Девојката од оваа фотографија не работи во „централната банка во Лондон“ и таква банка нема

Во вирален пост на „Фејсбук“, на која е претставен бакнеж во челото меѓу ќерка и татко, лажно се тврди дека девојката на сликата е директор на централната банка во Лондон. Постот има цел да предизвика емоционална реакција кај публиката, односно корисниците на социјалните мрежи да се поведат од фактот што девојка од сиромашно семејство стигнала до висока позиција во британското општество, а притоа не го заборавила и својот татко, кој, инаку, работел како хигиеничар во комунално претпријатие. Постот уште и додава дека таткото наводно ѝ кажал на ќерка си да не кажува никому дека пораснала во сиромашно семејство и дека тој работи како ѓубреџија, но дека самата таа ја објавила фотографијата следниот ден со благодарност за татка си, кој ѝ подарил образование и правел финансиски напори за време на нејзините студии.

 

Но, дали навистина е ова така или фотографијата се користи за да се манипулира со чувствата на корисниците на социјалните мрежи со цел на страницата што го објавува постот да ѝ бидат донесени нови реакции, споделувања, видливост и интернет-сообраќај?

Прво, бидејќи во текстот се тврди дека девојката е директор на „централна банка на Лондон“, утврдивме дека такво нешто не постои. Има банка која се вика Bank of England и таа е централна банка на целото Обединето Кралство.

Како што може да се види од следниот линк, оваа иста фотографија и на други места во светот е употребена со истата приказна, но со променета локација, со променети имиња на работното место на девојката. Така, тука девојката се претставува како да е од Иран. Најчесто на интернет, односно меѓу првите пати кога оваа фотографија е споделена, се тврди дека на неа се татко и ќерка од Иран.

На друго место на интернет, пак, на англиски јазик се тврди дека девојката самата ја испратила фотографијата до медиумите со порака дека го сака татка си многу и дека тој работи како хигиеничар. Како и со други постови и фотографии на „Фејсбук“, имињата и околностите се менувани. Автентичноста на фотографијата, кои се луѓето на неа, каде е снимена, сите овие околности варираат, со цел да се предизвика што поголем сообраќај во сите земји каде што фотографијата се споделува. Станува збор за исклучително вирална фотографија во светски рамки. Ја има објавено и на руски сајтови.

Интересно е да се забележи дека ликовите на неа не се познати, односно не можат да се пронајдат со пребарување на интернет, иако приказната за ќерка и татко кој е хигиеничар е конзинстентно запазена од САД до Русија, во постовите што се споделуваат. Единствено променета е локацијата на настанот, или, пак, местото каде што наводно работи девојката, затоа што тие што ја споделуваат ја чувствуваат оваа содржина поблиска ако се случила во некоја област блиска до нивната држава.

Иако станува збор за вирален пост, кој ја има заобиколено планетата, не може да се потврди тоа што се тврди, дека девојката од фотографијата самата ја постирала на социјалните мрежи или, пак, дека ја однела самата во медиумите. Тоа е измислица, затоа што ниеден медиум во светот ја нема објавено оваа фотографија. Оваа содржина што ја рецензираме, навистина содржи благородна порака децата што работат на елитна позиција да не ги забораваат своите родители и да се гордеат со нив, сепак нејзината автентичност не е позната. Не е познато дали навистина девојката е вработена на висока позиција, со оглед на тоа што во секоја држава, нејзината работна позиција е сменета во постовите. 

Во секој случај, во конкретниот пост што го рецензираме, јасно е дека таа не работи во „централната банка во Лондон“, зашто таква институција не постои. Со овој емотивен наратив се прави обид да се афирмира и да се прошири содржина базирана не на нејзината фактичка вистинитост, туку на приказната што над фотографијата некој ја објавува, модифицира и на таков начин креира содржина каква што му одговара за да го максимизира сообраќајот на неговата страница.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.