Критичкото мислење кај младите

Аделина Рамадани од НВО „Медиум“ од Гостивар потенцира дека  критичкото размислување е битно за да се спречи одредена манипулација и донесување погрешни заклучоци. Рамадани истакнува дека нивните анализи на терен покажале оти постои широко распространета медиумска неписмесност, особено во руралните средини, изразена меѓу младите и маргинализираните групи

 

Младиот Давид Георгиевски мислел дека може многу лесно да ги препознае лажните вести, но самиот се изненадил кога неодамна увидел дека не било баш така. „Научив многу нови работи за дезинформации и за лажни профили, што за мене беше голем предизвик“, вели тој споделувајќи ги своите впечатоци од учеството во проектните активности за медиумска писменост, организирани од НВО „Центар за аудио и аудио-визуелни уметности Крива Паланка“, а во рамките на проектот „Критинк“. Жаклина Цветковска од оваа граѓанска организација вели дека треба да има повеќе вакви едукативни работилници на кои младите би биле интерактивно вклучени на теми поврзани со критичка опсервација на информациите, особено на оние што се шират на интернет.

Да научи да разликува точна и релевантна информација од лажна вест било вистински предизвик и за Бојан Радески кога работел на темата: Читај вниматело, анализирај паметно“. Тој со група млади луѓе бил вклучен во едукативниот проект на НВО „Медиум“ Гостивар. Аделина Рамадани од оваа невладина организација потенцира дека критичкото размислување е битно за да се спречи одредена манипулација и донесување погрешни заклучоци. Рамадани истакнува дека нивните анализи на терен покажале оти постои широко распространета медиумска неписмесност, особено во руралните средини, изразена меѓу младите и маргинализираните групи.

Според Бисера Бијелиќ од НВО „Ганимед,“ Битола, учениците се желни за неформално образование.

Тие сакаат да излезат од училишните клупи и да научат нешто надвор од нив, вели таа.

Притоа додава дека доколку имаат можност, би го прошириле овој проект со тоа што ќе опфатат и малку помлада популација, односно основци – ученици од шесто, седмо, осмо и деветто одделение. Бијелиќ смета дека медиумската писменост е особено важна и треба да најде повеќе место во формалното образование во училиштата.

Лилјана Танчева од НВО „Мултус“ Гевгелија посочува дека поттикнувањето на критичкото размислување е значајно за младите лица, меѓу другото, и поради тоа што се постојано „закачени“ на интернет и „бомбардирани“ со мноштво информации. Таа укажува дека проектни активности од ваков тип се корисни за да се предупредат тинејџерите да внимаваат на „фишинг“ – измами на социјалните медиуми. Танчева има впечаток дека младите сакаат нешто повеќе и различно од класичната едукација, па бараат малку понеформални методи во пренесувањето на знаењата и вештините.