Од обична велигденска честитка, до инсинуации за мито на лекарите

[Рецензија: Ги навреди ли Шекеринска докторите и си поигра ли со најголемиот христијански празник Велигден?]

Интригантниот наслов: „Ги навреди ли Шекеринска докторите и си поигра ли со најголемиот христијански празник Велигден? “, предизвикува внимание. Се очекува дека во текстот ќе биде поткрепен барем со изјава од споменатата политичарка. Но, наместо тоа, се инсинуира прашање за поткуп, наводно, поставувано од граѓаните, со што се спинува дека во јавноста постои ваква дебата за една обична велигденска честитка за поддршка на медицинските работници во време на епидемија од коронавирус.

Линк до оригиналниот напис: Ги навреди ли Шекеринска докторите и си поигра ли со најголемиот христијански празник Велигден?

Датум и време на објавување: 19.04.2020

Датум на рецензија: 20.04.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Всушност, една вообичаена порака на поддршка и честитка за празникот Велигден, е злоупотребена и изманипулирана до степен да се вмешаат аспекти како мито и корупција на лекари. Ваквиот тон, барем во коментарите на објавата на Фејсбук не постои. Во коментарите воопшто никој не ја доведува и не ја асоцира објавата со велигденски јајца ставени во кутија од бајадери – со мито.

Оттука, оваа реченица во текстот не може да се оправда со факти:

Со ова јавноста на големо прашува дали таа ги навреди докторите и медицинскиот персонал, а со тоа и си поигра и со најголемиот христијански празник?

Каде е таа ,,јавност” што го прашува ова прашање? Овој коментаторски дел е дозволен, но во коментаторските новинарски жанрови, како на пример, колумната. Фактите и информациите, според Кодексот на новинарите не треба да се мешаат, а мислењето и коментарот треба да бидат одвоени од информацијата и веста.

И прашањата кои се поставени во кусиот текст се беспредметни и немаат за цел да информираат, туку да спинуваат и да ја извртат сликата дека има некаква ,,заднина” во една обична велигденска честитка.

Дали сакаше таа да алудира на поткуп на медицинскиот персонал со бонбониери?!

Ова прашање лесно би можело да биде одговорено, а со тоа да бидат запазени новинарските стандарди, доколку авторот кој не е потпишан, би ја контактирал министерката за одбрана и доколку би ѝ го поставил ова прашање. Тогаш несомнено сè би било уште појасно дали навистина таа алудирала на мито и корупција, или само сакала на лекарите да им го честита празникот и да ги охрабри во екот на пандемијата со Ковид 19. Исто така, во написот нема ниту еден лекар кој е консултиран, а да се нашол ,,навреден” од велигденската честитка.

Сè оди и дотаму што се инсинуира дека функционерката ,,си поиграла” и со Велигден како верски празник, без аргументи, без конкретно да се наведе зошто. Едноставно се зема нејзин статус, се лепат куп претпоставки невтемелени на аргументација и се пушта текстот да плови низ интернет водите. А, ваквиот манипулативен пристап во креирањето на овој материјал има единствена цел да ја дискредитира министерката за одбрана.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.