Насловот на текстот што го рецензираме дезинформира, бидејќи не е забранет влез и излез во Тетово. Владата донесе одлука за забрана на организиран превоз во и од подрачјето на Општина Тетово, што не значи дека има целосна забрана за влез и излез од Тетово.
Линк до оригинален напис: Од утре: Нема влез и излез од Тетово
Датум на објавување: 20.04.2020
Датум на рецензија: 20.04.2020
Рецензира: Силвана Жежова
Од утре се забранува организиран превоз на патници односно забрана за влез и излез во и од подрачјето на Општина Тетово и сите околни општини.
Забраната за организиран превоз на патници во и од подрачјето на Општина Тетово, не значи и целосна забрана за влез и излез. Во владината одлука не се спомнува забрана на превоз со автомобили, туку таа се однесува на превозот со комбиња и автобуси.
Понатаму во одлуката на Владата, во однос на исклучокот од оваа забрана, јасно се укажува дека забраната се однесува на економски оператори. Оттука произлегува дека не станува збор за целосна забрана која би се однесувала на сите превозни средства за влез и излез од Општина Тетово и околните подрачја.
„Владата донесе одлука дека од вторник се забранува организиран превоз на патници односно забрана за влез и излез во и од подрачјето на Општина Тетово и сите околни општини. Исклучок од оваа забрана е организираниот превоз што го вршат економските оператори за своите вработени лица до работните места, како и организираниот превоз на вработените лица во Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија, како и вработените во територијалните противпожарни единици во овие општини,“ се вели во владината одлука која се однесува на Тетово.
Текстот што го рецензираме, коректно ја пренесува одлуката на Владата, но погрешно е протолкувана во наслов. „Нема влез и излез од Тетово“ може да направи забуна кај граѓаните, кои на овој начин се дезинформирани дека не постои никаква можност да влезат или излезат во и од Тетово и околното подрачје. Под економски оператори се подразбира компании кои се регистрирани како превозници, но не и приватниот превоз, односно движење на луѓето со свои превозни средства.