Културата во која денес живееме е презаситена од посредувани информации, пред сè, од страна на масовните медиуми. На пример, од денот на вашето раѓање до денес произведени се повеќе информации отколку во целата историја пред вас! Ова особено е важно во процесот на образование, воспитување и социјализација, каде што медиумите имаат голема и незаменлива улога. Затоа, во овој симболички свет од витално значење е да се научи како да се користат медиумите како најексплицитни носители на тие симболички пораки и како да се интерпретираат нивните пораки. А информации/пораки денес има речиси на сите страни, лесно достапни и кои многу брзо се произведуваат. Потврда за тоа е и податокот од 2.990.151.450 мејла или 2.588.798 блога или 325.066.489 твита кои се испраќаат/пишуваат/дистрибуираат во овој момент, а нивните бројки се менуваат од секунда во секунда.
Во оваа смисла, во светот на сеприсутни и влијателни слики, звуци и текстови, како најкомпетентен противодговор се смета медиумското образование, кое не се однесува само на основните барања во поглед на воспитувањето и образованието, туку и на можноста од користење на тие информации, на развивање компетенции и критика кон медиумската понуда, која ја презеде воспитно-образовната или манипулаторската улога денес. Ова е од особено значење доколку се има предвид фактот колку информации годишно се произведуваат и како истиот тој број секоја година се зголемува за 30%!
Затоа е сосема логично да се бара развивање и практицирање на медиумското образование, а со тоа и подигање на степенот на медиумската писменост во насока на развивање критички став кон она што се сервира преку медиумската понуда, бидејќи кај јавноста, особено кај младите, сè поевидентно е нивното препуштање на медиумите во креирањето на нивниот свет. А, обликот низ кој тоа се прави е форма на пасивизам и премолчено следење на медиумските пораки, како и некритичко апсорбирање на ставовите што медиумите ги нудат. Колку за илустрација, статистиката вели дека во една минута, само на Youtube, канал што има во просек 1.5 милијарди корисници, неселективно се прикачуваат по 300 часа видеоматеријал!
Тоа, од своја страна, не нуди одржлив општествен и демократски развој, туку слепо подведување, преку следење и некритичко прифаќање на информациите од страна на јавноста, која е претворена во безлична и некритична маса на медиумски консументи. Затоа денес толку се инсистира на медиумско образование, кое преку медиумската писменост може да ѝ помогне на јавноста, особено младите, самостојно да проценат и да се одлучат во делот на оценката за (не)тенденциозноста, (не)веродостојноста и (не)вистинистоста на информациите.
И, како што вели Потер, „кога сте медиумски писмени, наоѓате јасни патокази за снаоѓање во светот на медиумите, а оттука можете да дојдете и до саканите искуства и информации, без притоа вниманието да ви го одвлекуваат работите што се штетни за вас. Во ваква ситуација, градите живот каков што вие сакате, не допуштајќи им на медиумите да ви го изградат таков каков што тие сакаат“.