што може да се види како тие да се препознаат и како да се спречи нивното ширење, како дел од општата борба против дезинформациите.

Според ова, можеме да заклучиме дека постот што го анализираме е дел од овие светски теории на заговор според кои пандемијата против корона-вирусот се користи за воспоставување некаков нов светски поредок. Разни теории за новиот светски поредок почнаа да се појавуваат од самиот почеток на пандемијата, а „Вистиномер“ голем дел од нив ги има веќе дебанкирано.

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.