Случајот со д-р Дејан Докиќ ја покажа важноста на брзата проверка на факти на „Фејсбук“

Брзата проверка на факти од страна на „Вистиномер“ значително го намали ширењето на дезинформациите за ковид-19 припишани на лекарот д-р Дејан Докиќ

 

Пишува: Тимот на „Критинк“

Угледниот лекар д-р Дејан Докиќ реагира на ширењето на вирален пост на „Фејсбук“ со кој се дезинформира во врска со неговите ставови и препораки поврзани со пандемијата на ковид-19.

Во утринските часови на 29 март 2021 г. голем број корисници на „Фејсбук“ oд Република Северна Македонија споделуваа објава, која почнуваше со титулата и името на лекарот, со подолг текст во кој се наведени одредени согледувања во врска со пандемијата, мерките и начините на заштита, напишани со предупредувачки и скоро апокалиптичен тон. Таквата манипулација, лажно припишана на лекар, може да поттикне паника, очај и недоверба во напорите на медицинските работници и надлежните институции.

Сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ контактира со доктор Докиќ, кој изјави дека содржината не е негова, а оној што ја исфабрификувал би требало да го користи својот сопствен идентитет.

Снимка од екран на профилот на Фејсбук на д-р Дејан Докиќ кој не беше поврзан со лажните објави припишани на лекарот.

Д-р Докиќ објави и јавен демант на својот профил на „Фејсбук“:

Почитувани
Денес видов дека на социјалната мрежа facebook се споделува текст кој наводно сум го напишал јас. Категорично ги демантирам наводите изнесени во тој текст и изјавувам дека јас не стојам зад истиот.
Случајот кој е на штета на мојот углед и професионалност и има за Цел да шири паника во јавноста, утрово го пријавив во полиција.

Пример на објава со дезинформација припишана на д-р Докиќ чија авторка самата ја избришала по добивањето порака (нотификација) за извршена проверка на факти. Претходно бил споделен повеќе од сто пати.

Некои од овие лажни објави имаат и по стотици индивидуални споделувања.

 

Ефектот на брзата проверка на факти

Со брзата интервенција на „Вистиномер“, која се заснова на учеството на неговата матична организација Фондацијата „Метаморфозис“ во Програмата за проверка на факти од трети страни на „Фејсбук“, објавите на фабрикуваниот текст кои може да ги идентификува тимот на проверувачи на факти се обележани како дезинформации.

На таквите објави системот на „Фејсбук“ додава информација дека е проверена вистинитоста, со линк до објаснувањето, а луѓето што ги објавиле и споделиле по таквото обележување добиваат и порака од „Фејсбук“ дека е извршена проверка и дадена оценка за вистинитоста. Целата процедура на проверка на факти е насочена кон информирање на граѓаните, без при тоа да се врши бришење или блокирање туѓи постови.

Тешко е да се определи точно колку корисници ја имаат споделено лажната порака од докторот, бидејќи многумина од нив сами си ги избришале своите објави по дознавањето за демантот.

 

Важноста на улогата на граѓаните

Самиот начин на споделување на оваа содржина треба да разбуди сомнение, бидејќи текстот не се споделуваше реку опцијата „сподели“ (share) на оригинална објава на „Фејсбук“ од профил на личноста на која ѝ се припишува, туку преку копирање на текстот во сопствени објави (постови) на профилите на луѓето што го шират.

Со таквиот начин е многу потешко да се утврди кредибилитет на објавата, оти прво не се знае кој прв почнал, а второ, луѓето кога ќе видат „своерачна“ објава на профилот на свој пријател подразбираат дека лицето што го „напишало“ текстот стои зад него, дека штом го пишува тогаш и го има проверено напишаното. Со тоа при вакви пораки-синџири се злоупотребува довербата што од претходно постои меѓу пријателите.

Основна работа што еден корисник на „Фејсбук“ може да ја направи ако кај свој пријател наиде на пост што му се припишува на трето лице е наместо да ископира и сподели, прво да погледне дали таква објава има на профилот на кој му се припишува.

Внесување на името и гледање туѓ профил, макар и да се работи за неколку опции (на пр. кирилица и латиница) одзема само помалку од една минута, а таа постапка може да заштеди огромно количество неволји за сите вмешани (како и правни последици – види подолу).

Во случајот со д-р Докиќ, таква објава немаше, што би требало да поттикне барем преиспитување, а во најдобар случај дискусија со пријателот што споделува за тоа од каде и зашто пренесува сомнителни тврдења.

Исклучително важно е секој индивидуален граѓанин и граѓанка да бидат свесни дека нивниот збор има голема тежина (дури и во форма на објава на социјалните мрежи) и дека поради тоа треба да внимаваат да не подлегнат на „психологија на стадо“ односно  автоматско имитирање на постапките на оние што им се блиски, без да се прашаат што, како и зошто.

 

Медиумите мора да проверат пред да објават

Дополнително дејството на оваа дезинформација го засилија и одредени медиуми, кои без да извршат новинарска проверка на фактите, го пренеле текстот пренесен од пријатели на свои вработени.

Проверката на факти освен како посебен новинарски жанр негуван од специјализирани публикации како „Вистиномер“ би морало да е и дел од секојдневниот уредувачкиот процес во кој било медиум. Оваа вредност е наведена и во член 1 на Кодексот на новинарите на Македонија:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

За потребата новинарите да не пренесуваат содржини од социјалните мрежи без проверка и додавање контекст уште од 2014 година укажува и Сервисот за проверка на факти од медиумите, преку новинарски лекции и рецензии на конкретни примери.

Дел од написите во кои се споменува Докиќ на 29.3.2021 г. забележани од агрегаторот Time.mk.

Добра страна на тековниот случај со дезинформацијата за д-р Докуќ е што изгледа дека поголем број медиуми сепак го пренеле демантот, наспроти „известувањата“ што неточната објава ја претставуваат како точна. За медиумите кои наседнале е важно да го објават не само демантот, туку и извинување до јавноста, т.е. своите читатели, како и самиот субјект на тие написи, во случајот д-р Докиќ.

 

Правни рамки

„Вистиномер“ уште пред една година укажа дека според Член 205 став 5 од Кривичниот законик, граѓаните или медиумите што шират лажни вести поврзани со пандемијата на ковид-19 можат да добијат од парична казна до затвор помеѓу една и пет години.

Тој што ќе ја загрози сигурноста на друг со лажна закана за пренесување или со ширењеневистинити тврдења за постоење на неизлечлива заразна болест ќе се казни со парична казна или затвор до шест месеци.

Во вакви случаи, лицето чиј углед е оштетен со грубиот фалсификат и „невниманието“ на лицата што го споделувале лажниот текст верувајќи дека е вистинит има право да покрене и граѓански тужби според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета против сите вмешани во ширењето на дезинформацијата.