Очигледна тенденција за дискредитирање на пратеничката Александрова

 

[Рецензија: Александрова Работела Како Шанкерка Пред Да Стане Пратеник?]

 

Насловот на текстот што го рецензираме има  цел да ја дискредитира пратеничката Емилија Александрова од независната парламентарна група на ВМРО-ДПМНЕ, на која, инаку,  никаде во кусиот напис не ѝ е спомнато името, туку е објавена нејзина приватна фотографија. Текстот не нуди докази дека работела на шанк, a дури и да работела, тоа не ја дисквалификува да биде пратеник. Насловот, исто така, е напишан неправилно – со големи почетни букви на секој збор.

Линк до оригиналниот напис: Александрова Работела Како Шанкерка Пред Да Стане Пратеник?

Датум и време на објавување: 20.2.2019

Датум на рецензирање: 22.2.2019

Рецензент: Силвана Жежова

 

Малку познати факти за Александрова. Пред да стане пратеник работеше во МВР, ја вработи Мијалков, а пред тоа работела како шанкерка во локална меана во Берово и продавала сладолед летно време на плоштадот. Ете оваа типка дојде ред да одлучува за цела нација.

Текстот што го рецензираме, всушност, не може да се нарече текст, бидејќи пренесува само статус од социјалните мрежи, за чиј објавувач не е познато ниту името и презимето. Притоа, за работата на Александрова пред да стане пратеник не се понудени никакви докази дека, како што се тврди: „Мијалков ја вработил во МВР“. Фотографијата што е приложена, на која таа седи на шанк, не е доволен доказ да се тврди дека порано работела како шанкерка, бидејќи можела да биде направена во различни околности, а не како да е на работно место. Но, и да работела на шанк, тоа не ја дисквалификува да биде пратеничка.

Исто така, тврдењето дека сега таа „одлучува за цела нација“ е тенденциозно, бидејќи Александрова како пратеник  гласа („за“, „против“, „воздржано“), но одлуката ја носи Собранието и каква ќе биде таа одлука зависи од мнозинската волја за секое конкретно прашање за кое расправа парламентот. Односно, Александрова  е само еден глас од 120-те пратеници што гласаат и одлучуваат.

Текстот што го рецензираме е со интенција да го сруши угледот на Александрова злоупотребувајќи нејзина приватна фотографија. Работата на пратениците се оценува низ призмата на нивната активност во парламентот и тие се предмет на опсервација и критика за тоа како ја извршуваат пратеничката функција. Наслови и текстови само со пренесен статус, без поткрепа на искажаното и без да постои јавен интерес за објавеното, не се ништо друго освен  „жолт печат“.