Неодговорно ширење паника преку „Фејсбук“

Фото: PXHere.com.

[Рецензија: Фејсбук-статус ] 

 

Сериски убиец, киднапирања, трговија со органи и планирани убиства беа едни од најчестите, но и најсериозните претпоставки што масовно се ширеа на социјалните мрежи во врска со исчезнувањата на неколку лица во краток временски период, а кои подоцна беа пронајдени починати.

Објавите на социјалните мрежи беа полни со шпекулации, дезинформации, сензационализам, рекла-кажала муабети и сериозни обвинувања без докази. Како што статусите се ширеа масовно, така во јавноста масовно се ширеше паника.

Линк до оригиналниот напис: Фејсбук-статус

Датум и време на објавување: 22.2.2019

Датум на рецензирање: 24.2.2019

Рецензент: Симона Атанасова

 

Задоцнетото соопштение од МВР и ненавремените реакции од надлежните институции оставија простор луѓето да бидат исплашени и загрижени за својата безбедност.

Дел од овие објави беше преземан од некои од порталите со што уште повеќе се прошири паниката кај граѓаните, а одговорност за таквата постапка, за жал, нема.

Еден таков параноичен статус, кој сега е избришан и не може да се најде на профилот каде што беше објавен, за помалку од 24 часа достигна над 1.300 споделувања, над 1.500 реакции и стотици коментари.
Во напишаното имаше сè, само сериозна и потврдена информација – не.

Лицето што го напишало статусот, наводно, пренесува изјави од граѓани на кои им се случила некаква, според нив, сомнителна ситуација. Но, нема ниту едно име и презиме на засегнатите лица, ниту каква било потврда дека ситуациите се реални и вистинити, а не измислени.

„Една граѓанка“, „некој човек“, „кола со затемнети стакла“, „некоја кола“, „друга граѓанка“, „нејзин другар“, „познаничка која има другарка“, се фразите употребени во статусот за да се раскажат наводните ситуации.

Меѓутоа, на ваквите информации, доколку се вистинити, не им е местото на социјални мрежи. Граѓаните што располагаат со некакви сомнителни, загрижувачки информации треба да ги пријават кај надлежните органи (полиција), а не на социјалните мрежи и на таков начин да предизвикаат страв кај граѓаните и општа паника.

По ваквите објави, стигна соопштение од МВР, од каде што ги демантираа дезинформациите објавени на социјалните мрежи.

Министерството за внатрешни работи категорично ги отфрла шпекулациите за постоењето на киднапери. Во Министерството за внатрешни работи досега не се пријавени ниту случаи на киднапирање поради органи ниту се вистинити наводите дека досега на исчезнати жртви им недостигале органи. Министерството за внатрешни работи за последните случаи на исчезнување, кои  се целосно расчистени, јасно и недвосмислено соопшти дека се работи за класични случаи на самоубиство.

Во обид да ја смири ситуацијата, изјава даде и министерот за надворешни работи, Оливер Спасовски, кој апелира на одговорен пристап.

Јас апелирам до граѓаните на одговорен однос и пристап. Најлесно е да седите пред компјутер и да напишете нешто на социјалните мрежи што ќе ги вознемирува дополнително граѓаните на Република Македонија. Вчера прочитав информации за исчезнувања, па после се наоѓале луѓето со недостаток на одредени органи. Апсолутно ги демантирам овие работи и за сите овие случаи на исчезнати лица се врши обдукција на нивните тела и извештаите точно се познати. Во ниту еден момент нема простор за паника.

Со реакција излезе и Институтот за судска медицина.

И за вчерашниот случај и за претходниот со починатата жена, направена е обдукција на Институтот за судска медицина и телата им се предадени на семејствата. Извештајот од обдукцискиот наод ќе му биде предаден на Основното јавно обвинителство. Не се точни информациите дека им недостигале органи. Апелираме да не се шират дезинформации и надлежните да преземат мерки против оние што ги шират дезинформациите.

Правото на слобода на изразување е уставно право на секој човек. Сепак, пред што било да се напише и објави на социјалните медиуми, треба добро да се размисли. Не секоја информација, колку и да изгледа бомбастично, треба по инерција да се објави, сподели, особено ако веројатноста дека е точна е многу мала, а просторот за проверка на веродостојноста е многу тесен.

Секој треба добро да размисли што споделува на социјалните мрежи, кој ќе го прочита тоа и какво влијание ќе се постигне.