Пет практични совети како да идентификувате дезинформации и лажни вести!

 

Кој е медиумот, кој е домејнот, колку други медиуми ја пренеле веста итн., се само дел од методите за да проверите дали една вест е лажна или е нешто сомнително со фактите во текстот

 

Пишува: Фатлуме Дервиши

Лажните вести постоеле отсекогаш, но последниве години со развојот на интернетот и на онлајн-медиумите тие се проширија, па дури и станаа начин на заработка. Онлајн-медиумите го олеснија „правењето“ вести, но го отежнаа препознавањето на веродостојните медиуми. Читателот треба да биде внимателен и да забележи некои од карактеристиките на овие вести, неусогласеноста на фактите, а понекогаш дури и „играта“ со предрасудите.

Лажните вести можат да се идентификуваат или барем да се прочитаат со критичко око и одреден степен на скептицизам во однос на нивната вистинитост. Почнете со некои прашања!

Кој е медиумот што ја пренесува веста?

Ако наидете на вест што ви го привлекува вниманието и сакате да знаете колку можете да верувате во неа, погледнете ги другите содржини на тој медиум, проверете ги другите наслови и првите пасуси на написите. Доколку во сета содржина има повеќе наслови што изгледаат чудно, толку поголема е веројатноста информацијата да не е точна.

Кој е изворот за кој се однесуваат информациите?

Професионален принцип на новинарот е да ги потврди информациите од повеќе извори и да ги контактира засегнатите страни пред да биде објавена информацијата. Исто така, право на новинарот е да го прикрие идентитетот на изворот, но мора да се внимава на довербата на веста. Доколку го крие изворот, новинарот мора да даде што е можно повеќе информации за да го потврди тоа што го пишува.

Дали има други медиуми што ја објавиле таа вест?

Доколку прочитате напис за вонреден и интересен настан, метод за проценка на неговата автентичност може да е објавувањето на истиот настан од други медиуми. На пример, ако веста дека некој министер имал сообраќајна несреќа ја пренесува само еден портал и не се најде во кој било друг медиум, шансите дека тоа е „лажна вест“ се големи.

Колку се реални можностите една ваква бомбастична информација да биде веродстојна?

Лажните вести главно имаат цел да привлечат внимание, да добијат што повеќе кликнувања и да манипулираат со публиката. Така, тие честопати зборуваат за бомбастични приказни, кои изгледаат многу интересни, сензационални, предвидуваат идни катастрофи и лекови за смртоносни болести и слично. Што подалеку е информацијата од реалните можности, толку е поголема веројатноста веста да биде лажна.

Колку е сомнителен домејнот на медиумот?

Секако, имало случаи да се отвораат портали со името или домејнот на некој познат и доверлив медиум, можеби и на некоја позната програма, емисија или друг формат на одреден медиум. На пример, можете да видите информации објавени од www.bbcnews.com, а да не се работи за британскиот гигант Би-би-си (www.bbc.co.uk), туку за медиум што го „искористува“ нивниот кредибилитет и слава да ги сподели своите содржини. Причина за оваа манипулација со името мора да има, а, најверојатно, тоа е ширењето „лажни вести“.

Прашања за кои треба да се дискутира се и следниве: до колку луѓе може да стигнат лажните вести, колку луѓе може да ги прифатат и колку влијание може да имаат ваквите вести. Ова исто така зависи од други карактеристики, особено поврзани со општото образование, медиумската писменост на читателите или општеството и од тоа колку граѓаните ги користат медиумите. Да се потсетиме со примерот на „лажни вести“ што беа „креирани“ кај нас во 2015 година и се „прочуја“ низ целиот свет.

„Трамп можеби немаше да биде најмоќниот човек на светот ако не постоеја лажните вести, т.н. fake-news, кои се споделуваа повеќе од милион пати на социјалните мрежи“, напиша германскиот културен весник Die Zeit. Преку лажните вести, во 2015 година за време на претседателската кампања во Белата куќа, конкурентот на Трамп, Хилари Клинтон, беше нападната од неколку велешки тинејџери, кои креираа и објавуваа лажни вести.

Според тие вести, Хилари е маж кој страда од неизлечива болест, се обидувала да го убие основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, додека пак нејзините вработени имаат проблеми со мозокот и се занимаваат со педофилија. Овие вести се сервираа како напишани од „експерти“ и „внатрешни извори“, при што добија стотици „допаѓања“ на „Фејсбук“. Прочуените тинејџери добиваа големи суми од кликањата и рекламирањето онлајн, но многу малку читатели знаеја дека тие содржини се напишани за профитирање.

Кога станува збор за лажните вести, треба да се напомене дека има и други медиуми или платформи со сатирична содржина. Тие споделуваат делумно или целосно фабрикувани податоци. Оваа форма на лажни вести е прифатлива, но засегнатите медиуми треба јасно да наведат во своите написи дека се работи за сатирични и хумористични информации.