Пет практични совети како да ги препознаете дезинформациите!

Слика: VideoPlasty via Wikipedia, CC BY-SA.

Дезинформациите постоеле отсекогаш, но во последните години, со развојот на интернетот и онлајн-медиумите, тие се многу позастапени и дури станаа начин за профит. Онлајн-медиумите го олеснија „правењето“ на вестите, но го отежнаа препознавањето на веродостојните вести. Читателот треба да биде внимателен за да увиди некои карактеристики на овие вести, несовпаѓање на фактите, а понекогаш дури и „игри“ со предрасудите.

 

Пишува: Фатљуме Дервиши

 

Дезинформациите може да се идентификуваат или барем да се прочитаат критички и со доза скептицизам во однос на нивната вистинитост. Започнете со неколку прашања!

  1. Кој е медиумот што ја пренесува веста?

Ако наидете на вест што го привлекува вашето внимание и сакате да знаете колку можете да ѝ верувате, разгледајте ги накратко другите содржина на тој медиум, погледнете ги другите наслови, првите параграфи на информациите… Ако во тие содржини има повеќе наслови што изгледаат чудно, многу е веројатно дека информациите не се точни.

2. Кој е изворот на кој се повикува новинарот?

Професионален принцип на новинарот е информациите да бидат потврдени од повеќе извори и да се контактираат вклучените страни во веста пред таа да биде објавена. Право на новинарот, исто така, е да го скрие идентитетот на изворот, но мора да води грижа за довербата што би ја имале читателите на веста. Ако се одлучи да го сокрие изворот, новинарот мора да обезбеди што е можно повеќе други информации за да го докаже на друг начин она што го пишува.

3. Дали има други медиуми кои ја објавиле таа вест?

Ако прочитате за некој неверојатен и интересен настан, мерка за неговата веродостојност може да биде и пренесувањето на тој настан од другите медиуми. На пример, ако веста дека министер имал несреќа е пренесена од само еден портал и не може да се најде во ниту еден друг медиум, има шансите таа да биде „лажна вест“.

4. Колку е реално да биде веродостојна една таква бомбастична информација?

Дезинформациите главно се прават со цел да привлечат внимание, да постигнат што повеќе кликови и да манипулираат. Затоа тие често имаат бомбастични приказни кои изгледаат многу интересно, сензационално, предвидуваат идни катастрофи, лекови за смртоносни болести и слично. Колку што изгледа информацијата подалеку од реалните можности, толку е поблиску да биде „лажна вест”.

5. Колку сомнителен е доменот на медиумот?

Сигурно, повеќепати ви се случило да се отворат портали со име или домен на некој добро познат и доверлив медиум или пак, на некоја програма, емисија или друг формат од друг медиум која е доста следена. Пример, можете да видите објавени информации од веб-страницата www.bbcnews1.com, а да не станува збор за британскиот гигант BBC (www.bbc.co.uk), но за медиум кој го „користи“ кредибилитетот и славата на BBC за пренесување на неговата содржина. Зад оваа манипулација со името мора да постои причина, а најверојатно, причината е споделување „дезинформации“.

До колку луѓе можат да достигнат дезинформациите, колку луѓе можат да ги апсорбираат и колку влијание може да имаат се дискутабилни прашања. Тоа зависи и од други карактеристики, особено тие што се поврзани со образованието, медиумската писменост на читателите или на општеството, и колку тие ги користат медиумите. Да се присетиме на примерот на „лажните вести“ којшто беше „зачнат“ кај нас, па се прошири во 2015 година и се слушна низ целиот свет.

Трамп можеби немаше да биде во позиција на најмоќен човек во светот, доколку немаше дезинформации, т.н. лажни вести, споделени милион пати на социјалните мрежи, но кои беа дезинформации – напиша германскиот културен весник „Ди Цајт“.

Преку „лажните вести“ во 2015 година, за време на изборната кампања за претседател на Белата куќа, беше нападната противничката на Трамп, Хилари Клинтон, од некои тинејџери од Велес, кои произведоа и објавија дезинформации.

Таа, според овие „вести“, е маж, кој страда од неизлечива болест, се обидела да го убие основачот на „Викиликс“, Жулијан Асанж, а нејзините вработени имаат проблеми со мозокот и практикуваат педофилија. Овие вести биле сервирани како напишани од „експерти“ и од „внатрешни извори“, при што добија стотици лајкови на „Фејсбук“. Станува збор за тинејџери кои профитирале огромни суми од кликови и реклами преку интернет, но многу малку читатели знаеја дека тие содржини беа напишани за профитни цели.

Кога станува збор за дезинформациите, треба да се истакне дека постојат медиуми или други платформи со сатирична содржина. Тие шират делумно или целосно измислени податоци. Оваа форма на дезинформации е прифатлива, но таквите медиуми треба јасно да наведат во своите написи дека станува збор за сатирична информација и хумор.