Пандемија на ковид-дезинформации

Истовремено со појавата на пандемијата со корона-вирусот почнаа да се шират и дезинформциите поврзaни со ковид-19. Поради недоволно јасните и некохерентни информации од СЗО и затвореноста на Кина на почетокот на пандемијата, луѓето најпрво почнаа да се сомневаат дали вирусот воопшто постои. Потоа сметаа дека постои, но не е опасен, па дека не треба да се носат маски и дека со ПЦР-тестот се оштетува мембраната на мозокот или се спроведува контрола врз населението. Се ширеа и штетни информации дека алкохолот го уништува вирусот, дека тоа е обична настинка, но и дека јадењето лук ќе ве спаси од инфекција. Сите овие тврдења СЗО ги демантираше.

Сепак, година и пол подоцна дезинформациите не престануваат. Светот се вакцинира под силен притисок на антивакцинална кампања, која е штетна и не се базира на медицински докажани тврдења. Лажно се посочува дека во вакцините има чипови, дека тие ја менуваат човековата ДНК, предизвикуваат неплодност и голем број други лаги чија основна цел е да предизвикаат сомнеж во вакцината.

 

 

Фондацијата „Метаморфозис“ преку проектот „Критинк“ во текот на целата пандемија ги следеше дезинформциите и ги разобличуваше со цел на граѓаните да им понуди релевантни факти за да не потпаднат под опасната пропаганда. Застапени беа дезинформации за самиот вирус, болеста ковид-19, но и антивакцинални наративи, кои поттикнуваат сомнежи и ги тераат луѓето да не се вакцинираат.

Владимир Петрески, уредник на „Критинк“ и на „Вистиномер“, вели дека и по една и пол година од пандемијата, бројот на дезинформации не се намалува.

Тоа што е зачудувачки е што нивото на дезинформации за ковид-19 сѐ уште е големо и имаме појава на репетиција на дезинформации. Значи имаме ситуација на дезинформации што се веќе разобличени и нонстоп се повторуваат. Но, исто како што оние што шират дезинформации знаат да ги повторуваат лагите, ние, исто така, ја повторуваме вистината со надеж дека таа ќе стигне до што е можно повеќе луѓе, истакнува Петрески

Д-р Адхурим Фазлиу,  од ЈЗУ Здравствен дом Скопје и член на Здружение на лекари специјализанти, вели дека во текот на пандемијата се појавија многу видови дезинформации што беа пласирани од разни медиуми, но и од самите пациенти. Како вработен во Службата за брза помош, тој наидувал на граѓани што ги прикриваат вистинските симптоми.

При јавување во Брза помош кажуваа дека имаат други симптоми, а кога ќе се сретнат екипите на Брзата помош со пациентите нидуваа на сосема поинаква фактичка состојба – пациентите кријат дека одредено време имаат температура и други симптоми како кашлица, омалаксаност, исцрпеност…, посочува Фазлиу.

Анализата на дезинформациите поврзани со ковид-19 во Северна Македонија на Фондацијата „Фридрих Науман“ и „Метаморфозис“ покажа дека е неопходно да се гради култура на критичко мислење и општествен дијалог на сите нивоа. Анализата спроведена на 479 антидезинформациски написи покажа дека 1/3 е верзија којашто кружи низ целиот свет со главно потекло од САД, Русија и Кина. За жал, медицинските власти често посочуваат дека фактор за смртност е што дел од пациентите предоцна бараат медицинска помош, зашто претходно губеле време со алтернативни пристапи како инхалации, горење темјан, пиење алкохол или гаргара со солена вода, лук или кромид, јадење зеленчуци и тревки.