Виктор пече леб и им го дава на бездомниците. Бар така тврди оваа фејсбук-објава на која има фотографија од човек со векна леб во рацете и уште неколку векни до него. Но, ова ниту е Виктор ниту овие векни леб се за бездомниците. Ова е чиста измислица која ја измамува јавноста за некој лајк повеќе.
Здраво, добри луѓе! Моето име е Виктор. Сам печам леб и им го давам на бездомниците.
Дајте ми поддршка, напишете нешто ве молам, би ви бил многу благодарен ?
Кога ќе наидете на ваква објава на социјалната мрежа „Фејсбук“, ќе ви се активираат емоциите и емпатиjaта и секако ќе искоментирате нешто на оваа објава, ќе ја споделите за да дадете поддршка како што, наводно, бара Виктор.
Но, ова е измама. Објавата емотивно манипулира со корисниците на социјалните мрежи за да предизвика емпатија, а со тоа и стотици коментари со пофалби и поддршка за човекот на сликата и речиси 300 споделувања поради неговата наводна добрина и хуманост. Најголемиот дел од овие луѓе се измамени затоа што поверувале дека напишаното во објавата навистина се однесува на тоа што го прикажува сликата.
Бидејќи објавата е на македонски јазик, а името е Виктор, кое што е едно од најчестите имиња во Македонија, реално е да помислите дека станува збор за човек од Македонија. Дека ова е првиот заклучок што најверојатно ќе го донесете, потврдуваат и стотиците коментари на објавата од корисници на социјалните мрежи што мислат дека овој човек се наоѓа во Македонија, па дури и се нудат да помогнат со купување брашно. Некои дури бараат повеќе информации за човекот на сликата за да можат да помогнат. Но, не можат да помогнат затоа што тој не е од Македонија.
Овој „Виктор“, пред еден месец бил актуелен и во Бугарија, каде што на неколку фејсбук-страници и групи е објавена оваа слика со истиот текст само на бугарски јазик. И таму собрал голем број симпатии, илјадници коментари, реакции и споделувања.
Минатата година, „Виктор“ бил популарен и во Србија. Во објавата на фејсбук- страница во Србија, не му е дадено име, ниту се тврди дека лебот е за бездомници, но сепак се цели кон предизвикување некаква емоција кај публиката за да има и соодветна реакција.
Човекот со векните леб го имало минатата година и на социјална мрежа во Русија, каде што во објавата исто така се тврди дека човекот пече леб за оние што имаат финансиски потешкотии, a руски објави може да се најдат и на „Фејсбук“.
„Испеков леб за соседите“ се вели во објавата на истата слика, овој пат на фејсбук- страница од Словачка, како и во Романија, каде што е споделен со текст „домашен леб“.
Оваа слика може да се најде и на социјалната мрежа „Твитер“, со објава на грчки јазик, повторно со тврдење дека лебот е за сиромашните.
Од сево ова може да се заклучи дека ова ниту е Виктор ниту лебот се пече за бездомниците во Македонија, Русија, Бугарија, Романија или во некоја од другите земји каде што фотографијата е вирална.
Оваа фотографија заедно со лажното објаснување со цел да добие што е можно повеќе кликови, коментари, споделувања, а со тоа и голема видливост, си поигрува со емоциите на јавноста и ја наведува да помисли нешто што не е точно.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.